Сигурен сум дека политичките лидери во Северна Македонија уште еднаш ќе покажат политичка храброст и лидерство и ќе направат сè што е потребно за да може Северна Македонија да влезе во Европската унија, како што направија кога земјата го смени името за да влезе во НАТО, порача на 11 април специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин. Тој во рамките на турнејата низ Западен Балкан, ја посети и Северна Македонија.
На брифинг со новинарите во Американското катче, сместено во Економскиот факултет во Скопје, тој рече дека на интернет просторот во Македонија со голема брзина се шират лаги и дезинформации. Ниту односите меѓу Скопје и Софија и дебатата за уставните измени потребни Македонија да го продолжи интегративниот пат не се имуни на оваа појава, додава Рубин.
„Има такви во регионот и во Кремљ кои не сакаат да се направи прогрес во евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Сигурен сум дека седат и размислуваат како да направат проблем. Се надевам дека тукашната Влада ќе соработува со нас да овозможи целото општество да се справи со тие информации“, вели Рубин.
Тој вели дека има многу загадувачи на медиумскиот простор во Бугарија кои објавуваат малициозни стории, информации и манипулации, а понекогаш дури и лаги. Запознаен е, додава, со случаи во Бугарија на новинари кои се платени да пишуваат и да повторуваат лаги и оти за ова ќе разговара со бугарските власти кога ќе ја посети Софија.
Рубин вели дека регионот на Западен Балкан е сериозно затруен со руски дезинформации, кои најчесто се шират преку Србија.
„Главен извор на закани во овој дел на светот се руските дезинформации, често повторувани преку српските медиумски платформи, кои служат како центар кој ги повторува и објавува овде во Северна Македонија, во Црна Гора и низ Западниот Балкан“, вели Рубин.
„Ако Србија не најде начин повеќе да не биде центар за руски дезинформации ќе биде тешко да биде почитувана членка на европската заедница на нации“, вели тој.
Според него, нормализацијата меѓу Србија и Косово ќе донесе големи промени во регионот.
Рубин посочува дека македонската влада препознава дека има закана и сака да работи со САД за да изгради капацитети за справување со овој проблем.
Според него, одговорот на ваквите закани не може да се очекува од една држава туку од повеќе држави заедно затоа што информациите течат и се шират, па решението ќе биде поуспешно ако повеќе држави работат заедно. САД може да ѝ помогне на македонската влада со, рече тој.
Тој рече дека САД ќе им помагаат на институциите во Македонија со аналитички способности и со техничка поддршка, експертиза и искуство да се борат со дезинформации, со прашања поврзани со регулација на социјални медиуми, што е многу комплицирано, вели Рубин, но и за начинот на комуникација со социјалните медиуми кои се во сопственост на американски компании.
Рубин вели дека дезинформациите имаат за цел да внесат раздор меѓу населението. Како пример го посочува примерот со руската инвазија врз Украина. Во тој случај работите се црно-бели, многу е јасно кој е агресорот, а кој жртвата, но луѓето на глобалниот југ не го препознаваат тоа како црно-бело, токму поради руските лаги.
„Путин мислеше дека ќе успее да ја освои Украина, да ја собори владата и да ја подели Европа, но не успеа, но тоа не значи дека Русија ќе прекине да го шири отровот на дезинформации и поделби, што е нивната намера“, рече Рубин.
Специјалниот американски пратеник денеска се сретнал со премиерот Димитар Ковачевски, со првиот вицепремиер Артан Груби, со министерот за информатичко општество Азир Алиу и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов. Рубин имал средба и со министерката за одбрана Славјанка Петровска. Акцентот на разговорите бил ставен на потребата вмержување на сите партнери за подобро справување со дезинфомациите.
Со министерката за одбрана разговарале и за начините како Министерството за одбрана ги развива своите капацитети за справување со дезинформации.
Петровска порачала дека јасно видливо е зголеменото ниво на дезинформации поврзани со поддршката што Северна Македонија ја дава за одбрана на Украина, исто како што тоа било евидентно и во однос на полноправното членство во НАТО.
Рубин пред посетата на Скопје, ја посети Црна Гора, а на пат кон Македонија кусо беше и во Косово. Подоцна неделава ќе ја посети и Албанија каде ќе учествува на конференцијата на американските амбасадори во земјите од Западен Балкан.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Рубин во интервју за косовскиот сервис на Радио Слободна Европа, рече дека нема да ја посети Србија во оваа прилика, со оглед на неговото „минато“. Тој вели дека веројатно „не е најдобриот дипломат кој треба да се сретне со претставници на српската влада“, алудирајќи на неговата работа за Стејт департментот за време на војната во Косово.
Џејмс Рубин беше назначен на должноста специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, од државниот секретар Ентони Блинкен во декември 2022 година.
Има 35-годишна кариера во надворешната политика. Работел како дипломат, политички советник, коментатор, професор и репортер.
Рубин беше портпарол на Стејт департментот за време на војната на Косово, а до 2022 година и помошник државен секретар, за време на мандатот на Медлин Олбрајт, во администрацијата на претседателот Бил Клинтон.