Почна рускиот напад врз фабриката Азовстал во Мариупол, напори за спас на цивилите

илустрација

Руските сили го почнаа нападот врз челичарницата Азовстал во Мариупол, иако во фабриката се засолнати стотици цивили заедно со украинските војници. Во разурнатиот град се уште има околу 100 илјади цивили.

Украинскиот центар за стратешки комуникации во Националниот совет за безбедност и одбрана денеска соопшти дека „Русите се обидуваат да упаднат на територијата на Азовстал“.

Новинската агенција Асошиејтед прес цитираше украински војници кои ја бранат челичарницата дека операцијата на руските сили за упад во последниот џеб на отпорот во градот е во тек.

Информацијата ја потврди и заменик-командантот на Азовскиот полк, Свјатослав Паламар, кој исто така е засолнет во фабриката.

Упадот доаѓа неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин рече дека ги откажал плановите за таква операција. Путин рече дека наместо упад, руските сили треба да ја блокираат огромната фабрика „за мува да не може да помине“.

Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко денеска изјави дека повеќе од 200 цивили се уште се во фабриката за челик, каде што се кријат последните бранители на градот. Бојченко додаде дека околу 100.000 цивили се уште се во јужниот украински град, кој имаше околу 400.000 жители пред руската инвазија.

Според властите, група од околу 100 украински цивили го напуштиле Мариупол на 1 мај.

Украина се надева дека колоната на евакуирани цивили од урнатините на огромната фабрика за челик Азовстал во градот Мариупол, подоцна ќе стигне до Запорожје, град кој е под контрола на Украина.

„Колоната (на евакуираните) се движи кон Запорожје. Евакуацијата продолжува. Ги ограничуваме информациите и се надеваме дека евакуираните од Азовстал ќе стигнат безбедно“, изјави Бојченко на националната телевизија.

На 29 април, Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст започнаа операција координирана со Украина и Русија за извлекување на жените, децата и постарите лица од челичарницата.

Пространиот индустриски комплекс стана засолниште и за цивилите и за украинските борци додека Москва го бомбардираше Мариупол.

Додека беа во тек напорите за нова евакуација на цивили од Мариупол, продолжија борбите во стратешкиот пристанишен град Одеса, како и во источна Украина. Во нов руски напад на Одеса загина 15-годишно момче, соопшти градскиот совет.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Преживеана од холокаустот: Опсадата на Мариупол e полоша од Ленинградската во Втората светска војна

Од друга страна, руската државна новинска агенција ТАСС го цитираше Министерството за одбрана дека повеќе од милион луѓе, вклучително и речиси 200.000 деца, биле однесени од Украина во Русија во последните два месеца. Претставникот на Министерството за одбрана Михаил Мизинцев, рече дека тие цивили „биле евакуирани на територијата на Руската Федерација од опасните региони“ Доњецк и Луганск во источна Украина и од другите делови кои биле под руска контрола. Не се дадени детали за локацијата или околностите на овие потези.

Откако Русија ја започна инвазијата врз Украина, нејзината војска не успеа целосно да окупира ниту еден голем украински град.

Видете и ова: Надежите за мир слабеат, руската офанзива се засилува на истокот на Украина

Соединетите Држави предупредија дека Москва планира официјално да ги преземе регионите во источна Украина.

Мајкл Карпентер, американскиот амбасадор во ОБСЕ, рече дека Русија планира да ги анектира териториите Луганск и Доњецк во источниот украински регион Донбас, користејќи референдуми откако не успеа да ја собори владата во Киев.

Русија наиде на изненадувачки силен отпор на северот околу регионите Киев и Чернихив, принудувајќи ја да ги прераспореди своите трупи на југ и на исток, каде борбите се интензивираа во последните денови.

Истокот и југот на Украина се сметаат за клучни стратешки цели на Русија, што и овозможува копнена врска со Крим.

Москва ги зголеми стравувањата дека овие цели би можеле да се прошират понатаму, до отцепениот регион Трансдњестар во Молдавија, кој ја поддржува Русија и граничи со Украина на југозапад по реката Дњестар. Молдавија исто така се граничи и со Романија која е членка на НАТО.

