Достапни линкови

Истражување: Наставниците во основните училишта користат дигитални алатки


Илустрација, онлајн настава
Илустрација, онлајн настава

Најголем дел од наставниците користат дигитални алатки во наставата, заклучи истражување спроведено во основните училишта на територијата на општините Валандово и Карпош.

Од вкупно 250 анкетирани наставници во основни училишта, 237 или 95 отсто се изјасниле дека користат дигитални алатки за време на наставата. Останатите изјавиле дека воопшто не ги користат во спроведување на воспитно образованиот процес.

Истражувањето е спроведено во рамки на проект за дигитализација на образованието во периодот од 6 до 30 мај 2020 година. Автор на истражувањето е Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност.

„Првичните резултати од ова истражување јасно ја покажуваат подготвеноста на наставниот кадар за дигитална трансформација на образованието, што е за поздравување и од голем интерес за учениците и целиот образовен процес. Но, останува малку време до почетокот на новата учебна година. Доколку сакаме вистинска дигитална трансформација на образованието, неопходно е надлежните државни институции, како и локалните самоуправи да ги вложат сите свои напори и да бидат вистинска поддршка на училиштата и факултетите во претстојниот период.“, истакна Кордалов.

Исто така, анализата покажува и дека според мислењето на поголемиот број наставници не постои стручно лице кое им стои на располагање и им помага доколку имаат потреба од правилно вклучување на дигиталните алатки во наставата. Дека има такво стручно лице се изјасниле 113 или 45 отсто од наставниците, додека 137 или 55 проценти истакнале дека во нивното училиште не постои стручно лице кое им нуди поддршка во процесот на воведување дигитални алатки во образованието.

Од 250-те анкетирани наставници, 130 посочиле дека „не се согласуваат“ или „воопшто не се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување дигитални вештини. Нешто помал е бројот, односно 120 анкетирани наставници, кои посочиле дека „се согласуваат“ или „сосема се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување лични дигитални вештини кои се потребни за наставата.

Меѓутоа, според неодамнешното искуство со онлајн настава, родителите имаа реален и сеопфатен ангажман во наставата. Учењето во изминатиот период кога децата учеа од дома беше тежок и макотрпен, оценува Ивона Б. од Скопје, мајка на дете кое завршува четврто одделение. Тешко беше да се сменат навиките и да се задржи таа концентрација, која ја имаат во училиште, вели таа.

„Учителките навистина беа заинтересирани и отворени за соработка во целиот овој просец, претпоставувам дека и на нив не им беше едноставно. Исто така голем проблем е што сето тоа што досега го сработеа, беше некако како на јуриш, колку децата запомниаа од сите тие домашни и од таа онлајн настава не знам. Ние се фокусиравме тоа да биде сработено детални и домашните задачи завршени навреме. “

Од друга страна пак, средношколците се изјаснија дека ја завршија учебната година незадоволни од наставата, во голем дел поради недоволното познавање на професорите за дигиталните алатки. Па така, дадоа 13 препораки за далечинско учење во случај на есен да повтори онлајн наставата.

Сојузот на средношколци за да дојде до овие заклучоци и препораки спроведе онлајн анкета на средношколци од целата земја. Добиле одговори од 266 средношколци, а како најчест проблем анкетираните велат дека е што професорите немаат доволно познавања за управување со платформите, „па на овој начин предавањето е неквалитетно и тестовите се нереални.“

И во заклучоците на новото истражување за наставниот кадар во основните училишта, а и од Сојузот на средношколци се истакнува дека е потребна помош за дигитализација на образовниот процес од државните институциите, министерствата и општините.

Според Кордалов, во Северна Македонија се доцни со „замената на образование базирано на „табла, бела креда и сунѓер“ со дигитално базирано на интерактивни дигитални табли, можност за далечинско учење и воведување на дигитални платформи во целокупниот воспитно-образовен процес“. Пред се, како што вели Кордалов, бидејќи децата „денес буквално се раѓаат со мобилен телефон, комуницираат и со интернет и со „чат“ апликации“, а растат со социјалните мрежи и предностите кои тие ги нудат“.

„Што треба да се направи? Да се покаже лидерство од страна на надлежните државни образовни институции во овој процес уште веднаш, да не зависиме од политичките случувања, туку да функционираме независно и во склад со потребите на образованието и учениците, односно студентите“, вели Кордалов.

XS
SM
MD
LG