Ковачевски најави широки консултации за модифицираниот француски предлог

Урсула вон дер Лајен, Димитар Ковачевски, Шарл Мишел и Емануел Макрон на самитот ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 23 јуни 2022

Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор меѓу Скопје и Софија за деблокирање на почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Владата во Скопје најавува консултации со сите чинители во државата за да се донесе решение согласно стратегиските интереси на земјата и граѓаните

До Владата преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови, соопшти денеска владината Прес-служба.

„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата,“ се наведува во соопштението.

Вечерва се одржа седница на владата по која премиерот Димитар Ковечевски одржа прес конференција на која

Следува широк консултатиовен процес. Апелирам до сите да се воздржиме од шпекулации и да се потпираме на официјални информации. Следува транспарентен процес за заедничко да донесеме одлука согласно стратешките интереси на граѓаните на Македонија, изјави вечерва македонскиот премиер Димитар Ковачевски по објавувањето дека македонската влада добила модифицирамн француски предлог за надминување на отворените прашања со Бугарија.


Од Владата посочуваат дека „одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“.

„Сакаме да упатиме благодарност до претседателот Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот“, се додава во владиното соопштение.

Видете и ова: Пендаровски се сретна со Блинкен на Самитот на НАТО во Мадрид

Макрон - мислам дека најдовме компромисно решение

Денеска на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.

„За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите,“ изјави Макрон.

Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.

„Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“, потенцира Макрон.

Решението поздравено од челници на ЕУ

Го поздравувам решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Северна Македонија, објави попладнево на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Решението се однесува на изразените загрижености. Најблиску сме од кога и да сме биле досега: Сега е време да се каже да“, додава Мишел во твитот.

По него и високиот преставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Џозеф Борел го поздрави компромисот презентиран од Емануел Макрон за кој во Скопје ќе има широки консултации

Ова е чекор напред за внесување на Западен Балкан во ЕУ, порача Борел на твитер.

Видете и ова: ЕУ заклучоци - брзо решение за Македонија, 9 милијарди евра за Украина

Кои беа забелешките на македонската влада

Македонската влада ги истакна своите црвени линии: јазикот, Уставот, протоколот, историјата, и рече дека е подготвена да разгледа нов предлог, доколку таков биде ставен на маса.

Пред два дена премиерот Димитар Ковачевски рече дека немало ништо ново во процесот со Бугарија, и дека тој е во рацете на МНР, а доколку има прифатлив предлог тој ќе биде ставен пред институциите на државата.

Францускиот предлог во претходно објавената форма на 24 Јуни предвидуваше бугарските услови за Скопје, да станат дел од обврските на Северна Македонија кон ЕУ, а Европската комисија да биде гарант за нивното спроведување. Оваа варијанта стана позната како „француски предлог“ бидејќи дојде за време на француското претседателство со Советот на ЕУ.

Францускиот предлог, инаку, е трет обид да деблокирање на бугарското вето во изминатите две години. На него му претходеа германски и португалски предлози, именувани според евроските држави кои во тој период претседаваа со ЕУ.

Забелешките на опозицијата и дел од експерската јавност беа дека таков каков што беше предложен францускиот предлог преставуваше опасност за бугаризација на Македонија и давање алатка во рацете на Софија да го блокира и натаму напредокот на земјата во процесот на преговори со ЕУ.