Маска на лице, редовна хигиена на раце и секое дете само во училишна клупа се клучните препораки на Комисијата за заштита од заразни болести за протоколите на новата училишна година.
Но, како ќе изгледа училишната година за сите деца и дали ќе биде поедеднаква за сите општини, не знаат ниту децата, ниту родителите, а ниту наставниците. Според последните информации, се уште се во тек преговорите меѓу Министерството за образование и Комисијата за заштита од заразни болести.
На само три недели пред да стартува официјално училишната година, не се запознаени, а не се ни вклучени во создавањето на протоколите просветните работници, вели претседателот на просветниот синдикат Јаким Неделков за РСЕ. Тој изјави дека до вчера не биле ниту слушнати, ниту прашани наставниците кои се нивните предлози и сугестии за поквалитетно спроведување на наставата. Во, како што вели, скромниот допис, кој го добиле вчера личи само на формално барање за мислење.
Видете и ова: Средношколците повторно бараат конкретен план за образованието
Тој посочи дека на ниво на СОНК не разговарале за предлог протоколите на МОН за учебната година во време на пандемија, затоа тоа до нив не бил доставен официјален предлог, а информациите ги добивале како и родителите, преку медиумите.
Неделков додава дека негов личен став е дека дел од предлозите кои се објавени се добри, но мора да се доработат затоа што може во одредени општини да бидат и неспроведливи.
„Се согласувам со опцијата за намалување на бројот на децата во паралелките, секаде каде што има голем број на деца, но водејќи сметка за фондот на часовите на наставниците. На пример ако еден наставник реализира настана програма во едно одделение и тоа одделение се подели на две групи, тоа значи дека ќе му се дуплира работата, тоа значи дека ако имал 20 наставни часови во текот на една недела, со овој принцип ќе има 40 наставни часови неделно, “ објаснува Неделков.
Речиси извесно дека училиштата во земјава, каде бројот на деца е многу мал ќе имаат редовна настава со секојдневно одење во училиште, единствено што треба да договорат е како ќе работат оние училишта каде има огромен број деца во паралелките.
Тој додава дека втора добра работа за која прочитал во медиумите е дека е предвидено секоја општина и училиште да води своја политика во однос на организирање на наставата, затоа што не секоја општина има голем број на активни заразени случи со ковид -19 што значи дека училиштата во тие краишта би можеле да работат нормално.
Директорот на центарот за јавно здравје кој е член на Комисијата за заштита од заразни болести доктор Александар Стојанов е категоричен дека настава мора да има и дека децата треба да се вратат во училишните клупи, со прифаќање на општите мерки, маски, дистанца и хигиена.
„Мора да бидат образовани, како ќе се заљубат ако не идат во школо, мора да тече животот, истото се однесува и на градинките и на школите. Има неколку сценарија, едно е на пример во источниот дел од државата каде што има одделенија по десетина деца во еден клас, и таму нема никаков проблем да се направи растојание и да се заврши на некој начин безболно работата. Но во три општини има по 35 деца во еден клас, па тука се разгледуваат повеќе варијанти кои ќе зависат од условите во училиштата“, вели Стојанов.
Од друга страна пак, може да се појават во одредени училишта просторни проблеми, со што не би можело да се споведе препораката „еден ученик во клупа“, вели Неделков.
Видете и ова: Настава во училиште или онлајн предавања?
Тој дополнитено предлага наместо заштитни маски, наставниот кадар да носи задолжително визири, за кои, тој смета дека се делумно поедноставни и полесни за користење.
Министерството за образование предложи неколку сценарија за наставниот процес. На пример да се спроведе со скратени програми, да се скрати учебната година, да се намали бројот на ученици во училниците, да се работи во смени и да се реализира учење од далечина. Овеи предлози во изминативе два дена интезивно ги разледуваат членовите на Комисијата за заразни болести.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Конечната одлука за тоа како ќе започне новата учебна година 2020-21 година ќе биде објавена најдоцна до 10 август, најави заменик министерката за образование Елизабета Наумовска пред празникот Илинден. Конечната верзија,потоа треба да помине на седница на Влада, и како што рече таа, се надева дека до петок усвоената верзија веќе ќе им биде пратена на училиштата за да се подготват и приспособат според своите услови, а на 10 август ќе биде презентирано и за јавноста.
Обединетите нации алармираа за влошената состојба во образованието во светот. Поради пандемијата со Ковид-19, училиштата се затворени во над 160 земји. Според Генералниот секретар, Антонио Гутереш, со овој чекор е нарушен образовниот процес како никогаш досега.