Вакциналниот пункт на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ги отвори вратите за сите заинтересирани за вакцинација. Пунктот е пред сè наменет за студентите и вработените на УКИМ, но тоа не е услов за вакцинација на оваа локација.
„Студенти веќе почнаа да прашуваат дали ќе може да се вакцинираат, но и жители кои живеат во близина на УКИМ веќе почнаа да се интересираат. Има интерес и кај оние кои се дојдени за упис на факултет, родителите прашуваа за вакцинација на своите деца“ изјави за РСЕ, Татјана Стошиќ Илиевска, докторка од Поликлиниката на УКИМ
Пунктот се наоѓа на приземјето на Економскиот факултет и е обезбеден со информатичка и медицинска опрема.
„Присутни се две докторки и две сестри, како и техничар кој внесува податоци. Кога ќе дојдат заинтересираните, пополнуваат лист со согласност и изјави. Потоа одат на преглед кај докторот, па кај сестрата и по вакцинацијата се чека да не има некоја реакција“ потсетува докторката
Видете и ова: Што им треба на Македонците да патуваат во ковид време?Вакциналниот пункт ќе биде отворен секој работен ден, од 8 до 14 часот, а во моментов има опција за вакцинирање со вакцината „Фајзер“.
Екипата на РСЕ се обиде да добие изјава од дваесетина млади кои денеска се запишуваа на факултет. Но ниту еден од нив не сакаше да сподели што мисли за постоењето на ваков вакцинален пункт и дали тоа би го зголемило интересот за вакцинација помеѓу младите. Дел од нив, зад камерата, сепак споделија дека би се вакцинирале само доколку тоа е услов за да патуваат во странство, други дека не би се вакцинирале воопшто или како што велат- барем не додека ги „држи здравје“, а имаше и такви кои немаа никаков коментар.
Како што велат од Ректоратот, целта на постоењето на новиот пункт е да се олесни и забрза процесот на вакцинација на студентите и вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
УКИМ побара од Министерството за здравство да овозможи отворање на вакцинален пункт на Универзитетот заради омасовување на вакцинацијата во академската средина, согласно епидемиолошката состојба и заклучокот на Ректорската управа на Универзитетот, донесен на вонредната седница, одржана на 23. август.