Обраќање на Џонсон пред украинскиот парламент, најавена дополнителна воена помош за Киев

Во меѓувреме, во обраќање пред парламентот во Киев, британскиот премиер Борис Џонсон рече дека Украина ќе ја победи Русија и повторно ќе биде слободна земја.

„Имам една порака за вас денеска: Украина ќе победи, Украина ќе биде слободна“, рече британскиот премиер.

Според информациите од неговиот кабинет тој ќе најави дополнителна воена помош од 300 милиони фунти за Украина. Џонсон е првиот странски лидер кој ќе се најде на оваа позиција откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Обраќањето во парламентот доаѓа по неговата посета на Киев минатиот месец.

Во обраќањето до законодавниот дом на Украина преку видео, Џонсон го поздрави отпорот на Украина како „момент на успех“.

Велика Британија веќе испрати воена опрема во Украина, вклучувајќи ракети и ракетни фрлачи. Новата помош ќе се состои од опрема за електронско војување, радарски систем на батерии, опрема за блокирање ГПС и илјадници уреди за ноќно гледање.

Во својот говор, Џонсон меѓудругото, се осврна на обраќањето на водачот на Втората светска војна Винстон Черчил во 1940 година кога Британија се соочи со агресијата на нацистичка Германија.

Путин нареди возвратни економски санкции кон Западот

Во очекување на нов пакет мерки од Европската Унија, вклучително и ембарго на руската нафта, рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за возвратни економски санкции како одговор на „непријателските активности на одредени странски држави и меѓународни организации“, соопшти денеска Кремљ.

Документот не дава никакви детали за тоа кои поединци или субјекти може да бидат засегнати од мерките. Според декретот, Русија ќе забрани извоз на производи и суровини на лица и субјекти кои ги санкционирала.

Тој, исто така, забранува трансакции со странски поединци и компании погодени од руските возвратни санкции и им дозволува на руските соработници да не ги исполнат обврските.

Според декретот, руската влада има рок од десет дена да состави списоци на странски поединци и компании што треба да бидат санкционирани, како и да дефинира „дополнителни критериуми“ за низа трансакции кои би можеле да бидат предмет на ограничувања.

Видете и ова: Украина тврди дека Русија има колосални загуби

Русија, исто така, воведе санкции во средината на април кога им забрани на 398 членови на американскиот Конгрес и на 87 канадски сенатори да влезат на нејзина територија како „одмазда’ за сличната одлука на Вашингтон против Русија да ја казни за инвазијата на Украина.

Откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари, бројни земји ширум светот, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, но и Европската унија, воведоа санкции кон Русија.

Се очекува Комисијата денеска да ја финализира работата на идниот, шести пакет санкции на ЕУ против Русија поради нејзините дејствија во Украина, кои ќе вклучуваат забрана за купување руска нафта, бидејќи извозот на нафта е главен извор на приходите на Москва. Неименувани дипломати наведуваат дека санкциите ќе бидат насочени и кон најголемата банка во земјата, Сбербанк, која ќе биде исклучена од глобалниот банкарски комуникациски систем нa СВИФТ.

Нафтеното ембарго најверојатно ќе биде постепено и целосно ќе стапи во сила од почетокот на следната година. Пакетот утре треба да биде претставен пред амбасадорите за земјите членки на ЕУ.

Папата бара средба со Путин

Во обид да запре војната во Украина, папата Франциск побарал средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, но не добил одговор.

Во интервју за италијанскиот весник Кориере де ла сера, папата вели дека околу три недели по војната, тој побарал од највисокиот дипломат на Ватикан да испрати порака до Путин за организирање состанок.

„Се уште не добивме одговор и се уште инсистираме. Се плашам дека Путин не може, и не сака, да ја има оваа средба во овој момент. Но, како не можете да престанете со толку бруталност?“, вели папата во интервјуто.

Папата додаде дека унгарскиот премиер Виктор Орбан му кажал дека Путин планира да стави крај на војната на 9 мај, кој Русија го слави како „Ден на победата“ по повод предавањето на Германија во 1945 година.