Нема да бидеме дел од ЕУ во догледно време

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трошановски – Ние сме во перманентна политичка кампања

На повидок нема решение на спорот со Бугарија што ќе биде во наша корист. Очигледно е дека Македонија во догледно време нема да биде дел од Европската унија. Регионалните механизми на соработка во асоцијација со ЕУ е нешто што е поверојатно во блиска иднина, вели политичкиот аналитичар Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Трошановски, локалните избори се закажани за 17 октомври. Каква кампања очекувате – посветена на локални прашања или високо политичките теми повторно ќе бидат дел од предизборното мени?

Следејќи како се однесуваа партиите во изминатите изборни циклуси на локално ниво, мислам дека секако централните теми ќе го заземат местото во предизборниот наратив. Локални прашања во смисла на конкретни комунални и инфраструктурни проекти секако дека ќе провејуваат, но манипулацијата со гласачите преку централни теми несомнено сè уште ќе постои и очигледно партиите не се одвикнуваат од таа пракса, бидејќи се покажува како високо мобилизирачка и ефективна во смисла на електризирање на електоратот и ги тера луѓето повеќе да излезат на гласање, иако реално тие теми немаат никаква врска со ингеренциите на локалната власт. Тоа е пракса што дефинитивно треба да престане, тоа е класична манипулација со електоратот.

Локалните избори се одржуваат во редовен термин, но партиите речиси секоја година ги повикуваат граѓаните да гласаат. Што покажува ова?

Тоа генерално е светска пракса, доктрината во политичката комуникација е дека кампањата завршува кога ќе завршат изборите, а ние фактички сме на некој начин во перманентна политичка кампања. Не може да им се замери од една страна на партиите што го прават тоа, но секако треба да се има на некој начин почит кон легитимитетот којшто изборниот процес им го дава на оние коишто ја преземаат власта и доколку граѓаните им дале доверба на оние коишто ја имаат извршната власт, секако треба да се испочитува таа волја и да не се делегитимира самата влада уште наредната недела откако ќе завршат изборите. Секако треба да се остави некој временски период владата непречено да почне да ги врши замислите, односно да ги имплементира програмите за коишто се заложила на изборите.

Проблемот со Бугарија ја остава во неизвесност интеграцијата на Македонија во ЕУ. Може ли во догледно време да се надмине спорот?

Како што се развиваат работите, не верувам дека во догледно време ќе се најде решение коешто би било во наш интерес. Просторот за компромиси е прилично стеснет, ние немаме никаков простор за да одговориме во голем дел на барањата коишто ги има бугарската страна. Оттука мислам дека во брзо време нема да има решение. Ние мора да останеме посветени на евроинтеграцискиот процес заради наши сопствени интереси, пред сè во доменот на владеење на правото и да поттикнуваме регионални иницијативи, како што е впрочем иницијативата „Отворен Балкан“, но и останатите можности коишто ги нуди Берлинскиот процес. Мора да зајакнуваме економска соработка, мобилност на граѓани, добра, услуги, транспорт итн., меѓутоа, конкретно во случајот со Бугарија не верувам дека се подготвени, и бугарската страна, но и кај нас, особено по донесувањето на Резолуција во Парламентот, да се направат сериозни отстапки, бидејќи појдовниот принцип во компромисите е принципот на реципроцитет, додека она што го бара бугарската страна е еднострано наметнување на решенија во најмала рака, така што не верувам дека во брзо време тоа ќе се случи и треба да го имаме тоа на ум, граѓаните да го имаат тоа на ум и одговорноста за потфрлањето во политиките да ја бараат само кај нашите политички елити дома, а не и во стагнирањето на европскиот процес и нефункционалноста на механизмот на проширување.

Верувате дека Македонија некогаш ќе биде дел од ЕУ или реалноста ќе биде отворен Балкан во блиски односи со Европа?

Тоа е тешко прашање да се каже. Она што е очигледно е дека тоа брзо нема да се случи. Во самата Унија постои замор. Дебатите за она што се нарекува диференцијално проширување или проширување во повеќе кругови, во повеќе слоеви се сè посилни. Следното претседателство по словенечкото е во Франција, којашто традиционално не покажува проактивност во делот на проширувањето, така што мислам дека регионалните механизми на соработка во асоцијација со ЕУ се нешто што е поверојатно дека во блиска иднина ќе биде доминантен начин на функционирање. Секако крајната цел треба да биде таа интеграција и некогаш ќе се случи, но не мислам дека тоа ќе биде во догледно време.


Целото интервју со политичкиот аналитичар Марко Трошановски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.