Вести
Бибер: Тие што ја блокираа Македонија не добија ништо од евтиниот национализам
Оние што го блокираа стартот на преговорите на Северна Македонија со Европската унија (ЕУ), не добија ништо со својот национализам на изборите во Бугарија, вели луксембуршкиот универзитетски професор, историчар и експерт за Балканот, д-р Флоријан Бибер.
„Имајќи ги предвид резултатите од изборите во Бугарија, дали можеме да кажеме дека никој од оние кои решија да ја блокираат Северна Македонија за преговорите со ЕУ, не профитираше од овој евтин националистички обид? Време е да се продолжи понатаму“, оценува д-р Бибер во објавата на неговиот твитер налог.
Македонија од декември лани е со вето од Бугарија за старт на преговорите со ЕУ, со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство, но и со барања Македонија да признае бугарски корени во националниот идентитет и јазик, што за Владата во Македонија е неприфатливо и е нешто за што, како што велат, „никогаш нема да се преговара.
Инаку на парламентарните избори во Бугарија победи коалицијата на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС), предводена од премиерот Бојко Борисов со освоени 25,8 отсто од гласовите, пред партијата Има таков народ на Слави Трифунов со 17,5 проценти и блокот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) до 14,8 отсто.
Коалицискиот партнер на Борисов - Красимир Каракачанов и неговата ВМРО, не успеаја да влезат во бугарското Собрание.
види ги сите денешни вести
По разорниот циклон, Макрон вети помош за островот Мајот и прогласи ден на жалост
Францускиот претседател Емануел Макрон го прогласи 23 декември за ден на жалост за жртвите на циклонот Чидо, кој пред девет дена го погоди Мајот, француски архипелаг во Индискиот Океан.
Според достапните податоци, во разорниот циклон загинале 31 лице, но се стравува дека бројот на загинатите е значително поголем.
„Нашите знамиња ќе бидат на половина копје. Сите Французи ќе бидат повикани на едноминутно молчење во 11 часот“, напиша Макрон во објавата на социјалната мрежа „Икс“ во четвртокот, Макрон го посети Мајот, кој беше уништен од циклонот Чидо и жителите без вода, храна и струја.
Тој вети дека ќе го обнови островот и најави компензациски фонд за оние кои не се осигурани, но не кажа колкава ќе биде сумата.
Француските власти соопштија дека најмалку 31 лице загинало, а повеќе од 1.500 луѓе се повредени, од кои 200 се во критична состојба. Сепак, се стравува дека загинале стотици, па дури и илјадници луѓе.
Макрон рече дека ќе преноќи на островот, а од неговиот кабинет соопштија дека во авионот на претседателот имало четири тони храна и медицинска помош, како и дополнителни спасувачи.
Дополнително, во петокот наутро пристигна брод на француската морнарица со 180 тони помош и опрема.
Циклонот Чидо го погоди и Мозамбик каде загинаа најмалку 73 лица, според локалните власти. Циклонот го погоди африканскиот континент во неделата, откако го уништи Мајот.
Мајот, кој се наоѓа во Индискиот Океан помеѓу источниот брег на Африка и северниот дел на Мадагаскар, е најсиромашната француска територија.
Мајот има повеќе од 320.000 жители, а француските власти процениле дека таму живеат уште 100.000 мигранти.
Тоа е единствениот дел од Коморските Острови што гласаше да остане дел од Франција на референдумот во 1974 година.
Во текот на изминатата деценија на таа француска територија пристигнаа голем број мигранти од соседните острови, независната држава Комори, една од најсиромашните земји во светот.
МВР поднесе кривична пријава за бегството на Груби
Опозициската СДСМ го повика министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да излезе и да ја каже вистината за бегството на Артан Груби, кој се бара со меѓународна потерница за проневера на 8 милиони евра во Државна лотарија. Во спротивно, како што посочуваат, тоа ќе го направи СДСМ.
„Тошковски два дена молчи и се крие од јавноста за скандалозните пропусти кои личат на организирано пуштање на Груби. Ова е скандал од огромни размери а информациите кои стигаат до СДСМ секој ден се се позагрижувачки, велат од СДСМ.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево се огласи на обвинувањата на СДСМ во врска со бегството на Груби. Тој посочува дека МВР има видео запис за настанот, а на полицискиот службеник му е изречена суспензија.
Додава дека против истиот наредниот ден се преземени сите истражни постапки и врз основа на истите е доставено известување до надлежното јавно обвинителство, а тоа е Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
„Во текот на денешниот ден по консултација со надлежниот јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава која што ќе биде наредниот ден, односно утре поднесена до надлежното јавно обвинителство, информира Тошковски.
И од ДУИ испратија писмено соопштение во кое не се говори директно за бегството. Од партијата од чии редови е токму Груби тврдат дека до ова немаше да дојде ако ВМРО-ДПМНЕ и Вреди го прифатеа Законот за рестриктивни мерки кои го поднесоа нивни министри. Закон кој предвидуваше воведување строги ограничувања за лица ставени на црната листа на САД поради корупција.
„ДУИ не е совршена, ниту пак тврди дека е. Учиме од предизвиците со кои се соочуваме и се трудиме да се подобриме во служба на граѓаните. Сепак, ги отфрламе политичките кампањи мотивирани од двојни стандарди, стои во писменото соопштение.
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија Перпарим Бајрами кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.
Двете лица се недостапни за органите на прогонот.
Груби во неделата преку објава на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово и дека за тоа е известено неговото лично полициско обезбедување. Тој беше ставен на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.
Лекари без граници го обвинија Израел за етничко чистење во Газа
Меѓународната организација „Лекари без граници“ го обвини Израел за етничко чистење во Појасот Газа, во извештајот „Газа: Живот во стапица на смртта“, кој беше објавен на 19 декември.
Генералниот секретар на таа организација, Кристофер Локјир, изјави дека „забележани се јасни знаци на етничко чистење, бидејќи Палестинците беа насилно раселени, бомбардирани и заробени“, пренесува AFP.
„Она што медицинските тимови го сведочат на терен за време на овој конфликт е во согласност со описите на се поголем број правни експерти и организации кои заклучуваат дека се врши геноцид во Газа“, рече Локјер.
Во извештајот се наведува и дека израелската опсада на таа палестинска територија драстично ја намалила испораката на хуманитарна помош.
Надлежноста да го испорача од октомври има само 37 камиони дневно, додека пред војната имало 500 камиони, се вели во извештајот.
Во извештајот се посочува дека медицинските тимови на „Лекари без граници“ прегледале 27.500 пациенти и извршиле 7.500 хируршки операции во Појасот Газа во текот на годината, како и дека болестите брзо се шират меѓу населението, имајќи предвид дека 90 отсто од 2,3 милиони се раселени и живеат во многу тешки услови.
Организацијата го осуди блокирањето на евакуациите од медицински причини, наведувајќи дека Израел одобрил само 1,6 отсто од таквите барања од мај до септември оваа година.
Во извештајот се наведува и дека биле документирани 41 напад врз вработени во таа организација, вклучувајќи воздушни напади врз здравствени установи и отворање оган врз хуманитарни конвои.
Лекари без граници наведува дека нејзините членови биле принудени да ги евакуираат болниците и здравствените центри 17 пати.
Во извештајот, организацијата повикува на итен прекин на огнот и крај на опсадата на Појасот Газа со цел да се овозможи испорака на хуманитарна помош и апелира до најблиските сојузници на Израел „да ја прекинат својата безусловна поддршка за Израел и да ја исполнат својата обврска за спречи геноцидот во Газа“.
Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година со напад на Хамас врз Израел во кој загинаа 1.207 луѓе. Тогаш Хамас киднапираше 251 лице. Сега во Газа има вкупно 97 заложници, од кои 34 израелската армија ги прогласи за мртви.
Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.
Во израелската одмаздничка офанзива загинаа повеќе од 44.000 Палестинци во Газа, според локалните здравствени власти кои велат дека жените и децата сочинуваат повеќе од половина од загинатите. Израел соопшти дека убил над 17.000 милитанти без да обезбеди докази.
Претседателот на општина Прешево тврди дека Владата на Србија ја одбила посетата на косовскиот министер
Претседателката на општина Прешево Ардита Синани соопшти дека Владата на Србија ја одбила посетата на косовскиот министер за култура, млади и спорт Хајрула Чеку на таа локална самоуправа на југот на Србија.
Таа на Фејсбук наведе дека Владата на Србија ја одбила посетата само еден час пред предвидениот термин, наведувајќи дека го прекршила рокот од 48 часа за одговор, предвиден со Бриселскиот договор.
„Оваа акција е уште еден доказ за обидот да се изолираат Албанците од Прешево, да се оневозможи соработката и комуникацијата. Албанците од Прешево заслужуваат еднаков третман и почитување на нивните права, како и сите други граѓани во регионот“, напиша Синани е општина на југот на Србија со албанско мнозинство. Општина Прешево има над 33.000 жители и во неа живеат половина од 61.000 Албанци регистрирани на последниот попис во Србија.
РСЕ се обрати до Канцеларијата за Косово на Владата на Србија со прашање за посетата на косовскиот министер на Прешево.
Оваа Канцеларија претходно објави дека на нејзини претставници Приштина им „забранила“ да ги посетат косовските Срби на верскиот празник Свети Никола.
Од канцеларијата оценија дека се работи за директно кршење на договорот за слобода на движење и службени посети.
Неколку стотици Албанци протестираа против дискриминацијата на југот на Србија во неколку наврати во претходните месеци.
Србија постојано негираше дека Албанците се дискриминирани.
Според последниот попис на населението, Албанците се четврто по големина малцинство во Србија, со 61.687 припадници на оваа заедница.
Проблемот со кој се соочуваат Албанците од Прешевската долина е непризнавањето на универзитетските дипломи стекнати на Косово и покрај тоа што Косово и Србија постигнаа договор за тоа во дијалог со посредство на Европската унија.
