Категорично ги отфрлам шпекулациите и натписите на одредени портали пласирани во јавноста кои се однесуваат на тоа дека сум недостапен, односно во бегство. Се наоѓам во државата и тековно ги извршувам своите работни обврски како директор на Управата за финансиска полиција. Ова го тврди директорот на Управата Арафат Муареми за Радио Слободна Европа, откако во некои медиуми беа објавени информациите дека по објавата за предистражната постапка против него ја напуштил земјата. Тој демантира дека премиерот Димитар Ковачевски побарал негово разрешување или да се повлече од функцијата.
„Како и досега, и натаму ќе продолжам да ја извршувам својата функција - директор на Управата за финансиска полиција професионално, одговорно и транспарентно во своето работење, согласно позитивните законски прописи“, вели Муареми во одговорот на прашањето дали размислува сам да се повлече од функцијата по отворената обвинителска постапка.
Од Владата велат дека за отворената обвинителска постапка нема да коментираат.
„Охрабруваме институциите да постапуваат како и за секој друг случај, притоа почитувајќи ја презумпцијата на невиност. Неточни се информациите пласирани во јавноста дека директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми не е во државата и истиот во овој момент ги извршува своите работни обврски како директор на Управата“, се вели во одговорот на Владата на прашањата на Радио Слободна Европа.
Правобранителството го обвинува Муареми за грешки во постапка
Видете и ова: Како заглави конфискацијата на имотот на Сеад КочанДиректорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми е дел од предистражна постапка на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал по кривична пријава поднесена од Државното правобранителство против него и против двајца обвинители од поранешното Специјално обвинителство за непостапување во истрагата за предметот Труст против Сеад Кочан.
Кочан беше осуден дека неговата фирма Трансмет во 2011 година незаконски добила тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола вреден 17 милиони евра. Тој беше осуден на 4 години затвор, а Трансмет треба да ја надомести направената штета на државата.
Во кривичната пријава, Муареми, како тогашен истражител во СЈО, и обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски се товарат за злосторничко здружување со сега веќе осудениот Сеад Кочан, затоа што, како што е наведено во пријавата која ја објави „Код“, носеле одлуки со кои сега е отежната конфискацијата. Поради нивни пропусти, имотот на Кочан не може да биде конфискуван, тврди Државното правобранителство.
„Но, колку што ми е познато, се уште нема доволно основи за сомнение против некое лице за да се донесе наредба за истрага“, изјави шефицата на Обвинителството за борба против корупција и организиран криминал Вилма Русковска во интервју за ТВ 21.
Пинг-понг со кривични пријави
Радио Слободна Европа дознава дека Финансиската полиција доставила известувања за утврдени неправилности од страна на Правобранителството во постапката за стечај на фирмата на „Трансмет“ до Обвинителството, три дена пред Правобранителството да поднесе кривична пријава против Муареми и обвинителите Ајро и Бубевски.
Имотот на Кочан за фирмата „Трансмет“ влезе во фокусот на јавноста по објавата дека Државното правобранителство не може да го конфискува имотот вреден 17 милиони евра.
Финансиската полиција смета дека Правобранителството, преку своите ставови изнесени и во медиумите, се обидува да ја дефокусира јавноста од истрагата која се води за случајот со конфискацијата на имотот на Трансмет и стечајната постапка за оваа фирма. Но, не открива повеќе детали за постапката.
„Управата за финансиска полиција категорично ги отфрла сите обвинувања изнесени во медиумите и одговорно тврди дека истите се со цел дефокусирање на јавноста околу вистината за истрагата на стечајот за „Трансмет“, како и за инволвирани лица вклучително и Државното правобранителство“, се вели во одговорот на финансиската полиција за РСЕ.
Радио Слободна Европа го побара решението за распоредувањето на имотот на Трансмет од Основниот суд Скопје 2 каде што се водела граѓанската парница за стечајната постапка, но оттаму добивме одговор дека сите списи се наоѓаат во Финансиската полиција која води предистражна постапка.
„По поведена стечајна постапка против стечајниот должник „Трансмет“, во
овој суд оформен е стечаен предмет СТ бр.30/19, по кој постапката е во
тек. На барање на Управа за финансиска полиција на ден 17.03.2022 година предметот е испратен во наведената институција. Така што, во моментот на поставеното прашање, предметот физички не се наоѓа во судот“, се вели во одговорот на Судот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Правобранителството, пак, обвинува дека Муареми додека бил истражител во СЈО, заедно со обвинителите Бубевски и Арјо уште во време на истрагата во 2017 година не презеле доволно мерки за да ги заштитат интересите на државата со мерките за замрзнување на имотот.
Пресудата за „Труст“ беше донесена во јуни 2018 години, но стана правосилна во 2019 година, а конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан дополнително се обремени со стечајната постапка со која имотот вреден 17 милиони евра, е под хипотекарни долгови во вредност од 15 милиони евра.
Според десетдневната преписка на институциите, се наметнува прашањето кога навистина настанал проблемот со конфискацијата на имотот - за време на истрагата во 2017 или со стечајната постапка по донесената пресуда која неколку пати е прекинувана.
Но, клучниот проблем е кој и како дозволил имотот кој бил впишан на име на Агенцијата за конфискација на имот на 15 јули 2019 година, за само два месеци да премине во стечајна маса во постапка која завршува во декември 2019 година.
Судот три пати се предомислувал дали да се отвори стечајна постапка за Трансмет
Според податоците од Централниот регистар, предстечајна постапка е отворена во октомври 2018 година за фирмата Трансмет, откако фирмата доби забрана за вршење на дејноста. Тогаш за привремен стечаен управител е назначен Богољуб Макревски, против кого подоцна е поднесена и кривична пријава за злоупотреба на службена должност.
Според судското решение запишано во Централниот регистар, законската обврска на стечајниот управител Макревски е да не дозволи значително намалување на имотот на должникот.
Само еден месец подоцна, на 29 октомври 2018 година Основниот граѓански суд донел одлука за стопирање на претстечајната постапка и го разрешил до тогаш привремениот стечаен управител Макревски. Но, судот се предомислува, па на 21 ноември истата година повторно дозволува отворање на претстечајна постапка со истиот управител.
Судот, според внесените промени во Централниот регистар, повторно носи одлука на 24 декември 2018 година со која се запира претстечајната постапка, при што повторно е разрешен управителот Макревски.
Трета среќа, нова претстечајна постапка е отворена во февруари 2019 година, а пресудата станува правосилна на 11.03.2019 година. Повторно назначениот управител Макревски на 9-ти септември со судско решение спроведува стечајна постапка која завршува за само три месеци.
Асани - конфискацијата на имотот на Трансмет е неизвршлива
Дополнително како проблем во целата стечајна постапка е правното мислење на Врховниот суд, во кое, како што вели за „Код“ директорот на Агенцијата за конфискација на имот Фатон Асани, приоритетот наместо на државата им е даден на банките и доверителите.
По објавувањето во медиумите на информациите дека имотот на Трансмет по правосилна пресуда наместо да заврши во рацете на државата, завршил кај банки, фирми и приватни лица, сега се водат предистражни постапки во Основното јавно обвинителство и Управата за финансиска полиција, додека Судскиот совет и ДКСК отвориле предмет за случувањата.
И додека институциите си ја префрлаат топката кој е виновен за тригодишниот неуспех во наплатата по донесена пресуда, Агенцијата за конфискација на имот тврди дека пресудата односно конфискацијата на имотот е неизвршлива. Тоа значи дека за сега за државата не останало ништо за наплата од пресудата.