Случаите Тотал и Труст на СЈО може да застарат, според измените на Кривичниот законик кои без изгласани пред нова година, информираат невладините организации кои ги следат реформите во правосудството.
Во случајот Труст беа осудени бизнисменот Сеад Кочан и Василие Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ, но нивниот случај сега е во фаза на жалба пред Апелациониот суд. Во случајот Тотал, пак, е обвинет уредникот на телевизија Сител, Драган Павловиќ Латас.
Со намалувањето на казните се намалија и роковите во кои делото застарува, изјави Дарко Аврамовски од Коалицијата сите за правично судење. Тој посочува дека, според измените, апсолутна застареност на предметот Труст ќе настапи во 2021 година, така што ако Апелациониот суд го врати предметот на повторно судење, постои можност од застарување, вели тој.
Видете и ова: Што направија „Чарлиевите ангели“ од СЈО досега?„Секако дека тоа нема да биде пречка да се спроведе конфискацијата на имот којашто СЈО ја бара во овој случај затоа што таа не е секогаш врзана со кривичната постапка и водењето на кривичната постапка, но за жал Законот за кривична постапка не е доволно прецизен во овој аспект, па не го регулира прашањето како би се одвивала целата таа постапка за конфискација во случај кога не може да се води кривична постапка“, вели Аврамовски.
Во случајот Тотал, пак, делото може да се преквалификува од даночно затајување во даночна измама, со што делото досега е веќе делумно застарено, односно делата сторени пред 2012 година се веќе застарени, а целосно ќе застари до 2022 година.
Владата предлагаше и измени и на членот 353 од законот, кој се однесува на злоупотреба на службената должност и овластување, но под притисок на јавноста се откажа од ваквиот предлог. Доколку го усвоеше, тоа ќе значеше застарување на уште неколку случаи на СЈО.
Видете и ова: Трговија за пратенички гласови врз грбот на правната државаАврамовски посочува дека не постојат доволно појаснувања и образложенија зошто се прават овие измени. Тој рече дека дополнително е чудно да се прават вакви мали измени на Кривичниот закон во ситуација кога има најави дека се прават обемни измени на овој закон.
Невладините ги поздравија измените во Кривичниот законик со кои се заоструваат казните за злосторствата извршени од омраза, како и воведувањето на кривично дело попречување на правдата.
Резултатите од следењето на реформите во правосудството на денешниот брифинг со новинарите ги претставија Коалицијата Сите за правично судење, Институтот за човекови права, Хелсиншкиот комитет на Македонија, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Институтот Отворено Општество Македонија.