Може ли да се шегуваш со бугарштината? Приказна за една игра и границите на хуморот

Креаторите на играта „Карти против бугарштината“ Мими Шишкова-Петрова и Радослав Петров

„Карти наспроти бугарштината“, верзија на популарната игра „Карти наспроти човештвото“ не доби дозвола од Заводот за пантенти на Бугарија, бидејќи била навредлива за сите Бугари. Креаторите сметаат дека одлуката на властите се должи на кризата во националната самосвест. Дамјана Велева

На картата за играње е напишана реченица која треба да се дополни: „Гласот на народот е гласот на Бога. А народот сака...“. Одговорите, напишани на картичките на играчите се луѓе и фрази што веројатно само Бугарите би ги разбрале: „Волен Сидеров“, име на екстремно десничарски политичар; „72 девици“, верувањето на некои муслимански маченици за жените кои ги чекаат во рајот; и „Динко од Јамбол“, ловец на мигранти кој доби големо медиумско внимание.

„Карти наспроти бугарштината“ е верзија на играта позната во САД како „Карти наспроти човештвото“, која стана позната по својата ризична и политички некоректна содржина.

За разлика од американската, бугарската се соочува со неизвесна иднина, бидејќи националната канцеларија за патенти на земјата одби да го регистрира брендот, велејќи дека таа е во спротивност со „добрите манири и јавниот ред“ и дека е навредлива за сите Бугари.

Видете и ова: Дали бугарското МВР работи со луѓе како Динко, „ловецот на бегалци“?

Заводот за патенти не може да го забрани производот, но тоа значи дека компанијата која стои зад бугарската игра не може да го заштити својот бренд како регистрирана трговска марка.

Бугарската брачна двојка која стои зад играта, адвокатката Мими Шишкова-Петрова (31) и сценаристот Радослав Петров (30) не се согласуваат со одлуката на канцеларијата за патенти и велат дека хуморот е сосема безопасен. Тие велат дека ова покажува еден голем бугарски проблем: националната самодоверба. А тоа, велат, е резултат на неразбирање на вистинското значење на патриотизмот.


Дали противречи името на играта на добри манири?


Идејата да се развијат „Карти наспроти бугарштината“ им текна на Шишкова-Петрова и Петров во 2020 година за време на пандемијата на коронавирусот. Во тој момент, вели Шишкова-Петрова, на луѓето им „требаше малку повеќе смеа во секојдневниот живот“.

Како и другите меѓународни верзии, бугарската игра се состои од 100 карти со кратки нецелосни реченици. Една од тие карти е поставена со лицето нагоре, а потоа играчите треба да ја дополнат реченицата од нивните картички со одговор, кои упатуваат или на симболични бугарски херои и антихерои -- политичари, фудбалери и пејачи -- или на национални особини, на пример тарикатлука, умешен или итар. Одговорот кој се смета за најсмешен победува.

Карти наспроти бугарштината

„Немавме цел да постигнеме нешто анти-бугарско. Напротив, сакавме да создадеме кул бугарски производ, со целосно бугарска содржина, за луѓето да се смеат и забавуваат и да кажуваат работи што, донекаде се типични за Бугарите“, вели Петров во интервју за РСЕ.

За жал за креаторите, Бугарскиот завод за патенти не го чувствува истото. „Изразот „против бугарштината“ е навредлив и предизвикува непријатни и гневни чувства на национална припадност кај секој Бугарин“, напиша заводот за патенти во својата одлука да ја негира регистрацијата на играта како заштитена трговска марка.

Во својата пресуда, патентниот завод исто така вели дека името на играта „ќе биде сфатено како навреда на античките и вечните вредности на Бугарите“, а акцентот на играта врз „бугарството“ „дефинитивно нема да биде признаен“ како ироничен.

Видете и ова: Бибер: Тие што ја блокираа Македонија не добија ништо од евтиниот национализам

Оригиналната игра „Карти наспроти човештвото“ е позната по грубиот хумор и по поместувањето на границите на она што е прифатливо да се каже. Покрај верзии на различни јазици, има голем број пакети за проширување на теми како носталгијата од 90-тите, климатските промени и марихуаната. Постои, исто така, ублажена верзија наменета за семејствата.

Петров и Шишкова-Петрова на крајот поднеле жалба на одлуката, но во април жалбата била одбиена. Во конечната одлука на заводот за патенти, Заводот заклучи дека името на играта ги крши „правилата за јавен ред“ и „добрите манири“, кои „не дозволуваат манифестирање на дискриминација, вулгарност и потсмев“.

„Насловот „Карти наспроти бугарштината“ од релевантните корисници би бил сфатен како контрадикторен со признатиот морал, соодветност и навреда на основните вредности на бугарската свест“, се вели во пресудата. Сепак, креаторите на играта не се откажуваат и во септември нивниот случај ќе биде разгледан од Управниот суд во Софија.

Што мислат креаторите на играта

Според Шишкова-Петрова, тие ја оспоруваат пресудата на Заводот за патенти по повеќе основи, имено дека се обидуваат да го регистрираат брендот во понесериозниот домен на игри и забава, а не во посериозните политички или образовни проекти. „Затоа беше големо изненадување за нас што беше одбиена. Затоа што нешто мора да биде многу сериозно и недвосмислено некомпатибилно со правниот поредок и моралниот кодекс за да се ограничи на овој начин“, вели Шишкова-Петрова.

Играта „карти наспроти бугарштината“

Според неа, чуден е и аргументот дека насловот на играта неизбежно ќе „навреди“ многу луѓе. Досега, вели таа, добиле помалку од пет негативни реакции откако продале стотина игри. Она на што особено приговараат креаторите на играта е начинот на кој Заводот за патенти го толкува зборот „бугарштина“, кој според нив е едностран и рестриктивен.

„Она што го направија луѓето од канцеларијата за патенти е да се гледа на бугарштината како на нешто сосема позитивно и целосно прекрасно“, вели Петров, додавајќи: „Ние воопшто не се согласуваме со ова. За нас зборот Бугарија комбинира многу позитивни и негативни квалитети на Бугарите.

Да се биде Бугарин, додава Шишкова-Петрова, може да има и негативни конотации, како што е гореспоменатата тарикатлука. „Тоа е како некаква национална болест: луѓето не сакаат да бидат искрени. Тоа е и причината зошто нивната игра вклучува картички со одговори како „Фиоки полни со државни пари“ и „Да уживаш во крадење“.

Што е тоа бугарштина?

Откако РСЕ испрати прашања, од патентниот завод одговорија дека процедурата за регистрација не е завршена и затоа не можат да коментираат за конкретниот случај. „Строго се придржуваме до воспоставените национални и европски практики при регистрација на трговска марка“, се вели во писмената реакција.

Видете и ова: ФТ: владината криза во Бугарија ја отвора вратата за проруските десничарски партии

Двајцата млади Бугари се согласуваат дека односот на државата кон нивната игра е всушност симптоматичен за нешто многу поголемо - нешто што не е ниту цензура, ниту политичка коректност. „Не би го нарекла политичка коректност. Во Бугарија нијансата е поинаква. Овде повеќе личи на националистичка коректност“, вели Шишкова-Петрова.

„Во Бугарија мора да се внимава да не се наруши националната самосвест, бидејќи таа е кревка. Луѓето се „навредени“ поради недостаток на национална самодоверба. Но, правилното постапување во оваа ситуација е да не се обидуваме да ги игнорираме нашите проблеми како општество и да си кажуваме дека сме Бугари само кога се гордееме со тоа, додава Петров.

„Постои разлика помеѓу вистинскиот патриотизам и нашето заедничко недоразбирање за тоа што е патриотизам“, вели тој, додавајќи: „Да се биде патриот не значи да се биде слеп за нашите негативни квалитети како Бугари. Ние веруваме дека за да се надминат своите негативни страни, мора да се биде способен тие да се идентификуваат и да те насмеат. Тие не треба да бидат табу, бидејќи ако се преправаме дека ги нема нашите проблеми нема да можеме да ги решиме“, вели Петров.