Новиот владин пакет е тука, но компаниите имаат проблеми при отплата на кредитите

Дебар

Пред да стартува реализацијата на новиот 5 ти пакет економски мерки, некои од компаниите кои користеле помош се соочуваат со нови проблеми. Од Дебарски бањи „Цапа“ велат дека во услови на намалена работа за дури 70 отсто, тешко ќе се враќа кредитот

Во градот Дебар, од каде практично започна пандемијата со корона вирус, до пред речиси една година профитабилно работеа „Дебарските бањи Цапа“. Двата објекти на компанијата во кои се нудат услуги од бањскиот туризам има над 200 вработени и нуди лекување на оние кои имаат потреба од тоа. Но, како и за многу други компании, така и за оваа, пандемијата со ковид 19 претставувала голем удар и негативно влијаела врз финансиските резултати на компанијата.

Заменик директорот на оваа компанија Трим Кемали вели дека и покрај тешките проблеми во компанијата успеале да ги задржат сите вработени, а платите останале исти. Сите акумулирани средства биле потрошени, а компанијата била принудена да земе кредит од првиот пакет мерки на владата преку Македонската банка за обнова и развој.

„Средствата кои ги добивме преку кредит треба да се вратат. Има една година грејс период и во април треба да почнеме да го враќаме. Ние очекуваме ситуацијата да почне да се стабилизира. Ние треба да го вратиме кредитот, а работата се намали. Иако во петтиот пакет мерки има предвидено пак доделување кредити, невозможно е ние да бараме нов кредит кога веќе сме задолжени и нашата компанија има намалување од над 70 посто од приходите во споредба со 2019 година. Лесно е да се даваат кредити, но многу тешко е тие да се враќаат во ова тешко време, особено во секторот во кој работиме“, вели Кемали.

Видете и ова: Колку пари од владините Ковид програми останаа непотрошени?

Кемали користел и мерки од третиот и четвртиот пакет, односно субвенциите кои се однесуваат на исплата на плати за три месеци, зошто како што вели приоритет му е да ги задржи вработените и нивните плати да се исплаќаат редовно.
Тој вели дека средствата од владините пакет мерки помагаат, но дека без заживување на економијата и стабилизирање на пазарот, нема да може да го врати кредитот во предвидениот рок.

Заменик министерот за финансии Димитар Ковачки неодамна изјави дека новите мерки од петтиот пакет ќе бидат насочени токму кон ревитализација на економијата.

„Компаниите коишто ќе имаат проблем со исплата на платата ќе можат да аплицираат во банката за развој и да добијат бескаматен кредит, а оние коишто ќе покажат раст според критериуми кои се дефинирани, тие ќе можат да добијат грантова компонента во самиот бескаматен кредит којшто има и грејс период и долг период на отплата од 10, 20, 30 проценти во зависност од економскиот исчекор на конкретната компанија. Со други зборови ние сега од финансирање на одржување, ние сега преминуваме кон финансирање на растот и развојот на домашната економија“, изјави Ковачки.

Во меѓувреме, владата го усвои петиот пакет мерки за помош на компаниите и граѓаните погодени од пандемијата. Овој пакет содржи 30 мерки, поделени во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните. За оваа намена во Буџетот за 2021 година се обезбедени 160 милиони евра.

Видете и ова: Како се справуваат луѓе со губењето работа поради пандемијата

Како и со претходните, така и со овој пакет мерки, ќе продолжи директната финансиска помош за исплата на плати а за оваа цел се креирани два модалитети, пришто самите компании ќе одлучат кој модалитет сакаат да го искористат. Со вториот модалитет кој предвидува бескаматни кредити, а со кој се таргетираат компаниите од најпогодените сектори, средствата освен за исплата на плати, ќе може да се користат и за други потреби на компаниите.

Петтиот пакет покрај финансиската поддршка за исплата на плати се планирани и низа на други мерки, за компаниите од туристичката дејност, транспортот на патници, индустријата за организација на настани, медиумите, занаетчиите, извозните компании, даночни и царински олеснувања, како и други мерки за одредени групи на граѓани, кои се директно поврзани со ефектите на ковид кризата. Властите велат дека со мерките се помогнати илјадници компании и работници и граѓани и се спасени многу работни места.

Минатата година Владата усвои четири пакети економска помош за намалување на последиците врз економијата предизвикани од ковид-19. Четирите пакети помош се во вредност од околу една милијарда евра. Првите два пакети помош тежеа од 200 до 250 милиони евра, следниот пакет беше проектиран на 350 милиони евра, а четвриот е најтежок и е проектиран на нешто повеќе од 470 милиони евра. Заклучно со крајот на 2020 реализирани се речиси 279 милиони евра од економските мерки од ковид програмата, кои имаат фискална импликација, ни одговорија од Владата. Една третина од најавената една милијарда евра помош се всушност поволни и евтини кредити.