Надежите во вакцините засенчени од брзото ширење на пандемијата

илустрација

Светот ја помина мрачната граница од 1,5 милиони смртни случаи од коронавирус и 65 милиони инфекции во момент на зголемени надежи дека вакцините ќе започнат да ја совладуваат пандемијата во следната година. Но, дали надежите се оправдани?

Повеќе од 10.000 нови смртни случаи се регистрирани ширум светот во текот на изминатата недела, број што веројатно не ја покажува вистинската скала на пандемијата, бидејќи многу случаи остануваат непријавени.

Шефот на ОН предупреди дека социјалното и економското влијание на пандемијата „е огромно и растечко“ и дека секоја вакцина нема да ги избрише лузните што веројатно ќе траат многу години.

Путин нареди „масовна“ вакцинација за коронавирус од следната недела

„Скоро една година од пандемијата, се соочуваме со човечка трагедија и итна потреба за јавно здравство, хуманитарна помош и развој“, рече генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш пред светските лидери собрани на претежно виртуелниот состанок на Генералното собрание за пандемијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ковид 19: Рестриктивните мерки треба да продолжат

Додека светот се подготвува да ги користи вакцините, Гутереш повторно повика вакцините да се сметаат за „глобално јавно добро“ и побара од богатите земји да осигураат дека тие ќе стигнат до најранливите и најсиромашните луѓе во светот.

Европа, Соединетите држави и неколку други развиени земји се очекува да започнат да ги користат развиените западни вакцини до крајот на декември, проследено со забрзана дистрибуција во првите месеци од 2021 година.

Сепак, снабдувањето ќе биде ограничено во раните фази, што значи дека секоја земја ќе мора да даде приоритет заснована врз фактори на ризик.

Видете и ова: „Мамутска операција“ на УНИЦЕФ за испорака на вакцини за ковид-19

Ханс Клуге, шеф на европската канцеларија на Светската здравствена организација вели дека на почетокот „треба да им се даде приоритет на здравствените и социјалните работници, возрасните над 60 години и вработените во установите за долготрајна грижа“.

Британија на 2 декември стана првата западна земја што одобри вакцина за ковид-19 за општа употреба, зголемувајќи го притисокот врз другите земји брзо да го следат примерот.

Во Франција, вакцините ќе бидат достапни за сите бесплатно, соопшти француската влада, најавувајќи дека првите вакцини ќе се даваат за неколку недели. „Еден милион луѓе кои се особено изложени на ризик - како што се стари лица во домови за згрижување – и тие треба да се вакцинираат почнувајќи од јануари“, наведува француската влада.

И додека се прават планови за вакцинирање, вирусот продолжува рапидно да се шири низ цела Европа, што претставува 40 проценти од новите глобални случаи на коронавирус и половина од смртните случаи во светот, рече Клуге.

„Додека гледаме мало намалување на бројот на случаи во западна Европа ширењето е големо на исток, а најтешко погодени земји сега се во централна и јужна Европа“, рече Клуге. Европскиот регион на СЗО опфаќа 53 земји, вклучувајќи ја и Русија.

Видете и ова: Колку имунитет имаат луѓето со прележан ковид 19?

Соединетите држави продолжуваат да уриваат рекорди. Повеќе од 210.000 нови случаи се пријавени на 3 декември, како и 2.900 смртни случаи, соопшти Универзитетот Џон Хопкинс.

Над 100.000 луѓе сега се хоспитализирани, што укажува на тоа дека во следните недели ќе се додаде наплив на смртни случаи на над 275.000 починати од коронавирусот во САД.

Експертите на СЗО сакаат да одат во Вухан за да го испитаат потеклото на ковид-19

„Реалноста во декември, јануари и февруари ќе биде тешка. Јас всушност верувам дека тоа ќе биде најтешкото време во историјата на јавното здравство на оваа земја“, предвидува д-р Роберт Редфилд, раководител на Центрите за контрола и превенција на болести.

Како одговор на зголемените инфекции, државните и локалните власти спроведоа голем број ограничувања.

Поради тоа што болниците и здравствените работници се под товар од напливот на инфекции, Калифорнија, најнаселената држава во САД, се подготвува на блокада.

Џо Бајден

Во меѓувреме, избраниот претседател на САД Џо Бајден изјави:

„На првиот ден кога ќе бидам инаугуриран, ќе барам од јавноста 100 дена да носи маски ... не засекогаш, само 100 дена“.

Бајден рече дека широко распространетата употреба на маски ќе доведе до „значително намалување“ на коронавирусот.

Г20 вети еднаков пристап до вакцината за коронавирус

Избраниот претседател честопати повикуваше на носење маски за време на кампањата. Сепак, тој призна дека претседателот можеби нема законско овластување да издава таква наредба на национално ниво.

Здравствените власти на САД велат дека носењето маска обезбедува одредена заштита на лицето што ја носи и помага во намалување на преносот на вирусот од заразени лица.

Видете и ова: Рекордни нивоа на инфекции во САД

Позицијата на Бајден е спротивна на претседателот Доналд Трамп, кој го минимизираше вирусот, го исмејуваше носењето маска и повика на повторно отворање на економијата.

Во октомври, Трамп беше хоспитализиран со ковид-19. Бајден ќе ја преземе функцијата во јануари, кога земјата се подготвува на масовна вакцинација.

Во интервјуто за Си Ен Ен, Бајден рече дека ќе биде „среќен“ што јавно ќе се вакцинира за да покаже дека нема проблеми во врска со ефикасноста и безбедноста на вакцините.

Тројца поранешни претседатели - Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон - исто така изјавија дека ќе се вакцинираат јавно за да покажат дека вакцината е безбедна.

Избраниот демократски претседател исто така рече дека го замолил д-р Ентони Фаучи, шеф на Националниот институт за алергија и заразни болести, да остане на таа функција.