Во Македонија јавноста и натаму ја бранува случајот со поранешниот премиерот Никола Груевски за чие бегство во Унгарија државата речиси три месеци продолжува да бара одговори за одговорност и направени пропусти, а дополнително незадоволство внесе веста што стигна од Албанија во која се наведува дека се избришани снимките од неговото бегство.
Поради ова, се поголем дел од граѓаните посочуваат дека им опаѓа довербата во институциите на државата, а како клучна причина го наведуваат и тоа што не се издејствува кривична правда и за други високи државни функционери или лица кои беа осомничени за инволвираносот во злоупотреби на позицијата и на државни пари во изминатите години.
Видете и ова: Сеад Кочан и Латас може да куртулат од СЈОДеновиве и дел од невладините организации изразија разочарување дека со измените во кривичниот законик одредени случаи ќе застарат и никој нема да добие судска казна иако СЈО ова го демантираше.
Дел од граѓаните велат дека се скептични дали може да веруваат во правда и закони во ситуација кога нема епилог и правна разрешница и за повеќе други случаи на СЈО како за Латас, Авировиќ и Кочан. Има и такви кои очекуваат дека правдата ќе се оствари, но оти е потребно време.
„Не верувам дека ќе има правда, цврсто сум убедена, се поддржуваат еден со друг, тајно народот е излажан, и едната и другата влада се кријат прикажуваат дека некого ќе го носат на суд, па ќе ги извадат од затвор, а обични луѓе обвинети за ситен криминал лежат со години во затвор, сè е корумпирано.“
„Јас верувам во правда и во оваа наша Македонија дека правдата ќе забави ама ќе стигне. Едно нешто ќе ви кажам, комплексна работа е бегството на Груевски и другите што избегаа, процедурите не се лесни. Процедурите се долги и крајот ќе си го најде своето место.“
„Оф тешко е да се одговори зашто сум дипломиран правник. Ако гледаме како што пишува во учебниците нема правда во Македонија. Не е само случајот со Груевски, туку сè што се случува и ова со пензиите се е нешто против непознат сторител, сè е недовршено, сè се одлага, а на луѓето им е јасно дека правда нема.“
„Во врска со случајот на Груевски мислам дека многу време повторно се остава за да се решат работите или воопшто не сакат да се откријат и решат“, велат дел од граѓаните.
Информацијата дека биле избришани снимките од безбедносните камери во Албанија од периодот кога експремиерот Никола Груевски пребега за да не ја одлежи затворската казна во Македонија предизвика бројни реакции и на социјалните мрежи.
„Груевски како Каспер, камера не го фаќа.“
„На Шпанската серија и нема крај“, се само дел од статусите објавени на социјалните мрежи кои зборуваат за недовербата која преовладува во јавноста.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Професор Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања вели дека наивно и звучи доведувањето во врска на исчезнувањето на снимките во Албанија со истрагата во нашата држава за одговорноста за бегството на Груевски.
„Веста дека случајот со Груевски ќе биде загрозен, затоа што биле избришани снимките е смешна, затоа што нас не интересира истрагата во Македонија, за тоа кој бил одговорен за Груевски овде, кој требало да преземе мерки за да биде достапен за органите на прогонот“, вели Најчевска.
Таа потсетува дека граѓаните во изминатите години протестираа и се бореа против претходната власт и бараа да постои кривична правда во Македонија, но забележува оти тоа досега не се постигна.
„Дефинитивно она основното заради кое и започна „Шарената револуција“ и она што беше една од основните пароли и пораки дека граѓаните сакаат сигурна правна држава во која ќе владее правото на еднаков начин, во моментов не се исполнува“, вели професор Најчевска.
Таа посочува дека во јавноста не може да се видат чекори кои водат кон исполнување на заложбите за правна држава, туку дека напротив се стекнува впечаток дека оваа власт ги продолжува практиките на претходната власт.
„Прво практики на одолговлекување на казнувањето на оние што биле на функции, заташкување на одредени случаи или казнување за минорни работи, а откажување од истраги за големи прекршувања на законите“, вели професор Најчевска.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија сериозно е подриена вербата на граѓаните во правда, но според него причини за тоа се што уште нема државна комисија за спречување корупција, отсуствуваат сериозни реформи во судството, се уште не се однесени законите за судови и за судски совет, а тука се и промените во кривичниот закон.
„Мислам дека мотивацијата на граѓаните да бараат правда и да очекуваат правда е срозена. Ова што претстои сега е потребата да се донесат законите и конечно да се направат реформи во судството. Процес кој сигурно ќе трае, бидејќи дури и законите да се донесат правораздавањето и пресудите за човекови права и против оние што ги кршат е процес којшто нема брзо да заврши и којшто доколку се случи евентуално би ја зголемил мотивацијата и довербата на луѓето во судскиот систем и во државата“, вели тој.
Најчевска не очекува довербата да се врати со промена на законите, туку дека тоа може да се случи кога ќе почне да се менува практиката.