Претседателот Стево Пендаровски ќе побара анализа од МНР за дипломатска мрежа на Северна Македонија со цел ефикасно да се согледа каде има место за засилување, а каде за намалување на дипломатските претставништва на земјата во светот. Во моментов има 20 - тина испразнети места во македонските дипломатски мисии. Во таа насока, како што тој информираше на денешниот брифинг, ќе има средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Годишниот буџет на неговата администрација изнесува милион и сто илјади евра. Сега претседателската администрација брои над 60 луѓе, додека пред претседателот Иванов бројката на вработени се движела од 35 до 37 луѓе. Сепак, Пендаровски не планира незаконски да брка луѓе од работа.
На брифингот Претседателот информираше и за комплетирањето на неговиот тим.
Ерол Муслиу е именуван за нов директор на Агенцијата за разузнавање. Тој ќе го замени Зоран Иванов кој беше директор на агенцијата од март, 2017 година. Муслиу порано работел во Управата за безбедност и контраразузнавање, а во последниве години во Агенцијата за разузнавање.
Советник за национална безбедност на претседателот ќе биде Блерим Кољаљи, а Гоце Карајанов е именуван за советник за надворешна политика.
Шефот на државата ангажирал и неколку надворешни советници за надворешни и правни работи. Меѓу нив за надворешни работи се поранешниот министер, а сега универзитетски професор Денко Малески, поранешниот министер Александар Димитров и поранешниот амбасадор Александар Тавчиовски, додека поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова-Трајковска и проректорката на Универзитетот на Југоисточна Европа, Беса Арифи се советници за правни работи.
Претседателот Пендаровски во наредните денови ќе назначи и свои членови во националниот Совет за безбедност. Советот за безбедност го сочинуваат претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот, министрите кои раководат со органите на државната управа од областа на безбедноста, одбраната и надворешните работи, како и тројца членови назначени од шефот на државата.
Видете и ова: Пендаровски го назначи Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање
Првата посета Претседателот Пендаровски ја планира за Брисел до 20 Јуни во време на одржувањето на самитот на ЕУ од кој се очекува Македонија да добие датум за преговори со Унијата.
Инаку, по завршувањето на мандатот Пендаровски нема да бара пензија и планира да се врати на својата досегашна работа, професор на „Американ колеџ“. Тој ќе побара само една канцеларија во Министерството за надворешни работи каде што ќе може како поранешен претседател да има средби со државници.