Буџетот кој годинава е проектиран за рекордни 5, 3 милијарда евра е направен според потребите, а не според можностите, коментираат економистите. Според нив во време на енергетска криза и висока инфлација речиси е невозможно да се остварат проекциите за буџетот за наредната година.
„И овој Буџет е креиран според потребите на државата, а не според можностите, односно планираните приходи, поради што произлегува стандардното дефицитно буџетско финансирање, односно потребата од ново нето задолжување. Прибирањето на приходите ако продолжи трендот на висока инфлација веројатно ќе го помогне нивното собирање, но поголеми ефекти би имало ако навистина се прибираат приходи од сегментот на сива економија, односно ако се спроведуваат политики и мерки за опфат на неоданочените економски субјекти и граѓани“, коментира економскиот аналитичар Павле Гацов.
Со оглед на постојните инфлаторни движења номинално може да се полни проектираниот буџет, но со оглед на растот на инфлацијата прашањето е колку реално ќе биде буџетот потежок, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
„Донесувањето на буџетот се користи исклучиво за популистички, пропагандистички, партиски и демагошки цели. Се тврди дека буџетот ги поддржува реформите и е ориентиран кон евроинтеграциските процеси, а се премолчува состојбата и проблемите поврзани со расходите на буџетот. Се најавуваат заштеди, ама не кажуваат колку и од каде ќе скратат и какви ќе бидат ефектите од скратувањата. Дури и тие пари кои се наменети за јавни расходи, немаат капацитет да се користат за тоа, туку стојат на сметките на институциите и на крај со ребалансот се пренаменуваат за потребите на тековните расходи на државата“, вели Хајредини.
Инаку, расходната страна на буџетот за следната година е предвидено да изнесува 5,28 милијарди евра, а приходите е предвидено дека ќе бидат 4, 58 милијарди евра.
Проектираниот буџет за следната година ќе изнесува за 600 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет годинава кој изнесувал 4,7 милијарди евра.
Видете и ова: Ребаланс на буџетот за „гаснење пожари“Како што објави министерот за финансии Фатмир Бесими, парите со кои се полни државната каса се потпираат на новата даночна реформа што треба да стапи во сила од 1 јануари.
„Нема да има зголемување на даночните стапки, нема да има нови даноци. Реформата се базира врз проширување на даночната база“, изјави министерот Бесими. Засега нема детали што ќе опфати оваа реформа.
Дефицитот е проценет на 700 милиони евра. Наредната година на земјава ќе и требаат 1 милијарда и 500 милиони евра, за покривање на дефицитот и враќање на стари долгови. Парите ќе се обезбедат од домашни и странски пазари, а Бесими вели дека не се исклучува издавањето и на еврообврзница, но за тоа се чекаат поволни услови.
Што значи ова за граѓаните?
Она што граѓаните ќе го почувствуваат како директен ефект од потребата да се полни буџетот е меѓудругото, зголемената стапка за ДДВ-то за струја што синоќа во емисијата „Топ тема“ го објави министерот Бесими. Тој рече дека ДДВ-то за електричната енергија од први јануари ќе биде 10 отсто проценти, а не 5 проценти како што изнесуваше изминатите година и пол дена. Повластената стапка за прометот на електричната енергија кон домаќинствата и понатаму останува, но наместо 5, ќе изнесува 10 отсто.
Со измени на Законот за данокот на додадена вредност, даночната стапка за прометот на електричната енергија за домаќинствата во јули минатата година се намали од 18 на 5 проценти.
Капитални инвестиции: многу ветувања, малку остварувања
Според проекциите капиталните проекти следната година ќе тежат 795 милиони евра, односно за 200 милиони евра повеќе од оваа година. Ова според економистите е нереално предвидување доколку се има предвид фактот дека повеќе од 40 проценти од парите предвидени за капитални инвестиции лани не беа реализирани и потоа беа скратени со ребалансите на Буџетот.
„Дали Буџетот ќе влијае позитивно на економскиот развој, ќе зависи меѓу другото од искристеноста на планираните капитални расходи. И во овој Буџет, проектираните капитални расходи се преамбициозни и на терен неостварливи. Веројатно и овој пат истите ќе се кратат заради потребата од врамнотежување на Буџетот во текот на 2023 година. Впрочем, во минатото, кратењето на планираните капитални расходи постојано било практикувано“, вели Гацов.
Со сличен став е и поранешниот министер за финансии.
„Секоја година не се остваруваат капиталните инвестиции. Има и податок дека за 2022 година не се потрошени ни половина од предвидените капитални инвестиции. Јас мислам дека сите овие проекции и ветувања ќе паднат во вода после неколку месеци од наредната година, кога ќе има повторно ребаланс на овој буџет и ќе ги видиме сите последици од нереалните очекувања и проекции со овој буџет,“ вели Хајредини.
Надлежните велат дека парите за капитални проекти ќе бидат наменети за изградба на пруги, гасовод, градинки, училишта и автопати.
Со буџетот за плати на администрацијата ќе се потрошат 567 милиони евра или 5 проценти повеќе од планираните со ребалансот за годинава. Планирани се и 250 милиони евра за помош на стопaнството и граѓаните за справување со економската енергетска криза.
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека станува збор за најгломазен буџет и дефицит кој е надвор од сите рамки на одржливост и опасност за економијата како и отсуство на план за справување со инфлацијата.
„СДС нема план за надминување на кризата, буџетот од 5.3 милијарди покажува само дека ќе не задолжуваат колку што можат, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ. Од досегашната пракса на власта и односот со јавните финансии, можеме со сигурност да заклучиме дека ова ќе бидат 5.3 милијарди фрлени на непродуктивни трошоци, без никаков бенефит и без развојна компонента“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Согласно проекциите на Министерството на финансии следната година нашата економија ќе расте со забавен раст. Нивните проекции велат дека БДП следната година ќе порасне за 2,9 отсто, додека пак на инфлацијата од 7,1 процент.
Упатените велат дека планираниот раст на економијата главно ќе се темели на инфлационата „магија“, а не на вистински економски можности.