Достапни линкови

Тридневна жалост во Македонија и Бугарија, сочувство од светот


Тридневна жалост во Македонија и Бугарија по сообраќајната несреќа во која загинаа најмалку 46 македонски државјани. Премиерот Заев изјави дека двете земји во целост соработуваат за расчистување на причините за несреќата и идетнтификација на жртвите.

Бугарија и Македонија прогласија тридневна жалост по сообраќајната незгода во која изгоре патнички автобус на бугарскиот автопат и загинаа најмалку 46 македонски државјани. Македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес конференција со неговиот бугарски колега изјави дека најголем дел од патниците биле од земјава, еден имало од Прешево, Србија и еден со белгиско државјанство.

„Тоа е страшна трагедија. За инцидентот веднаш бев информиран од Стефан Јанев и Румен Радев . Соработката меѓу двете земји е на високо ниво и имаме постојана координација меѓу нас двајцата премиери, меѓу министрите за надворешни работи, за здравство, за внатрепшни работи и меѓу обвинителите и сите служби. Довербата меѓу институциите е голема и така најдобро ќе им служиме на граѓаните. Болката е голема и кај двата народа, но семејствата кои изгубија свои членови е ненадоместлива“, изјави Заев.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи изјави дека жртвите биле „само млади луѓе“. Тој додаде дека повеќето од нив се од Скопје и дека подолг викенд патувале за Истанбул за државниот празник.

Бугарскиот премиер Стефан Јанев посочи дека трагедиите се она што нè допира и прави луѓе и сочувствителни – без разлика од која националност се луѓето кои повеќе не се со нас.

„Денес е посебен ден, ден кој бугарскиот народ го одбележа со две сериозни трагедии. Ден одбележан со две тешки трагедии – синоќешниот инцидент во село Ројак, каде загинаа девет бугарски државјани. Трагедијата се уште се истражува. Истражните органи мора да си ја завршат работата. Неколку часа подоцна, нова трагедија го одбележа денешниот ден“ изјави Јанев на прес конференцијата.

Бугарија презеде навремени активности за расветлување на причините за автобуската несреќа, за идентификување на загинатите, за давање помош и лекување на настраданите, и очекува поддршка од македонските институции, на кои е подготвена да им ги обезбеди сите информации за случајот, се наведува во соопштението на кабинетот на претседателот Румен Радев по средбата со премиерот на Македонија Зоран Заев.

Роднините на жртвите без информации, „Беса транс“ затворена
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:14 0:00

Кризен штаб во врска со автобуската несреќа функционира во Министерството за надворешни работи.

„Двајца наши вработени се упатени на испомош во Амбасадата на Северна Македонија во Софија со цел да помогнат околу сите процедури поврзани со трагичниот настан. За оваа цел, Министерството за надворешни работи отвори специјална телефонска линија (075 273 73) на која сите загрижени граѓани, роднини и членови на семејствата ќе можат да се обратат за дополнителен совет“, соопштуваат од Министерството.

Бугарското министерство за надворешни работи сооопшти дека во своите надлежности ќе им пружи целосна помош на макенските власти во врска со несреќата на автопатот Струма.

Од надлежните бугарски институции е побарано да се обезбеди приоритетен и непречен влез во Бугарија на роднините на загинатите и повредените, како и на претставници на медиумите од земјава со оглед на хуманитарниот аспект на случајот.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски изрази сочуство со семејствата кои ги изгубија своите најблиски.

„Очекувам надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која не се памети во нашата понова историја. Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените, напиша тој на неговиот официијален профил на Твитер.

Реакции и сочуства од светот

Автобуската трагедија во Бугарија од рано утринава е главна вест и во регионалните и во светски медиуми. Пораки со сочувство за настраданите пристигнаа од сите соседни држави, вклучително и од Европската Унија.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји преку социјалната мрежа Твитер го опиша настанот како ужасни вести.

„Моите мисли и сочувство се со семејствата и пријателите на загинатите како и со луѓето и властите на Македонија. Им посакувам брзо заздравување на повредените“ напиша Вархеј.

Претседателите на Европскиот парламент, Совет и Европската комисија изразија сочувство по автобуската несреќа која однесе 46 животи во Бугарија.

„Изразуваме искрено сочувство и посакуваме сила на нивните семејства и пријатели. Нашите мисли се со Бугарија и Северна Македонија на овој трагичен ден“, објави претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, исто така изрази сочувство за семејствата и блиските на починатите во несреќата и им посака брзо закрепнување на повредените.

„ЕУ е солидарна со вас во овие ужасни времиња“, напиша таа.

Шарл Мишел, претседателот на Европскиот Совет, порача дека ЕУ е подготвена да испрати помош на секаков можен начин.

„Нашите мисли се со жртвите на ужасната несреќа во Бугарија, нивните семејства и сите работници во првите редови“, напиша Мишел на Твитер

Сочувство пристигна и од американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз.

„Во име на Американската амбасада, би сакала да изразам сочувство до семејствата кои ги загубија саканите и нашата поддршка за тие кои се повредени и чии срца се полни со болка поради трагичната автобуска несреќа. Напите мисли се со вас во ова тешко време“, напиша Брнз.

Десетици загинати во несреќа на македонски автобус во Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:23 0:00

Бугарскиот патријарх Неофит изрази сочувство за настраданите во несреќата.

„Во неделата во која се молиме за загинатите во сообраќајни несреќи, оваа најнова трагедија јасно ни покажува дека несреќите по патиштата се резултат на многу фактори. Со татковска грижа им се обраќаме на сите кои возат да бидат разумни и одговорни на патиштата. Искрено се молиме на нашиот небесен Отец да ги упокои душите на загинатите во тешката несреќа“, се наведува во пораката со сочувство на патријархот Неофит.

Телеграми со сочуство пристигнаа и од лидерите во регионот, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премир Еди Рама, и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG