Нова рунда разговори за Украина, но и нов бран бомбардирања

Бомбардирана зграда во предградие на Киев денеска

Четвртата рунда разговори меѓу руските и украински претставници за запирање на руската агресија во Украина треба да се одржи денеска, откако во текот на викендот беше постигнат напредок. Во меѓувреме во Рим треба да се одржи средба на високи американски и кинески дипломати. САД се загрижени дека Пекинг ги засилува руските дезинформации и може да ѝ помогне на Москва да ги избегне западните економски санкции.

Украинските и руските преговарачи се подготвуваат за нова рунда разговори во текот на денот, откако двете страни рекоа дека постигнале напредок во разговорите за време на викендот. Руските сили ноќеска продолжија со гранатирање на предградијата северозападно и источно од Киев, како и бомбардирањата во целата земја.

Видете и ова: Цената што рускиот спорт ја плаќа поради војната во Украина

Четвртата рунда разговори се очекува да се одржи преку видео-конференција на која ќе се разговара за доставување помош за градовите и населените места под опсада, изјави помошникот на украинскиот претседател Михаило Подољак.
Тој денеска рече дека е подготвен за „тешка дискусија“ со Русија за ставање крај на неиспровоцираната инвазија врз неговата земја.

„Четврта рунда преговори. За мир, за прекин на огнот, за итно повлекување на војниците и безбедносни гаранции. Претстои тешка дискусија“, рече Подољак, шеф на украинскиот тим во преговорите, во видео обраќање на Твитер.

„Иако Русија ја сфаќа бесмисленоста на своите агресивни дејствија, сепак има заблуда дека 19-дневното насилство врз мирните [украински] градови е вистинска стратегија“, рече тој.

Во вчерашното обраќање, Подољак рече дека Русија почнала да разговара конструктивно и оти може да се постигне резултат за неколку дена.

Дипломатските напори ги зголемија надежите дека Москва би можела да го отвори патот за евакуација на повеќе цивили, дури и кога руските сили го продолжуваат притисокот врз главниот град.

Претходните разговори не доведоа до решение за добивање помош или конвои за евакуација до стратешкиот пристаништен град Мариупол, каде што стотици илјади луѓе се соочија со екстремен недостиг на храна, вода и лекови.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

“Соработувај или ќе бидеш стрелан“: Руски закани во окупираните градови во Украина

Рускиот делегат на разговорите, Леонид Слуцки, беше цитиран од новинската агенција РИА Новости, дека на разговорите за време на викендот постигнале значителен напредок и дека е можно делегациите наскоро да постигнат нацрт-договори.

Украинските политичари и европските лидери бараат Русија да им овозможи безбеден излез на цивилите заробени од борбите. Украинските власти вчера соопштија дека треба да се отворат повеќе од 10 хуманитарни коридори, вклучително и од Мариупол, но таквите најави од руската страна постојано пропаѓаат.

Видете и ова: Продолжуваат нападите врз Мариупол, ЕУ ја преиспитува зависноста од руска енергија

Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека страдањето во Мариупол е „едноставно огромно“ и дека телата на цивилите и војниците остануваат заробени под урнатините или „лежат на отворено каде што паднале“.

Борбата за Мариупол е клучна бидејќи се наоѓа во област што може да ѝ помогне на Русија да воспостави копнен коридор до Крим, кој го одзеде од Украина во 2014 година.

Борбите во близина на Киев продолжуваат, а руските сили со артилерија пукаат кон северозападните и источните предградија на Киев, изјави регионалниот шеф на администрацијата Олексиј Кулеба, зборувајќи на украинската телевизија. Имало борби и гранатирања во Бровари, Ирпин, Буча и Хостомел.
Руските сили исто така пукаа и кон аеродромот во западниот град Ивано-Франковск, кој е на помалку од 150 километри северно од Романија и 250 километри од Унгарија.

Американскиот претседател Џо Бајден го испраќа својот советник за национална безбедност Џејк Саливан во Рим, каде што денеска треба да се сретне со високиот кинески дипломат Јанг Џиечи поради загриженоста дека Пекинг ги засилува руските дезинформации и може да ѝ помогне на Москва да ги избегне западните економски санкции.

Саливан предупреди дека Пекинг „апсолутно“ ќе се соочи со последици доколку ѝ помага на Москва да ги избегне санкциите.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговиот украински колега Дмитро Кулеба исто така разговараа за дипломатските напори за запирање на руската инвазија, соопшти Стејт департментот.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс соопшти дека Блинкен вчера телефонски разговарал со Помпео „за да понуди континуирана поддршка за луѓето и владата на Украина и да ги осуди тековните напади од Руската Федерација врз украинските градови, кои предизвикаа поголемо гинење на цивилите“.

Тие исто така разговарале за дипломатските напори за запирање на „војната по избор“ на рускиот претседател Владимир Путин. Блинкен ја повторил поддршката за Украина за одбрана од руската агресија.