Нејасни информации за спречен терористички напад

Архивска фотографија: Полициска операција Ќелија за апсење осомничени исламски борци на странските боишта

МВР во петокот соопшти дека спречило терористички напад од ИСИС во земјава уште во процесот на планирање, дека извршиле претреси при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можниот напад, но не дава информации ниту каков напад, ни каде, ниту колку луѓе биле вклучени во планирањето.

Четири дена по соопштението од МВР дека по дојава од пријателска земја полицијата спречила терористички напад од Исламската држава во земјава уште во процесот на планирање, полицијата не дава никакви дополнителни информации. Јавноста не е информирана дали се идентификувани луѓето кои го планирале нападот, дали се уапсени, што е пронајдено при претресите, кога би требало да се случи нападот и каде. Во МВР само кусо ни одговорија дека се работи за чувствителен случај и оти соопштиле сè што можеле да соопштат, но оти нема простор за паника.

Во обвинителството, пак, рекоа дека надлежен обвинител издал наредба за вештачење на одземените предмети, но во моментов поради чувствителноста не може да споделат повеќе информации.

Видете и ова: Се стеснува меѓународниот обрач против тероризмот

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, смета дека токму нејасните информации од МВР го зголемуваат стравот во јавноста.

„Сепак треба да се пристапи сериозно, бидејќи и САД, сега и Бугарија укажуваат на можни терористички акции, но не се доволно тие моменти објаснети во јавноста и затоа постои вознемиреност и негодување во јавноста дека недоволно објасни МВР во која насока се преземаат мерки, што е спречено, што се подготвувало. Значи, обврска на МВР е на соодветен начин тие работи да ги објасни за да се смират граѓаните“, вели Трајанов.

Тој, сепак, посочува дека земјава има проблем со припадниците на Исламската држава и оти треба да се реагира на соодветен начин.

Штурото полициско соопштение, во кое нема никакви детали, наиде на недоверба кај дел од јавноста, која го протолкува како обид за сеење страв, но тежина му даде Американската амбасада во Скопје, која речиси истовремено издаде предупредување за зголемен ризик од терористички напад во земјава.

Видете и ова: Амбасада на САД: зголемен ризик од терористички напади во Северна Македонија

„Екстремистите повеќе се стремат кон изнаоѓање и напади врз „меки цели“, како што се: трговски центри и пазари, аеродроми, хотели, клубови и ресторани, верски објекти, училишта, паркови и јавни настани од висок профил (спортски натпревари, политички митинзи,
демонстрации, празнични настани, славенички собири итн)“, се наведува во предупредувањето од Американската амбасада, во кое се посочува дека „терористите сè почесто користат помалку софистицирани методи за таргетирање на групи луѓе на јавни места, вклучително и со користење на пиштоли, возила и остри предмети“.

Предупредување за можен терористички напад во земјава вчера издаде и бугарското МНР.

Полицијата во ноември 2016 година исто така соопшти дека две лица во Македонија биле уапсени за планирање терористички напади, но ниту тогаш полицијата не соопшти какви напади биле планирани.

Се проценува дека над 150 жители на Македонија заминале да се борат на страна на Исламската држава во Сирија, а половина од нив веќе се вратиле во земјава. Се проценува дека 25 македонски државјани загинале на боиштата на Исламската држава.