Засега нема препорака за примање на трета доза на вакцина, велат надлежните институции, откако Истражувањето на Институтот за медицински истражувања во Белград покажа дека една петина од вакцинираните со кинеската вакцина во Србија не развиле антитела, а претежно се работи за лица постари од 70 години.
Досега во земјава најмногу пристигнаа токму вакцините Синофарм. Најпрвин 200 илјади со кои започна и масовната имунизација низ градовите во земјава, а потоа уште 100 илјади вакцини од истиот производител кои беа донација.
Националниот координатор за имунизација, професор Александра Грозданова вели дека граѓаните кои ја имаат примено вакцината Синофарм треба да бидат спокојни и да не се оптеретуваат со проверка на антитела.
„Оваа вакцина се користи во повеке земји во светот и e одобрена од СЗО. Ефикасноста на оваа вакцина е меѓу 75 и 80 отсто и иако овој процент е помал во однос на другите вакцини инзворедно битно е да се нагласи дека оваа вакцина подеднакво успешно ги спречува компликациите и тешките облици на ковид. Комисијата за имунизација е во тек со сите објави и податоците за ефикасноста на оваа вакцина вклучително и онаа од Србија каде се увиде дека дел од постарата популација не создала антитала по примање на оваа вакцина“, вели таа.
Дали вакцините Синофарм обезбедуваат заштита од ковид-19 и на оние лица кои нема да развијат антитела ќе се знае со тек на време, вели докторот Никола Пановски. Но, според него, во земјите каде доминира кинеската вакцина, како Сејшелите, иако има доста случаи на ново заразување, клиничката слика е полесна, намалена е хоспитализацијата и смртноста.
„Мерењата на антитела навистина не е потребно. Ако се создаде колективен имунитет, како што и ние го имаме сега природно и ќе го засилиме со вакцини, не е битно кој има, а кој нема антитела. Ако 80 отсто се заштитени тие ќе ги заштитат и останатите“, вели Пановски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме на социјалните мрежи во групите за размена на искуства и совети за ковид-19 граѓаните бараат одговори за ефикасноста на кинеската вакцина.
„Молам ако се во можност да се огласат докторите за нивно мислење во врска со ревакцинацијата со Синофарм со оглед дека не ствара антитела дали вопшто да се ревакцинираат многумина се во дилема“
„Дали вопшто да се вакцинираме со втора доза Синофарм ако нема антитела и треба по трет пат друга вакцина. За мене нема логика ревакцината“
„Со примена втора доза Синофарм, после колку време најдобро е да се проверат антитела и ако нема присуство на антитела значи ли тоа дека лицето не е имунизирано“, гласат само некои од прашањата на граѓаните.
Грозданова додава дека се уште не постои официјална препорака за примање на трета доза на вакцини, ниту пак за примање на различни вакцини и официјално оваа пракса не се применува никаде во светот.
„Комисијата ќе ги следи сите препораки кои официјално ќе бидат одобрени во однос на овие прашања и соодветно ќе даде препорака за истите и кај нас“, посочува Грозданова.
Дали луѓето кои немаат антитела по примањето две дози од кинеската вакцина, ќе треба да примат и трета доза, тоа треба да решат надлежните за вакцинација, смета Пановски.
„Јас мислам ако две дози не дале, зошто би дала трета. По мене би требало кога ќе има ревакцина кога ќе има повеќе избор на вакцини, повозрасните луѓе да ги избегнат кинеските вакцини. Во тој смисол би била одлуката која би се донела на светско ниво, па и ние би ја пресликале“,смета Пановски.
Веројатно лицата без антитела, имаат клеточен имунитет кој за жал не може да измери, додава Пановски. Самиот производител Синофарм, како што посочува тој, кажа дека 75 проценти нуди заштита вакцината. Тој порачува дека ниту една вакцина не штити до крај и најважно е да се продолжи со масовната вакцинација, да не се бират вакцини и да не се мерат антитела.
До недела, според последните податоците на Министерството за здравство, на вакциналните пунктови во државата вакцинирани се вкупно 220.733 граѓани. Додека пак вкупно се аплицирани 259.577 дози вакцини, а ревакцинирани се 38.806 граѓани.
Според министерството, 45,7 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 39 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Над 419 илјади граѓани искажале заинтересираност за вакцинација на официјалната веб страна за пријавување.