Нема нови мерки поради новиот сој на коронавирус, во иднина може да бидат задоцнети

Комисијата за заразни болести донесе одлука дека не се потребни нови мерки поради новиот сој на коронавирус. Воедно утре Владата ќе расправа за новиот предлог за стимулација на матичните лекари кои ќе имаат над 70 отсто вакцинирани пациенти. Според упатените, посторги мерки се потребни.

Нема да се воведат нови рестриктивни мерки во земјата поради појавата на новиот сој на коронавирус омикрон. Таква одлука донесе Комисијата за заразни болести на денешната средба.

Светската здравствена организација соопшти дека прелиминарните докази сугерираат оти новиот вид на коронавирусот носи поголем ризик од повторна инфекција. СЗО го означи како сој кој предизвикува загриженост и го нарече „омикрон“ по буква од грчката азбука, како што беше случајот со претходно откриените видови на коронавирус.

Видете и ова: Светот страхува од новата варијанта на коронавирусот

Велика Британија, Белгија, Германија, Данска, Чешка, Израел и Италија се меѓу земјите кои веќе ги потврдија своите први случаи на новиот вид на ковид-19, главно меѓу луѓето кои патувале од јужна Африка.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека епидемиолошка состојба во земјата е стабилна и дека неделната инциденца се намалува, при што се регистрирани 5 посто помалку случаи на Ковид-19 изминатата недела и во болниците има поголем број на слободни кревети. Според него, и покрај тоа што некои земји преземале рестрикции поради новиот сој, заклучокот на комисијата е да се остане на сегашните мерки.

„Сметам дека рестрикција некаква во однос на затворање на граници во однос на карантинизирање на патници кои доаѓаат од одредени земји нема да даде ефект поради тоа што очигледно е дека сојот е детектиран и во некои европски земји. И досега видовме кога некој нов сој ќе се појави едноставно не може да се спречи и да се ограничи на една територија било каде во светот. Очигледно е дека соеви ќе се појавуваат и понатаму така да остануваме со овие мекри, кои сметаме дека се добро димензионирани и се става акцент на вакцинацијата“, рече Филипче.

Професорот и микробилог Никола Пановски смета дека генерално мерките треба да бидат построги без разлика дали се појавил нов сој на коронавирус.

„И без сојот во соседството имаше силен бран и се уште има, така да ако сакаме да го спречиме бранот сега би требало да се преземат мерки. Кај нас мерките се преземаат кога ќе се зголеми бројот максимално и секогаш биле задоцнети. Освен на почетокот на пандемијата кога беа преригорозни кога беа сите уплашени. Јас би ги ставил школите онлајн еден месец да се спои нова година со распустот и младите да се приберат дома до 23 часот и итн, малку посторого“, вели Пановски.

Сегашните мерки предвидуваат дека луѓето кои не се вакцинирани со две дози или кои не прележале ковид во изминатите 45 дена не може да посетуваат настани и угостителски објекти.

САД, Европската унија и Обединетото Кралство и воведоа ограничувања на патувањата од Јужна Африка поради стравувањата од новата варијанта на коронавирусот. Јапонија и Израел забранија влез на сите странци од 30 ноември.

Филипче најави дека на утрешната владина седница ќе се разгледува новиот предлог за стимулација за матични лекари.

„Имаше реакција од поголем број матични лекари кои ја поддржуваат оваа мерка и сметаа дека мерката е навистина добра“, рече Филипче.

Видете и ова: Скептични кон вакцини, но не и кон новите антиковид лекови

Мерката предвидува матичните лекари да бидат финансиски стимулирани кога ќе надминат 70 отсто на вакцинација од вкупниот број на пациенти и да бидат наградени со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти кои се запишани кај нив.

Според Пановски, матичните лекари веќе се изјасниле дека мерката е понижувачка и дале предлози.

„Меѓутоа комисијата, односно Владата е слепа за предлози дури и да се логични и стручни од секаде тврдоглавост“, смета Пановски.

За него е неприфатливо да се инсистира оние кои прележале ковид да се вакцинираат по 45 дена, затоа што во многу земји во Европа тие имаат сертификат во трање од 6 месеци, а некаде и една година. Пановски порачува дека сме единствени во Европа со таква мерка, иако по вториот месец од прележување пациентите се најимуни и треба да се вакцинираат оние лица кои што навистина треба.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози опфатени се 47 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести претходно предложија сите вработени во јавниот сектор за одење на работно место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмногу 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок.

Но, овие мерки беа отфрлени, бидејќи како што рече Филипче би биле тешки за спроведување, оти работниците кои не се вакцинирани би се изложиле на финансиски трошок и би им било загрозено работното место. Тој додаде и дека се направени анализи врз основа на преземени слични мерки во земјите во соседството и според Филипче се покажало дека таму нема значително зголемување на бројот на вакцинирани.

Досега во земјата се направени вкупно 1.467.751 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 215.009, бројот на оздравени пациенти е 199.064, на починати е 7.547, а бројот на активни случаи изнесува 8.398.