Власта тврди дека пописот ќе биде одложен утре, претседателот на Собранието Талат Џафери предупредува дека можеби ќе треба повеќе време.
Министерот за правда Бојан Маричиќ тврди дека измените на Законот за попис се мали и нема да биде потребно многу време. Џафери, пак, вчера рече дека сепак постојат процедури кои треба да се запазат и дека процесот може да се одолговлечи.
Во Собранието треба да поминат измени, од кои едната се однесува на датумот, а другата е за можноста иселениците да се самопопишуваат до последниот ден од теренското попишување на резидентното население во земјава. И измените ќе одат со европско знаменце и по скратена постапка, како што првично беше донесен и Законот за попис.
Удар и врз Собранието и врз довербата во пописот
Сенка на целиот процес фрла и тоа што договорот за одложување падна на средба меѓу партиски лидери, а Собранието беше прескокнато.
Начинот на одложување на пописот е во контрадикторност со тврдењето дека пописот е статистичка, а не политичка операција, вели професор Мирјана Најчевска.
„Доколку е статистичка операција нема зошто политички или партиски лидери да се договараат околу нејзиното спроведување или неспроведување, нема причини зошто институциите да не си ја завршат својата работа и дефинитивно нема зошто целиот процес на пописот да се става во функција на партиското договарање“, вели Најчевска.
Таа додава дека е крајно нејасно зошто е одложен пописот, дали е тоа поради пандемијата или пак е лош законот, односно методологијата или пак, мислат дека тоа е најдобро за политичките партии и нивните цели.
„Навистина останува крајно нејасно што е причината и автоматски сето тоа ќе остави голем белег на која било активност поврзана со пописот којашто во иднина ќе се проведе“, вели професор Најчевска.
Видете и ова: Ќе донесе ли пописот деформирани бројки?Политичкиот аналитичар и новинар Џелал Незири се сомнева дека и во септември ќе има попис. Тој вели дека со политизацијата на целиот процес се уништи пописот како статистичка операција.
„Она што се случи е deja vu на пописот во 2011 година кога од икс причини пописот беше поништен. Ако ние и оваа година немаме попис, тоа ќе значи уште едно одложување за 10 години. Ако уште една државата потфрли тогаш ќе има проблем не само со бројките за изготвување на стратегии и проекции, туку и за избирачкиот список. Мора да има конкретни бројки за планирање на развојот“, вели Незири.
Незири вели дека освен што е изгубена довербата во спроведувањето на пописот, нанесена му е удар и на Собранието, каде што треба да одвиваат измените на законите.
„Мора една за секогаш кај нас сите процеси да се одвиваат во Собранието, не е консолидирана една демократија која се заснова врз одлуките кои ги носат политичките лидери, во тој случај ние немаме демократија, туку имаме еден вид на трибализам, каде што поглаварите на племињата се договараат притоа не земајќи ги в предвид ниту законите, ниту Уставот, ниту ништо“, вели Незири.
Видете и ова: Мицкоски-Заев: пописот во септември, ВМРО-ДПМНЕ ќе соработува за ЕУ и корона законитеНа три дена пред почетокот на пописот партиските лидери на двете најголеми партии се договорија тој да се одложи. Договорот за одложување на операцијата падна на лидерска средба, за што реагираше и претседателот на Собранието, посочувајќи дека за одложување на закони местото е во Парламентот.
Партиските лидери го избраа помалото од две зла со договорот за одложувањето на пописот за септември. Од една страна, со ова се прави удар врз парламентарната демократија по 1001 пат, но од друга страна ваквата одлука беше и повеќе од нужна, вели поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски.
„Ако тргнеше пописот, а имате недефиниран број на попишувачи, од нив многумина позитивни. Најавата за бојкот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, можеше да стане реалност. Тогаш не се битни парите што ќе се потрошат, тие не ги оправдаа ниту парите потрошени за пописот пред 10 години во времето на Груевски и Ахмети, а сега се прават ангели. Не е добро. Од друга стана и ДУИ со сите тие скандали со бустирањето на кампањата, па ангажираа цело косовско раководство, албанско. Создадена е атмосфера апсолутно неприфатлива за нормално одвивање на пописот“, вели Петковски.
Тој вели дека сега со политички консензус треба да се дотера закон и пописот да биде статистичка операција, а не вака, како што вели, политичка.
Собранието, пак, стартува со спроведување на она што го договорија претседателите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Со законски измени треба да се овозможи договореното одложување на пописот на населението за наесен. Според договореното, пописот треба да се одржи од петти до 30 септември, а до тогаш ќе трае и самопопишувањето на дијаспората. Податоците на Државниот завод за статистика говорат дека досега преку онлајн платформата за попишување на дијаспората се попишале 171620 граѓани. Целта е до есен да се вакцинираат попишувачите против ковид-19 со што процесот на попишување ќе се направи побезбеден, нешто на што пред средбата инсистираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со одложувањето на пописот се поместува и одржување на локалните избори, но премиерот Зоран Заев по средбата рече дека се консултирал со претседателот на државата и на Собранието, како и со лидерите на ДУИ и на Беса и дека немало проблеми за ваквите одлуки.
Законот за попис предвидува пописот да се одржи од 1 до 21 април, па затоа сега се потребни измени на истиот со кои операцијата би се одложила наесен.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера за ТВ21 реагираше дека пописот не може да се одложува на прес-конференции, туку тоа се прави во Парламентот. Тој вели дека за да се промени Законот за попис за да може тој да се пролонгира до септември потребно е многу повеќе време од два дена колку и преостануваат до почеток на Пописот.
„Дури и ако се донесе по брза постапка и со европско знаменце сепак постојат процедури кои треба да се запазат“, смета Џафери.
Како една од тие процедури Џафери ја спомена и Комисијата која треба да дебатира во врска со измените на законот, а во таа комисија законски може да земат учество во дебата сите парламентарци, не само членовите на Комисијата. Притоа времето на дебата не е ограничено и тоа може да се искористи некој да дебатира колку сака со што би се одолговлекла процедурата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Законот за попис беше донесен на 21 јануари годинава. Владејачката коалиција предводена од СДСМ доби поддршка за Законот од Алијансата за Албанците и Алтернатива, а за законот не гласаше ВМРО-ДПМНЕ. Од ВМРО-ДПМНЕ собираа и граѓански потписи за да го поништи законот и инсистираа на тоа дека нема да отвораат врата на попишувачите доколку не се вакцинирани. По одлуката за одложување на пописот од Алијансата и од Алтернатива реагираа дека тоа е на штета на Албанците. Од Коалицијата се против одложувањето на пописот и тврдат дека ќе направат се тој да се одржи.
Во Македонија последен пат се одржа попис во 2002, обидот за попис во 2011 беше неуспешен. По формирањето на СЈО, ова обвинителство отвори предмет за пропаднатиот попис организиран од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според СЈО, со стопирањето на пописот на населението тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е во бегство, Никола Груевски и неговиот коалициски партнер во владата Али Ахмети, нанеле штета на Буџетот во висина од 2,8 милиони евра. Овој предметот по пропаѓањето на СЈО го презеде ОЈО за организиран криминал и корупција. Но истрагата за овој случај пропадна, оти не се собрани доволно докази за да може кривично да се гонат Груевски и Ахмети.