Документарниот филм за насилствата од 27 април 2017 година, кога демонстранти упаднаа во Парламентот и тепаа пратеници во обид да спречат избор на нов претседател на Собранието предизвика бура реакции на социјалните мрежи. Едни велат „да не се повтори“, други коментираат „бадијала филмовите кога ги амнестиравте виновниците“, трети го сметаат тајмингот за дел од предизборната кампања.
Првиот дел од филмот „27 април во прво лице“, во траење од 13-минути, беше објавен на јутуб каналот на струмичката телевизија Вис. Во филмот, тогашни пратеници од СДСМ раскажуваат како ги доживеале настаните и како го преживеале насилството. Водителот во оваа телевизија Ѓорѓи Калајџиев му беше советник на поранешниот премиер Зоран Заев, кој е негов сограѓанин.
Други велат дека насилството не смее да се релативизира.
Како дел од таканареченото помирување, власта донесе закон за амнестија на оние кои не учествувале во организацијата и директно во насилствата. Меѓу другите беа амнестирани и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои им ги отворија вратите од Собранието на демонстрантите. Амнестираните пратеници подоцна го обезбедија двотретинското мнозинство за промена на името, а фирмата на Крсто Мукоски продолжи да добива тендери и од новата влада.
Кампањата за изборите закажани за 12 април официјално не е почната, но за црната кампања тоа не е никаква пречка. ВМРО-ДПМНЕ постави билборди со кои го обвинува лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за Рекет, а дел од билбордите се исфарбани или запалени.