Не сме подготвени некој да не лаже 24/7

Власта зад затворени врати се подготвува за борба против дезинформациите и лажните вести. Претставниците на државниот врв, на првиот состанок на акциската група, рекоа дека на лажните вести требало да одговорат со поголема транспарентност. Во меѓувреме, трендот на ширење лажни вести не прекинува.

Ќе се затворат државните клиники, пациентите ќе бараат спас во приватните. Ракометарите на Вардар не ја подигнале наградата од Владата поради името Северна Македонија кое било напишано на владиното признание. Првачињата нема да ја учат химната - Ова беа само еден дел од лажните информации со кои граѓаните се среќаваа во изминатиов период. Ни Македонија не е имуна на светскиот тренд - лажни вести. Во битката на новинарите со нив, освен вистината жртва станува и угледот на медиумите, на поединците, на институциите. Медиумските работници предупредуваат дека лажните вести влијаат негативно на поединецот во донесувањето на секојдневни одлуки за општествено делување.

Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), вели дека лажните вести влијаат врз начинот на кој размислува секој поединец, бидејќи информациите се кислород на општеството.

„Луѓето од сабајле до навечер се изложени на голем број на информации кои доаѓаат од разни јавни гласила и врз основа на тие информации тие ги донесуваат ставовите за случувањата и начинот на кој тие ќе постапуваат. Еден од најголемите проблеми е влијание врз процесот на изборите. Ние сме сведоци на многу примери последниве години по светов каде што може да се види експлицитно мешање на надворешни фактори, па и внатрешни различни центри на моќ кои што го поткопуваат демократскиот процес во избирање на демократските избраници“, вели Петковска.

Вистинското новинарство – егзотична професија

Лажната вест и дезинформациите во медиумите влијаат на намалување на довербата во новинарството. Проблемот со новинарството е повеќеслоен, вели истражувачкиот новинар во „Призма“ Владо Апостолов.

„Весниците се во криза секаде во светот. Јас имам чувство дека вистинското новинарство е егзотична професија само за некои сладокусци, нема пазар за тоа. Кому и каде ќе сервираш целосна информација, нема веќе ни платформи каде можеш тоа да го направиш. За целосна информација се потребни две страни, понекогаш и три страни, па беграунд, па целосна анализа, па тоа се пет минути, кој денеска има време да чита пет минути на интернет или да изгледа видео прилог од пет минути?“, прашува Апостолов.

Тој оваа теза ја доведува до апсурд

„За тие што сакаат да работат новинарство и што сакаат да го прават тоа како што треба со сите салтанати, да ни дадат по едно дуќанче во турска чаршија, онака како кујунџии и некој заинтересиран кога ќе види – види што убава егозтична професија да си купи производ и да ви плати и државата да се секира за нас да не плаќаме даноци за да не изумреме, не за друго“, вели Апостолов.

Видете и ова: Велешката врска со фејсбук страницата „Ветераните за Трамп“


Лажното информирање на јавноста се прави со цел намерно да се објави некоја пропаганда или дезинформација, а социјалните мрежи се користат за да се засили нивното ширење и нивната читаност. Разликата помеѓу лажните вести и вестите што служат за забава или сатира е во тоа што со првите се прават напори да се заведат читателите за финансиски, за политички или за други цели.

Пратеници и разузнавачи - извори на лажните вести

Петковска од МИМ додава дека детектирањето на нивниот извор е сложен процес за кој е потребна долготрајна анализа и истражување.

„За нас што работиме во јавниот простор е сосем јасно дека во овој процес, медиумите, политичките партии, економски центри на моќ, бизнис групации, па и служби од сферата на безбедноста се актерите кои се вклучени во создавање и ширење на лажните вести“, вели Петковска.

