Нападите врз новинарите тројно зголемени од лани

ЗНМ од почетокот на годинава регистрирало 12 напади врз новинари, за разлика од минатата година кога за цела година имало четири напади. Најголем дел од нападите се закани, а две третини од нападите се врз новинарки. Медиумските здруженија бараат нападите врз новинари да се гонат по службена должност.

Итни измени на Кривичниот законик со кои нападите врз новинари ќе се третираат како напад врз службено лице, односно институциите ќе мора по службена должност да преземаат дејствија за расчистување на тие случаи бараат медиумските здруженија во земјава. Овие нивни барања добиваат на интензитет по двата напади во само неколку дена врз новинарите Љупчо Златев од Економски лидер и Мирослава Бурнс од Слободен печат.

Златев бил физички нападнат во ноќен клуб од Скопје од луѓе за кои вели дека се блиски до синот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој пак негираше каква било врска со нападот. Бурнс, пак, неколку дена добива закани на социјалните мрежи, а имаше и полициско обезбедување откако објави текст за одржување свадба со стотици гости во Тетово во време кога е тоа забрането поради пандемијата на коронавирус. Државниот пазарен инспекторат го пломбирал ресторанот во кој се одржувала свадбата, а сватовите постојано ѝ испраќаат заканувачки пораки.

Видете и ова: Словенечките новинари протестираа против измени во закони за медиуми

Новинарските здруженија ги осудија инцидентите и бараат преземање на дејствија за откривање и казнување на сторителите. МВР вели дека работи на расчистување. Синдикалната група на Слободен печат реагира дека млаката реакција на полицијата и обвинителството „ги поттикнува сомнежите дека извршителите на овие кривични дела уживаат политичка заштита“.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) неколку години бараат измени на Кривичниот законик со кои напад врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице и ќе се гони по службена должност, наместо новинарот да мора да поднесува приватна тужба.

ЗНМ од почетокот на годинава регистрирало 12 напади врз новинари, за разлика од минатата година кога за цела година имало четири напади. Најголем дел од нападите се закани, а две третини од нападите се врз новинарки. Трендот покажува дека насилните напади врз новинарите се намалуваат, но се зголемуваат заканите.

Драган Секуловски од ЗНМ вели дека не сака новинарите да бидат прогласени за службени лица, но физичките напади или заканите и заплашувања кон новинарите треба да се гонат по службена должност, а не новинарите сами „да ја тераат правдата“.

„Искрено, мене ми е жал што од извршната власт во последните две години има декларативна волја ова да се направи на ниво на измени и дополни во Кривичниот законик, меѓутоа сè некако чекаме да дојдеме на агендата и чувствувам дека губиме премногу време во однос на тоа“, вели Секуловски.

Видете и ова: Европската комисија ги осудува заканите кон новинарката Милевска, дописничка од Брисел

Дарко Дуридански од ССНМ вели дека со оглед на тоа што новинарите и медиумските работници вршат дејност од јавен интерес, тие треба да имаат и повисоко ниво на заштита.

„Самиот факт што институциите ќе мора да реагираат по службена должност претставува еден вид на обесхрабрување на потенцијалните напаѓачи и основа за намалување на неказнивоста којашто е основен предуслов за безбедноста на новинарите и медиумските работници“, вели тој.

Лирим Дулови од Здружението на печатени медиуми ја поддржува оваа иницијатива на ЗНМ и ССНМ. Уште поважно од законските измени е нивно спроведување, вели тој.

„Решавањето на нормативниот дел нема да ги реши проблемите со нападите врз новинарите. Во минатото се случуваше и овие актуелни решенија во законите што го регулираат овој домен да не бидат доследно спроведувани од правосудните органи“, вели тој.

Нападите врз новинарите ги осуди и претседателот Стево Пендаровски, кој ги повика институциите веднаш да спроведат истраги и соодветни дејства и што поскоро да ги решаваат ваквите случаи.

„Не смееме да дозволиме да се загрозува слободата на информирање“, напиша Пендаровски на Фејсбук.

Репортери без граници ја рангираше Македонија на 92 место според слободата на медиуми. Земјава лани беше на 95, а во 2018 година на 109 место.