Доколку истрагата утврди вина за автобуската несреќа во Бугарија во која животот го загубија 46 лица, ќе одговара само сопственикот на Беса Транс и евентуално други инволвирани лица, а не и фирмата, бидејќи законот не предвидува кривична одговорност за правни лица. Но, фирмата може да ја загуби лиценцата за работа, бидејќи конкретниот автобус немал лиценца за вршење на превоз, која е потребна согласно законот.
Лиценци за превоз
Од Министерството за транспорт и врски велат дека во овој момент конкретниот превозник има важечка лиценца со добиени извод од лиценци за 4 возила и 4 возачи.
„Но, според неофицијални информации добиени од МВР, опжареното возило не е евидентирано во системот на МТВрски, за што стручните служби отпочнаа постапка за одземање на лиценцата“, наведуваат од министерството.
И министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски претходно најави дека почната е постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“.
„Во овој момент, додека трае истрагата, не можеме да знаеме колку пати ова возило ја напуштило државата и вршело ваков тип на превоз“, рече Бочварски за контролите на автобусот.
Член 6 од Законот за превоз во патниот сообраќај предвидува дека при вршењето на превозот на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај превозникот е должен во возилото да има извод од лиценца и дозвола за вршење на превоз во патниот сообраќај.
Додека пак во членот 11 во законот се наведува дека превозникот може да започне да врши превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај откако ќе добие лиценца и извод од лиценцата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Кривична одговорност
Истрагата за случајот ја предводи бугарското обвинителство во соработка со нивните македонски колеги. Обвинителот Борислав Сарафов рече дека има две главни верзии за несреќата, човечка грешка и ненадејна техничка неисправност, која довела до катастрофата. Кривичниот законик во делот за кривични дела против безбедноста во сообраќајот предвидува парични казни или казна затвор за учесниците во сообраќајот и за оние кои не се придружуваат кон прописите за безбедноста.
Во законот се предвидува дека ќе се казни и одговорно лице кое ќе издаде налог за возење и ќе даде дозвола за превоз иако знаел дека возачот поради замор, болест, замаеност или поради други причини не е во состојба безбедно да управува со возилото или дека возилото не е исправно и со тоа ќе предизвика опасност за животот или телото на луѓето или за имот од значителен обем.
Но, во него нема одредба за тоа какви последици би сносило правното лице, туку само за физички лица.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Возачи
Законот за превоз во патниот сообраќај предвидува дека за вршење на меѓународен линиски превоз на патници треба да се има најмалку две возила и минимум еден возач по возило (автобуси, товарни возила) што ги исполнуваат условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од Истанбул кон Скопје, како што беше информирана јавноста, патувале четири туристички автобуси на Беса Транс. Фирмата има сертификати за 4 возачи и согласно законот тоа е доволно. Со еден автобус може да управува еден возач, но, сепак, како временски ќе се одвива патувањето и колку одмор ќе треба да користи возачот е регулирано со закон. Затоа, според Билјана Муратовска од Макамтранс, превозниците испраќаат и по двајца возачи на пат за да немаат прекини во возењето.
„Доколку возат без прекин во тој случај мора да има два возачи. Меѓутоа, во законот не пишува два возачи, туку во самото практикување на превозот, еве исто и во превозот на стока кај што ми е моја специјалност и тука не е задолжително двајца возачи. Но, ако мене клиентот ми бара побрзо да ми стаса стоката кај што треба да ја однесам тогаш јас ставам два возачи оти во рамките на 30 часа они имаат пауза само 9 часа. Значи 21 час може да возат“, вели Муратовска.
Доколку превозот го врши еден возач тој преку ден треба на секои 4,5 часа да има пауза од 45 минути, а доколку превозот се врши навечер на секои 3,5 часа е предвидена пауза. Во јавноста се појавија информации дека автобусот имал двајца возачи. Доколку тоа е случајот со сите 4 автобуси излегува дека вкупно превозот го вршеле 8 возачи. Но, Беса Транс има лиценци само за 4 возачи.
Владата ,во меѓувреме, го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор на Беса Транс.
Технички преглед на автобусот
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека верува оти со заедничка соработка со бугарските институции многу бргу ќе има одговор околу сите нејаснотии околу автобуската несреќа на автопатот „Струма" и согласно тоа ќе има ефикасност во утврдувањето на одговорноста.
„Она што засега можам да го кажам и е во доменот на податоци со кои располага МВР е дека последната извршена проверка на техичката исправност на автобусот е на 5 октомври 2021 година, а истражната постапка ќе ги даде одговорите на сите отворени прашања“, рече Спасовски.
Од МВР велат дека техничкиот преглед на автобусот го извршила фирмата Виа Комерц-Џељал ДООЕЛ. Во тек е идентификацијата на телата на жртвите преку ДНК, по што тие ќе бидат пренесени во земјава.