Десет часа траеше одлуката на министерот за здравство за луѓето кои сакаат да си го променат полот да можат тоа да го сторат на сметка на Фондот за здравствено осигурување. По низата негативни реакции на социјалните мрежи што ги предизвика изјавата на Венко Филипче дадена претпладнето, вечерта министерството за здравство соопшти дека оперативен зафат нема да постои на сметка на Фондот и нема да се изведува во јавна здравствена установа.
Видете и ова: Филипче се предомисли, ФЗО нема да плаќа за промена на полПодолго од оваа одлука, пак, траеше одлуката на премиерот Зоран Заев да биде и министер за финансии. Заев тоа го најави в неделата, а во средата, исто така, по низа реакции реши да се повлече од таквата идеја.
Видете и ова: Заев го повлекува предлогот да биде министер за финансииНавидум случаите се слични, но зад нив стојат различни причини, оценуваат упатените. Во случајот со Заев се работи за некоординираност во рамки на Владата и потфрлање во консултациите со правната служба за можноста премиерот да биде и министер, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. Според него, во вториот случај, со Филипче, пак, се работи за уште една од серијата постапки на повлекување од страна на владата врз основа на јавната реакција, а не, како што вели, врз основа на стратегиски и принципиелен пристап во креирање на политиките.
“Во еден - два наврати ваквите повлекувања може да се сметаат и за сензитивност кон потребите на јавноста, меѓутоа кога се повторува во повеќе случаи, како што е пример сега, станува збор за отсуство на лидерство, отсуство на стратегиски пристап во реформите и се разбира дека тоа ќе има негативен одек кај јавноста, но уште повеќе, има и негативен ефект врз долгорочноста и суштинската примена на реформите”, вели Трошановски.
Владата и претходно се има повлекувано по реакции на јавноста. На пример, по изнесените наводи за сомнителен тендер во Министерството за здравство Филипче, откако на првата прес конференција рече дека постапката е во фаза на евалуација, на втората прес конференција, следниот ден ја прекина постапката поради „пoстоење одредени неправилности во документацијата”.
Владејачкото мнозинство предводено од СДСМ пред половина година поднесе во Собранието измени на Законот за трговија со кој пазарџиите ќе требаа да вадат лиценци, но по жестоките реакции го одложија до први септември, а дотогаш се обврзаа да најдат ново законско решение.
“Има и теми во кои реакции имаат улога владата да се повлече и тоа е добро и демократски. Но, во повеќето случаи мислам дека се работи за немање на ниту стратегија, ниту детални анализи за конкретниот проект или чекор”, вели политичкиот аналитичар Џељаљ Незири.
Претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пак, често беше критикувана поради непопустливоста во своите политики наспроти несогласувањата од граѓаните. Аналитичарите сега, велат дека актуелната влада покажала лидерство во постигнувањето и спроведувањето на Договорот од Преспа и сугерираат дека е потребно исто лидерство и во останатите реформски процеси.