Обвинителството кочничар за поефикасна битка против корупцијата

Илустрација

Моќта и парите носат ризици за корупција меѓу владините функционери, вели првиот анти-корупционер Билјана Ивановска, а, според неа, главен кочничар во битката е Обвинителството. Според извештајот на Стејт Департментот, пак Владата преземала чекори за сузбивање на корупцијата во своите редови.

Секогаш високите ризици за корупција се во власта поради тоа што таму постојат можности за злоупотреба, вели претседателката на Државната комисија за спречување корупција-ДКСК, Билјана Ивановска во изјава за РСЕ коментирајќи го извештајот на американскиот Стејт Департмент во делот на корупцијата и недостигот на транспарентност во Владата.

Во извештајот е наведено дека Владата презела чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција. Но, ја прашавме Ивановска колку тоа покажува дека во Владата има корупција.

Видете и ова: До каде ќе се задолжува Македонија?

„Таму е моќта. Таму се парите и таму е ризикот да се злоупотреби положбата на носителот на јавна функција да направи нешто што не е во согласност со законот. Оттука би рекла по дефиниција корупцијата може да постои во власта во оној кој што има можност нешто да злоупотреби“, вели Ивановска.

Во извештајот се спомнуваат случаите со приведувањето на поранешниот советник на Кабинетот на премиерот и генерален владин секретар Драги Рашковски за измама при набавка на софтвер за следење на сообраќајот за МВР. Потоа пресудата на 8 години затвор за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за случајот „Трезор“ за набавка на опрема за следење, а се спомнуваат и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева и Бојан Јовановски дека почнале да ја отслужуваат казната затвор по пресудата за случајот „Рекет“.

Државата не може да се справи со корупцијата, се додека власта е учесник во истата, вели поранешниот антикорупционер Ариф Муса.

„Не само што не се бори против корупцијата, туку таа е во системот, таа е учесник во корупцијата. Ако се гледаат последните случаеви баш во генералниот секретаријат на Владата џабе што Владата формира министер за броба против корупција кога во кабинетот на поранешниот и сегашниот премиер прават корупција генералните секретари. Тоа значи дека политичките партии што го сочинуваат мнозинството се дел од корупцијата“, вели Муса.

Во извештајот се констатира дека и судството и Јавното обвинителство немаат доволно финансии и вработени. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека имаат напредок, бидејќи обезбедиле околу 130 нови вработувања.

“Така што мислам дека има напредок. Ние не може да очекуваме дека овие прашања може да се надминат преку ноќ. Треба да ја истакнам одредбата од законот за јавно обвинителство каде се пропишува дека 0,4 отсто од Буџетот ќе се одвојува за потребите на јавното обвинителство. Сега тој процент е 0,2 но верувам дека во следните неколку години ќе се обезбедат овие средства. Морам да истакнам дека во овој момент јавното обвинителство се соочува со недостиг на јавни обвинители, поради нивно заминување во пензија. Исто така, има недостиг и на стручно административен кадар “, вели Јовески.

Стејт Департменот ја цитира и изјавата на Ивановска дека 20 отсто од претставките од ДКСК се однесуваат на судството, што според неа е алармантно. Посебно поради фактот што ДКСК, како што вели, нема надлежност да постапува по донесени судски одлуки. За тоа дека се уште нема судската разрешница на случаи на ДКСК, Ивановска вели дека главниот кочничар е обвинителството.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ивановска: Од 20-тина пријави од анти-корупциска, ниедна не завршила на суд

Невладините организации, како што се додава во извештајот, изјавиле дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција. Владата се нотира дека е најголемиот работодавач во земјата. Ивановска смета дека Владата со тоа купува влијание кај гласачите и тоа е проблем кој постои со децении.

„Граѓаните во континуитет поднесуваат пријави кои се однесуваат на постапки за вработување од кои тие се незадоволни. Ние во неколку наврати сме го искажале највисокиот ризичен фактор за корупција, а тоа е политичкото влијание, кое понатаму се дисперзира и во непотизам, кронизам, клиентелизам, а најмногу во злоупотреба на дискреционите овластувања при вработувањата“, вели таа.

Видете и ова: Финансиски и политички последици од американските санкции за Груевски и Мијалков

Според неа, предложени се мерки за надминување на овие состојби и дектирани се ранливи точки во 19 закони во однос на вработувања, но власта не ги спроведува препораките.

Во извештајот е нотиран и случајот со разрешувањето на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, затоа што одбил да ја спроведе владината одлука за распоредување на 35 државни службеници во неговата институција.

Станува збор за планот на Владата за 1.349 државни службеници платени од Министерството за политички системи и односи со заедниците - кои во тоа време не одеа на работа да се прераспределат на конкретни работни места во 237 владини институции.

Потоа Стејт Департменот забележува и за несоодветно однесување и лоши услови во затворите, како и заканите против новинари.