Неодамна белгискиот истражувачки новинар Мартен Шенк објави сторија за нови сајтови од Македонија за пласирање на лажни вести од разузнавач од АРМ и полициски инспектор кои биле дел од кумановска група. Но тоа не е прв случај по кој што Македонија стана позната во светот како земја на лажни вести. Млади велешани со над 140 интернет страни заработувале многу пари за време на американските претседателски избори со ширење на лажни вести.

Лажната вест на социјалните мрежи се шири како вирус

За една лага се потребни три секунди, но за нејзино разобличување ти се потребни најмалку пет минути.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, вели дека лажните вести најчесто се среќаваат преку онлајн медиумите и социјалните мрежи.

„Таму најбрзо се шират лажните вести. Дури секоја лажна вест на овие платформи патува многу побрзо од вистинските вести и тоа е глобален тренд и тука треба да се насочи голем дел од активноста за сузбивање на ширењето на лажните вести“, вели Чадиковски.

Младата новинарка во 360 степени, Славица Филиповска, вели дека при нејзината работа досега забележала дека голем проблем со лажни вести предизвикува хаосот со интернет порталите.

„Во медиумскиот хаос на интернет каде што целосно измислени приказни проаѓаат кај публиката, за жал, како вистински и потоа се отвора дополнителна работа за професионалните и чесни медиуми кои треба да ги објаснуваат дека тоа што се пишува е далеку од реалноста,“ вели Филипоска.

Филиповска додава дека сериозно поголем проблем е што функционерите и политичарите ги злоупотребуваа и говорниците и своите профили на социјалните мрежи за да шират тотални дезинформации.

„Особено пратениците, сум имала ситуации во кои двајца пратеници кои буквално ги фативме како шират лажни вести и без никаква грижа на совест продолжија да го прават тоа иако ние алармиравме во јавноста. Но сепак нивните приврзаници веруваат. Политичките партии и нивните приврзаници мислам дека се најголем извор на лажни вести, и не прават дистанца што е тоа чесен напад на политичкиот противник, а што е лажна вест и злоупотреба на јавноста за да се добие некаков поен“, вели таа.

Видете и ова: Власта ќе ја зголемува транспарентноста зад затворени врати


Данора Борјанин како експерт кој се занимава со стратегиска комуникација вели дека тешко е да се постави цврста граница меѓу слободата на говор и дезинформациите кои се шират на социјалните мрежи.

„Тоа е навистина комплицирано прашање, затоа што е тешко да се навлезе без притоа да треба да се одбира меѓу целосната слобода на говор или политички дискурс без дезинформации. Отсекогаш постоел тој предизвик за ширење на лажни информации или дезинформации, од компаниите, од политичарите, и од припадниците на јавниот живот. Ни денеска не е поразлично. Тоа што ние треба да го направиме како општество е помалку да ги толерираме таквите предизвици. Ние не треба да очекуваме дека политичарите ќе лажат и ние да бидеме ок со тоа кога ќе го сторат. Ние имаме право да ги држиме одговорни за тоа, така што нема да гласаме за нив“, вели Борјанин.

Но лажењето на политичарите и ширењето на лажните вести во медиумите не се единствен проблем, затоа што тоа не е само спакувана вест со наслов, поднаслов и текст за да се утврди лесно дека е лага, вели новинарот Владо Апостолов.

„Денеска тоа може да биде и еден твит, изваден од контекст, може да биде и тенденциозен фејсбук пост, може да бидат и факти кои ставени во одреден контекст и со нив да се излаже нешто. Тоа е најмалиционзното, точен факт ставен во погрешен контекст, тоа е лага. Тоа се прави на ФБ, на Твитер и тоа многу повеќе отколку на портали или во други медиуми“, вели Апостолов.

На традиционалните медиуми полесно може да се препознае лажна вест, затоа што сме делумно навикнати на тој начин на информирање, но кога доаѓаат од социјалните мрежи, тогаш многу е потешко, додава тој.

„Ама кога ги добивате тие информации на тоа ниво, со таа брзина, со таа количина, на Фејбук, на Твитер, на Инстраграм, во таа форма, инстант, брзо, сега, одма, мислам дека таму може побрзо да помине некоја лага. Ние не сме подготвени 24 часа 7 дена во неделата да се бориме против лагите, некогаш ќе попушти тој штит, не сме подготвени некој да не лаже 24/7,“ објаснува Апостолов.

И Балканот заразен со вирусот „лажни вести“

Од овој светски феномен како од вирус се заболени и земјите од регионот.

Љупчо Наќев

Колку општествата на Балканот се загрозени од лажните вести и колку често јавноста во регионот е изложена на дезинформации?

Тијана Цвјетичанин, уредничка на порталот „Раскринкување“ во Сараево вели:

„Многу често наидуваме на целосно измислени содржини, на содржини кои се манипулативни, на овој или на оној начин“, вели таа.

Илир Гаши, независен медиумски аналитичар од Белград додава:

„Мислам дека повеќето граѓани во Србија се под дневно влијание на лажни вести.“

Бенџамин Арифи, дописник на Еуроњуз од Скопје,пак вели:

„Во нашата земја, тоа се главно он лајн медиуми, но гледам дека во регионот дури и многу посериозни печатени медиуми и телевизии пренесуваат манипулативни содржини“, додава тој.

Кога е очигледна таквата состојба во медиумите, тогаш се отвора и прашањето, кои се најчести извори на лажни вести и која е нивната цел во регионот?

Тијана Цвјетичанин вели дека горе долу се знаат изворите на лажните вести, а не е тајна и нивната цел:

„Кога направивме алгоритамска анализа на податоците кои ги имаме, кој од кого пренесува, колку често пренесува лажни вести, гледате, на пример, дека постои една мрежа која се протега од одредени медиуми во Србија, до одредени медиуми во Босна и Херцеговина, главно во Република Српска, во која, на пример, е вклучен и еден државен медиум, кој не е ни од една од тие две држави, туку од Русија. Станува збор за српското издание на Спутинк. А тука се и некои 30-тина медиуми кои константно и групно објавуваат ист вид, исти политички дезинформации“, вели Цвјетичанин.

Бенџамин Арифи е на сличен став:

„Главниот извор на тие содржини, на лажните вести, доаѓа од Русија. Тоа секако треба да биде потврдено, но едно здраво општество мора да се бори против таквите содржини, без оглед на тоа од каде доаѓаат“, вели Арифи.

Илир Гаши посочува и еден феномен во врска со дезинформациите, кој е карактеристичен за Балканот. Не може да им се верува ни на институциите и владите:

„Додека во некои други земји на Европа лажните вести доаѓаат од маргините, како на пример, од организации на екстремна десница или нешто такво, во Србија, пречесто самиот државен систем, Владата на Република Србија, се извор на лажни вести“, додава Гаши.

Но, како медиумите, јавноста или пак институциите да се борат против лажните вести? Дали е можно со примена на казни, санкции, затворање на портали или медиуми.

Илир Гаши со став:

„Во рамките на само-регулаторниот систем, каде што медиумите практично создаваат етен етички слој, во кој го осудуваат неетичкото известување. Можеби тоа е решение. Имате судови на честа, имате новинарски кодекс, имате во Србија Совет за печат.“

Тијана Цвјетичанин посочува дека новинарите не треба да се водат само од борбата за кликови, туку дека многу поважна е релевантноста на информациите и кредибилитетот на медиумите.

„Успехот во тоа колку сте имале читаност, посети и друго, не би требало до таа мерка да биде мотив за медиумите и новинарите, туку пред сè, објавувањето на информации кои се важни за општеството.“

Илир Гаши додава:

„Многумина ќе речат - Па чекајте, зошто едноставно не ги забраниме лажните вести или пак зошто не го казнуваме нивното објавување? Но, таквото решение, колку и да звучи парадоксално, задира во слободата на изразување, во слободата на медиумите.“

Бенџамин Арифи се согласува, но вели дека во битката против лажните вести, мора да се вклучат сите.

„Навистина мораме да најдеме вистински баланс меѓу борбата против лажните вести и слободата на медиумите, што е тешко, се разбира. Но, лажните вести се модерна војна, во која мора да учествуваме.“

Како да се разобличи лажната вест?

Модерната војна во која сме втурнати преку технологијата бара системски пристап. Брзиот развој на новите медиуми создава плодна почва за размножување лажни вести.

Борјанин беше неколку дена во Скопје каде што во соработка со Албани Асошиејтс од Лондон и Медиацентар Сараево на работилница во Македонскиот институт за медиуми им помогна на новинарите да стекнат практични вештини за да ја разобличат лажната вест без да ја повторуваат дезинформацијата.

Таа вели дека новинарската борба со лажните вести е предизвик во кој треба сите да се вклучат, затоа што сите ние сме дел од проблемот.

„Ние споделуваме сензационални наслови без да забележиме дека содржината на текстот не е толку сензационален како очекуваме. Ние не плаќаме за квалитетни медиуми, ние наместо тоа плаќаме за медиуми кои не секогаш споделуваат баш најточни информации со нас. Треба да почнеме да делуваме, наместо само да зборуваме и да почнеме да финансираме и да инвестираме во квалитетни медиуми“, вели Борјанин.

Според неа, како и според голем дел од медиумските работници, професионални медиуми треба да ги подобрат своите техники во детектирањето на дезинформацијата, како и да работат на свое подобрување во професионално и етичко новинарство кој што доаѓа од медиуми со интегритет е најдобриот начин за да се заштитат граѓаните од дезинформациите.

Борјанин вели дека во потрагата по системско решениене треба да се наметнецелиот товар на грбот на медиумите.

„Многу е важно одговорот да не дојде само од медиумите. Владата треба да биде вклучена, граѓанското општество исто така мора да учествува. Тоа е предизвик кој што бара одговор од сите чинители во општеството. Поставувањето на товарот со справување само врз медиумите нема да го реши проблемот. Ова е проблем кој што сите ние помогнавме да се создаде, и единствен начин да се реши и да се заземе индивидуален пристап и да се биде многу повеќе критички настроени, примањето на информациите оф лајн и он лајн да биде многу покритичен, “ вели Данора Борјанин

Здружението на новинарите на Македонија, Стопанската комора и Советот за етика во медиумите очекуваат за еден месец да биде готов новиот регистар на професионални медиуми со кој ќе и се посочи на јавноста кои портали ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, но и кои се тие кои се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум.

„ Овој регистар ќе биде база која што ќе може сите да ја препознаваат, пред се бизнис заедницата, како основа за тоа каде може да ги пласираат своите реклами. Во однос на професионалните критериуми за тоа кој може а кој не може да биде професионален онлајн медиум тие се во фаза на изработка и освен општите критериуми веројатно ќе бидат додадени и други критериуми во соработка со новинарската фела,“ вели Чадиковски.

Чадиковски смета дека лажните вести се глобален тренд,но со тоа што лошата медиумска слика во земјава дополнително ја отежнува битката.

Еден од светските примери за борба против дезинформациите кои влијаат врз колективниот здравствен имунитет е социјалната мрежа Инстаграм која најави дека ќе блокира хаштагови на антиваксери кои шират лажни вести за поврзаноста на вакцините со аутизам. Целта е да се ограничи ширењето на лажните тврдења затоа што тие имаат опасни последици по здравјето на граѓаните. Дополнително најавија воведување на функција за пријавување и обележување на лажните вести.
Содржината може да биде означена како лажна вест, по проверка на тимот на „Инстаграм“ задолжен за тоа.
„Инстаграм“ е бесплатна платформа за споделување слики и видеоснимки која нуди опции за нивно уредување и споделување на други социјални мрежи.