Двата парламентарни изборни циклуси во Бугарија не донесоа можност за брзо формирање влада во Софија, засега единствениот главен град на држава членка на Европската унија кој јавно се спротиставува на напредокот во македонскиот европски пат. За жал не се охрабрувачките вестите кои доаѓаат од Бугарија, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи коментирајќи го ваквиот развој на настаните во контекст на македонската европска перспектива.
„Ние бевме во очекување дека во овој втор обид ќе има инситуции за да можеме во тој политички дел да комуницираме и да бараме решение“, вели Османи.
Тој додава дека „колку да се одржи ниво на комуникација“ и во меѓувреме со бугарското министерство имале контакти за последниот предлог што македонската делегација го однесе во јуни во Софија, но дека очигледно било дека треба да има политичка влада за да се надмине прашањето.
Политичката влада во Бугарија, пак, засега се чини дека е тешко брзо да се формира. Можноста да се оди на нови избори во соседната земја практично може да ја направи невозможна опцијата за решение, а со тоа и деблокирање на македонските европски интеграции до крајот на годинава.
Дотогаш со унијата претседава Словенија, а претседателката на Институтот за европска политика ЕПИ Симонида Кацарска оценува дека е тешко пробив да се случи за време на словенечкото претседателство. По Словенија со унијата ќе претседава Франција, па прашањето за деблокадата на интеграциите ќе треба да го турка официјален Париз. Втората половина од идната година со ЕУ ќе претседава Чешка.
„Не е многу веројатно дека Франција ќе стави многу голем фокус и ќе направи голем ангажман за нашите преговори бидејќи тие ценат дека ова е прашање кое е можно и на владата во Франција да и одземе некој процент од поддршката и да отвори теми кои не би сакале тие да се отвораат во пресрет на изборите во самата Франција“, вели Кацарска.
Досега германското, португалското и словенечкото претседателство се обидуваа да го држат прашањето живо и дневен ред, но обидите беа безуспешни. Во меѓувреме, пак, додека изборите на бугарската политичка сцена донесоа промена, па ГЕРБ на Бојко Борисов стана втора партија, а ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов остана надвор од парламентот, нови сили станаа главни политички актери. Претставници на партиите кои ги нарекуваат „протестни“ бидејќи произлегоа од протестите против владата на Борисов веќе почнаа да споменуваат ревизија на Договорот за добрососедство од 2017 година или нов договор. Всушност тоа го навести и самиот Борисов на јунската средба во Софија со македонската делегација што ја предводеше премиерот Заев.
„Нов договор, ако нашиот не им се допаѓа“, рече Борисов упатувајќи ја пораката до службениот премиер Стефан Јанев и новите политички сили.
И доскорешниот кандидат за мандатар на новата бугарска влада Пламен Николов предложен од партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ која освои најмогу гласови спомена „ревизија или преразгледување на самиот договор“. Од македонските политичари, пак, нов договор спомена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој лани велеше дека кога тие ќе дојдат на власт ќе бараат нов договор со Бугарија.
Според Кацарска нов договор нема да ги подобри работите се додека особено во Софија нема политичко водство кое ќе се однесува на поинаков начин од лани.
„Особено имајќи предвид дека дел од позициите на Бугарија зад кои тие стојат не се поврзани со Договорот за добрососедство туку со нивна интерпретација на договорот“, вели Кацарска.
Додека во Софија од пролетта не може да се формира политичка влада, собранието во Скопје, минатиот месец, а две години по бугарското собрание изгласа резолуција за црвените линии во однос на спорот. Сегашната службена влада реагираше, а министерот за надворешни работи Светлан Стоев рече дека таа го „стеснува полето на можности за компромис“ и дека внимателно ќе испитаат дали е во согласност со Договорот за добрососедство.