Неделниците за „Рекет“ и битката за Обвинителството

Илустрација - Весници и лаптоп

Фокус - „Заев и Мицкоски се борат за контрола на Обвинителството“ Глобус - потсетува дека „Аферата ’Рекет‘ има и конзуларно обележје“ Капитал - „Кина ќе биде втор најголем пазар за вино во следните три години“

На насловната страница на најновиот Фокус читаме дека „Заев и Мицкоски се борат за контрола на Обвинителството“. И под овој наслов може да се сведат два текста во неделникот. Додека лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се пазарат за судбината на предметите на СЈО, или подобро речено, глумат правници, јавната обвинителка Јанева од притвор го покажа најлогичниот излез од кризата, пишува Фокус. Дали имала суфлери и кои биле, допрва ќе покаже времето, но засега таа ги спаси предметите од пропаѓање, заклучува авторот на текстот насловен „Политичка битка за Обвинителството“. Во уводникот „За нештата да станат појасни“, авторот смета дека е логично да се претпостави оти раководството на ВМРО-ДПМНЕ има интерес да се затворат, да се заташкаат или барем да се одолговлечат предметите и истрагите на СЈО против Фамилијата. И потоа, авторот настапува со прилично провокативна теза: „Но чудно е, ако притоа бланко веруваме оти со решенијата што ги нуди, СДСМ се бори токму за владеење на правото, а не за сопствена контрола на кривичниот прогон“, пишува покрај другото Фокус.

Видете и ова: „Спасувачка мисија“ пред одлуката за датум за преговори на Советот на ЕУ

Онлајн магазинот Глобус потсетува дека „Аферата ’Рекет‘ има и конзуларно обележје“. Случајно или не, почнува авторот, Јордан Камчев требаше да стане почесен конзул на Бугарија во земјава, а битолскиот бизнисмен, Силјан Мицевски е веќе 12 години почесен конзул на Србија во Македонија. Како на Балканот се добиваат овие титули и за што служат – поставува прашање Глобус, па додава: „Не е тешко да се каже, интересите и на нашите соседи за ваквите луѓе се толку провизорни и калкулаторски“. Неделникот потсетува дека Камчев беше првиот човек кој стартуваше со присуство во просториите на СЈО уште во август 2016 година, и дека уште тогаш очигледно имал силно јатачко лоби на високо ниво во Софија, кога со барањето де биде почесен бугарски конзул во Македонија, бугарските моќници требало да му обезбедат дипломатска закрила. И вториот конзул, оној на Србија, потсетува Глобус, веќе двапати беше кај обвинителката Рускоска за „Рекет“, а и во „бомбите“ на Заев се спомнува како „Дебелиот“ и се слушаат факти кои го товарат за политичко мешетарство во земјава, особено во контекст на местењето тендери со ЕЛЕМ. „Случајот со конзулските аспирации на Бугарија и Србија јасно покажува како се измешани картите на Балканот и кои сили стојат зад политиките на државите... Да не говориме дека соседните земји меѓусебно не поставуваат почесни конзули. Како и да заврши аферата ’Рекет‘, исходот нема да биде поволен за комшиските кадровици“ – заклучува авторот на текстот во Глобус.

Видете и ова: Дали криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и „Рекет“ се клучните проблеми?

Од последниот двоброј на неделникот Капитал за денеска го издвојуваме написот за тоа дека „Кина ќе биде втор најголем пазар за вино во следните три години“, веднаш по САД. Проценките се дека до 2022 година кинескиот пазар на вино ќе вреди 19,5 милијарди долари, а бројот на консументи на вино ќе изнесува 70 милиони. Во моментот, Франција останува најголем извозник на вина во Кина, но овој пејзаж брзо се менува бидејќи австралиските производители на вина брзо растат со оглед на фактот што од почетокот на оваа година вината од Австралија можат да се увезуваат во Кина без царина. Какви се изгледите за извоз на македонските вина на тој огромен пазар? Извозот на македонски вина во Кина почнува полека да се зголемува во последниве неколку години, но сè уште е на многу ниско ниво, забележува неделникот. Во 2018 година во Кина се продадени македонски вина во вредност од 1 милион и 800 илјади евра, а во првата половина од оваа година има реализирано извоз од околу 800 илјади евра.

Според податоците на Државниот завод за статистика, Кина е шести по големина пазар за извоз на македонските вина. Инаку од земјите во регионов, најголем извоз на вино имаат Бугарија, со околу 5,5 милиони долари и Црна Гора со извоз од 2,2 милиони долари, наведува Капитал.