Достапни линкови

Што им треба на Македонците да патуваат во ковид време?


Граничниот премин Табановце меѓу Македонија и Србија
Граничниот премин Табановце меѓу Македонија и Србија

Во изминативе десетина дена речиси секоја држава си донесе свои ковид правила за влез и излез. Од соседството најригороза е Бугарија, која сосема забрани влез за македонските државјани, а за другите важат слични правила- потврда за вакцина, негативен ПЦР или потврда за прележаност.

Со зголемување на бројот на заразени со ковид и во Македонија и во другите земји, правилата за движење се сменија. Некои држави бараат само доказ за примена вакцина, некои ги признаваат сите вакцини, некои пак само одделен тип на вакцини, други покрај вакцинален сертификат бараат и ПЦР тест.

Што бараат соседите?

Од соседните земји, во Бугарија Македонците не може да влезат никако. Со последната одлука на источниот сосед, од први септември до 30 ноември им се забранува влез на сите македонски граѓани во Бугарија затоа што државава е во црвената зона, односно групата најпогодени од коронавирусот. Ова подразбира дека не може да влезат ниту со негативен ПЦР, ниту со вакцинален картон.

Во Грција, каде што летово патуваа многу Македонци со вакцинален картон, негативен ПЦР или потврда за прележаност се донесени нови мерки кои уште во сила, а според кои ќе има и задолжително тестирање при пристигнувањето во земјата за македонските државјани кои патуваат во Грција со негативен тест.
За влегување во Србија важат речиси истите правила како за во Грција- негативен ПЦР, потврда за вакцинација или тест за антитела, без дополнително тестирање на граница како кај јужниот сосед.

Албанија, исто како и Србија, за да се помине границата бара вакцинален картон, негативен ПЦР и антиген тест. Косово се чини од крајот на минатиот месец усвои идентични мерки-граѓаните што влегуваат во земјата мораат да приложат доказ за вакцинација, негативен PCR-тест не постар од 72 часа или серолошки тест не постар од 30 дена. Во спротивно, мораат да потпишат изјава и да бидат во самоизолација седум дена.

Како е во Европа?

Европската унија минатата недела ја отстрани Македонија од листата ковид безбедни земји. Во истата одлука од таа листа беа тргнати Израел, Косово, Либан, Црна Гора и Соединетите Американски Држави.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека оваа одлука на унијата не подразбира ограничување за вакцинираните лица.

„За патување во ЕУ на вакцинираните лица не им се потребни ПЦР тестови и карантин. Нашиот тим направи специјални напори, па така вакциналниот сертификат е признат во сите европски земји и сите кои што го поседуваат слободно може да патуваат“, рече Филипче.

Ова што го вели македонскиот министер е ограничено на не многу македонски граѓани. Имено, најголемиот дел од земјите членки на Европската Унија ги признаваат само вакцините кои се одобрени од Европската медицинска агенција (ЕМА) и во нив може да влезат без никакви дополнителни мерки македонските државјани вакцинирани со Фајзер, АстраЗенека и Модерна. Помал дел од македонските државјани се вакцинирани со нив, а Модерна воопшто ја нема во државата. Најголем дел пак се вакцинирани со Синофарм и Синовак, двете кинески вакцини не признаени од ЕМА.

Сепак, одлуките на унијата не се обрзувачки за сите земји членки, па секоја од нив си носи свои правила. На пример летово двете балкански држави кои се дел од блокот, Хрватска и Грција одобруваа влез и со Синофарм и Спутник, иако тие не се признаени од ЕМА.

Потоа некои држави како Холандија на пример донесоа одлука и целосно вакцинирани македонски државјани, без разлика со која вакцина, да мора да одат во задолжителен десетдневен карантин, им се бара и негативен ПЦР тест не постар од 48 часа, односно негативен антиген тест не постар од 24 часа.

Кои се македонските правила за влез и излез?

Од први септември странските и македонските граѓани треба да имаат сертификат за имунизација, негативен ПЦР тест или доказ дека неодамна прележале ковид-19. Според одлуката на македонската Влада Македонците и странските државјани ќе можат да влезат во Северна Македонија доколку поднесат потврда за вакцинација или потврда за прележан ковид-19 45 дена од денот на заздравувањето или негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

„Домашни и странски државјани, кои при влез на граничниот премин на територијата на Република Северна Македонија нема да приложат еден од документите задолжително се упатуваат во домашна изолација/карантин на сопствен трошок во времетраење од седум дена, за што Државниот санитарен и здравствен инспекторат издава решение“, одлучи владата.

Сите овие правила за влегување во земјава не важат за лица под 18 години.
Истите правила важат за излез од Македонија, а владата ги дополни и по се почестите извештаи од западно европските земји дека голем дел балканци меѓу кои и Македонци доаѓаат заразени во нивните држави.

Инаку бројот на новозаразени со ковид19 почна да расте минатиот месец. Во моментот активни се над 15 000 случаи, досега се заразија повеќе од 180 000 граѓани, а починаа над 6000. Сличен тренд на зголемување на новозаразни има речиси во цела Европа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG