НАТО во контакт со С. Македонија и Црна Гора против евентуално руско влијание

Амбасадорката на САД во НАТО Џулијан Смит

Постојаниот претставник на САД во НАТО Џулијан Смит за РСЕ потврдува дека Алијансата е загрижена за стабилноста на Западен Балкан поради руската агресија врз Украина. Таа вели дека НАТО е во постојан контакт со Црна Гора и С. Македонија за спречување на руското влијание. Ѓергина Тухина.

РСЕ: Самитот на НАТО во Мадрид ќе се одржи за неколку недели, а иако беше закажан многу порано, агендата е предмет на последните настани. Тука не станува збор само за војната во Украина, туку и за нешто што беше незамисливо пред само неколку месеци. А тоа се две неутрални земји кои се стремат да влезат во НАТО. Дали е доволен рокот за потпишување на договорот за прием на Шведска и Финска во Мадрид?

Смит: Па, како што знаете, имаме една членка на Алијансата (Турција) која се огласи и изрази загриженост за барањето и на Шведска и на Финска да ѝ се приклучат на Алијансата. Во моментов бараме начини да ги решиме овие проблеми. За среќа, Алијансата има долга историја на справување со ситуации како оваа, кога еден сојузник доаѓа на маса и има загриженост или прашање што сака да го покрене. И затоа се надеваме дека ќе успееме да го решиме, дека ќе го надминеме и дека Финска и Шведска на крајот ќе се приклучат на овој сојуз во текот на оваа година. Што се однесува до прашањето за самитот во Мадрид, ќе видиме како ќе се одвиваат разговорите кои се во тек. И се надеваме дека можеби ќе можат да ни се придружат на самитот во Мадрид како поканети, доколку работите се одвиваат според планот. Но, ќе видиме како ќе се одвиваат дискусиите.

Амбасадорката на САД во НАТО Џулијан Смит зборува за време на брифинг со новинарите во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на Алијансата, во Брисел, 15 февруари 2022 година


РСЕ: Ова на некој начин стана билатерално прашање меѓу САД и Турција. Можете ли да се одблокира до крајот на јуни?

Смит: Па, не добиваме впечаток дека тоа е само билатерално прашање. Тоа што се случи е дека Турција изрази одредена загриженост за двете земји кандидати, Шведска и Финска. И она што го правиме е да ги охрабриме Турците тесно да соработуваат со овие земји и да работат на решавање на овие прашања меѓу нив трите, за да можеме да продолжиме со пристапните преговори.

РСЕ: Но, дали Соединетите Држави соработуваат со Турција за олеснување на пристапувањето или барем покана (до Шведска и Финска)?

Смит: Сите сојузници овде во НАТО се консултираат и со Шведска и со Финска и со Турција, обидувајќи се да разберат како колективно можеме да ги решиме проблемите. Имаше неколку повици од повисоко ниво од наши претставници. Исто така, турскиот министер за надворешни работи неодамна беше во Вашингтон и имаше можност да седне и да се сретне со секретарот Ентони Блинкен во Њујорк, на маргините на конференцијата за безбедност на храната.

РСЕ: И покрај тоа што постои одреден внимателен оптимизам дека работите можат да се свртат во вистинска насока и дека може да има покана за двете земји, тоа ќе доведе до проширување на НАТО. Иронично, постапките на Путин во Украина директно придонесуваат за проширување на НАТО, додека неговата цел беше да го спречи тоа?

Смит: Да, тоа е сосема точно. Претседателот Путин имаше голем број цели во последните месеци. Број еден, сакаше да оди во Киев и да ја преземе Украина за неколку дена. Сакаше да го подели Западот и да се увери дека нема да бидеме обединети и да изврши притисок врз Москва да ја прекине оваа војна. И тој секако не сакаше да види како НАТО прифаќа нови членки или да види како членките на НАТО ги преместуваат своите сили во Источна Европа. А, всушност тие работи се случија. Видовме дека НАТО сега прима апликации од Шведска и Финска. Видовме како сојузниците ги преместуваат своите сили во Источна Европа. Русија не успеа да го земе Киев, па дури ни Украина. И не успеа да го подели Западот.

Видете и ова: Донфрид: Исполнивте тешки задачи, иднината на С.Македонија е во ЕУ

РСЕ: Сепак, има сојузници кои се загрижени. Всушност цел свет е загрижен, но што е со членките на НАТО, кои се под директна закана од Русија. Не само балтичките земји, туку и оние од Западен Балкан. Западен Балкан и членките на НАТО од регионот се совршена територија за можна руска акција во иднина. Дали НАТО презема некаква акција за да спречи какво било можно влијание на руската агресија врз Западен Балкан, меѓу сојузниците пред се Црна Гора и Северна Македонија?

Смит: Па, она што го направи Алијансата во неделите пред 24 февруари, кога Русија влезе во Украина, беше да седне на маса со сите членки, вклучително и некои од најновите членки како Северна Македонија и Црна Гора, за да ги разгледаат безбедносните потреби. А потоа кога Русија влезе во Украина, тие разговори продолжија. Овде сите го знаеме рускиот начин на дејствување. Знаеме дека покрај војната во Украина со конвенционалните воени сили, Русите сакаат да се потпираат врз работи како сајбер напади или кампањи за дезинформации. Да се обиде да поттикне нестабилност или да нѐ подели одвнатре. Внимателно следевме вакви тактики во последните недели и месеци. И Алијансата одговара. Имавме блиски разговори со сите наши сојузници, но и со многу наши партнери, за да се осврнеме врз видовите тактики што секоја земја верува дека ги идентификува во моментот или очекува да ги види во иднина.

РСЕ: Да се вратиме на самитот во Мадрид. Меѓу многуте горливи прашања за кои ќе разговарате, лидерите ќе имаат време да разговараат за Западен Балкан, особено за Босна и Херцеговина. Можете ли да ни кажете што конкретно ќе биде во фокусот на дебатата за оваа земја?

Смит: Немам ударни вести конкретно за Босна. Она што можам да го кажам за Босна е дека таа е близок партнер на НАТО алијансата. Босна долго време има врска со НАТО. Ние продолжуваме да бараме начини за зајакнување на тој однос меѓу Босна и НАТО. И ќе треба да видиме што може да се направи или во Мадрид или на друго место, со цел тие односи да продолжат да се прошируваат и зајакнуваат.

Видете и ова: САД го поддржуваат приемот на Косово во Партнерството за мир, но потсетуваат дека е потребен консензус


РСЕ: Во светлината на украинската војна, има ли потреба од поблиски врски со другите земји од Западен Балкан кои не се членки на НАТО. Освен Босна и Херцеговина, тука е и Косово кое ја изрази својата подготвеност да се приклучи на Партнерството за мир. Сепак, имаме четири држави кои не го признаваат Косово и тоа би можело да го спречи. Има ли начин да се најде политичко решение за приближување на Косово до структурите или програмите на НАТО?

Смит: Дозволете ми да зборувам само од наша гледна точка. САД ја поддржуваат интеграцијата на Косово во европските или евроатлантските организации и институции. Сметаме дека земјите треба да имаат право да ги одредуваат нивните членства. Ние секако би го поддржале чекорот на Косово кон програмата Партнерство за мир. Но, во право сте кога укажувате дека се што се случува овде во НАТО алијансата се случува со консензус. Нема гласање со квалификувано мнозинство. Овде, сите одлуки се носат меѓу нас 30. Ова е терминот што го користиме каде што сите 30 земји треба да се договорат за тоа. Значи, ова ќе биде одлука што ќе треба да се донесе со консензус доколку Косово одлучи да се обиде да се придвижи кон Партнерството за мир.

РСЕ: Сепак, дали Соединетите држави соработуваат со четирите земји во НАТО кои не го признаваат Косово, да се обидат да ги убедат дека тоа е заради мирот и стабилноста во регионот, а не политичко прашање што би ги поткопало нивните политички став за статусот на Косово. Дали е можно тоа да се случи?

Смит: Видете, мислам дека она што можам да го кажам е дека она што се случува овде во НАТО е дека сите сме загрижени за мирот и стабилноста на Западен Балкан и дека сакаме да работиме заедно за таа цел. Така, да повторам, САД ќе го поддржат Косово во неговата определба и напори да стане членка на Партнерството за мир.

РСЕ: Да се вратиме на војната во Украина и проширувањето на НАТО. 24 февруари се случи токму поради Акциониот план за членство на Украина. Дали тоа сега е целосно исклучено со оглед на она што се случува во оваа земја?

Смит: Не. Мислам дека она што беше многу јасно, не само од 24 февруари, туку и пред Русија да влезе во Украина, е пораката што доаѓа од Брисел дека вратата на НАТО ќе остане ширум отворена. Имавме, на 12 јануари, многу долг состанок на Советот НАТО-Русија овде во НАТО. Потоа руската страна седна на маса и всушност праша дали НАТО ќе ја преиспита својата политика на отворени врати. Пораката на таа средба беше кристално јасна. И така вратата на НАТО ќе остане отворена. Прво ќе се фокусираме врз завршување на војната во Украина. Тоа е главниот приоритет во моментов, но ние веруваме дека Украина сè уште има право да одлучи дали сака да влезе во НАТО во одреден момент Тоа ќе му го препуштиме на претседателот Владимир Зеленски, но овде во НАТО бевме многу јасни во нашата порака - никој да не ја затвора отворената врата на НАТО.