Тие на крајот на минатата година се пожалија на зголемениот број деактивации на нивните адреси од страна на српската полиција, обвинувајќи ги дека незаконски ги бришеле, за да им ги ускратат основните права.
Проблемот со деактивирање на адресите се споменува во извештајот на Европската комисија за Србија во 2022 година, во делот кој се однесува на почитувањето на правата на малцинствата.
По августовскиот протест во Бујановац, Владата на Србија соопшти дека тоа е обид на Владата на Косово, предводена од Албин Курти, да го „дестабилизира регионот“.
Шест лица сакаат да и наштетат на детската болница „Козле“ тврди директорката
Директорката на Универзитетската клиника за респираторни болести кај децата - „Козле“, Каролина Симоновска денеска беше на средба со министерот за здравство Арбен Таравари по реакциите во јавноста за проблеми на Клиниката. Таа ја опиша средбата како „доста конструктивна“, а на прашањето дали ќе остане директорка, одговори дека се надева дека ќе остане.
Симоновска во изјава за медиумите рече дека изминатите четири месеци, од нејзиното назначување за директор, постојано се ширеле и пласирале лаги, не само за неа, туку за целиот здравствен персонал во болницата.
„Тоа се шест лица, не би сакала со име да бидат наведени, затоа што мислам дека не е во ред, кои од политички причини и сопствени цели сакаат буквално да ја оцрнат мојата работа во нашата Клиника, додаде Симоновска.
Таа рече дека работи по закон и дека најлошо во целата ситуација е што политиката влегла на мали врати во болницата.
Според неа, одредена партија не можела да се помири со тоа дека нема повеќе директор од нивната партија во клиниката.
Таа, како што рече, го поканила министерот да ја посети болницата и да ја види фактичката состојба.
Вработени во Клиниката излегоа со соопштение до јавноста, велејќи дека многупати писмено реагирале до институциите со цел да предупредат на, како што посочија, „катастрофалните последици што се неизбежни со оваа директорка“.
30 доктори со писмо бараат итно разрешување на В.Д директорката Каролина Симоновска, во спротивно се закануваат со штрајк и откази. Во писмото упатено кон Премиерот Мицкоски, Министерот за здравство Таравари и националниот координатор за здравство Ристо Симеонов, 30те доктори ја обвинуваат директорката Симоновска за бројни нерегуларности во управувањето на детската клиника - Козле, како и мобинг кон медицинскиот персонал.
Велика Британија санкционира пет грузиски функционери поради задушување на протестите
Обединетото Кралство во четвртокот санкционираше пет грузиски функционери, вклучително и министерот за внатрешни работи, за насилно задушување на демонстрациите што избија по одлуката за „замрзнување“ на преговорите за членство на Грузија во Европската унија (ЕУ).
Групи грузиски граѓани излегоа на улиците речиси секој ден, откако грузиската влада минатиот месец ги одложи преговорите за пристапување во ЕУ до 2028 година, пишува Ројтерс.
Британското Министерство за надворешни работи објави дека санкционираните грузиски функционери се одговорни за насилството врз новинарите и граѓаните кои се собраа на протестите.
Грузија се сметаше за една од демократските и прозападните земји на поранешниот Советски Сојуз, но критичарите велат дека таа сега се движи во авторитарна и проруска насока.
Владејачката партија Грузиски сон тврди дека сака демократска и прозападна Грузија, но во исто време негува прагматични врски со соседна Русија, која владееше со Грузија до 1991 година.
Политичката криза во Грузија избувна по победата на Грузискиот сон на парламентарните избори, а ескалираше по неодамнешната одлука за одложување на преговорите на земјата со ЕУ.
Властите бурно реагираа на демонстрациите, апсејќи стотици луѓе и ги надгледуваа демонстрантите со камери за препознавање лица.
Главчев порача да се намали острината на изјавите, Мицкоски бара без емоции само рационално
На премиерот Христијан Мицкоски вчера му порачав дека треба да се намали „острината на изјавите“, пред се од македонска страна, бидејќи, како што знаете, Бугарија „ништо и не кажува“, изјави денеска шефот на бугарската техничка Влада, Димитар Главчев во Брисел, каде учествува на Самитот на ЕУ.
„Јазикот на омразата не треба да продолжи. Можеме да водиме секакви дијалози, но нашата позиција не е променета, рече Главчев.
Според него, иако нема промена на бугарската позиција, сепак е добро да се почне да се разговара за европските односи со добар европски тон, каков што треба да се користи меѓу држава членка и кандидат за членство во Европската Унија.
за премиерот Христијан Мицкоски пак секој кој ќе отвори тема за идентитетските прашања не мисли добро на соседот, а уште помалку ги почитува европските вредности. Македонија никому не оспорува ништо и не сакаме нас да нè оспоруваат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
„Доколку билатералните разговори и преговори се однесуваат на идентитетските прашања, тогаш тука тој процес никако не може да заврши успешно, бидејќи е поврзан со емоцијата, а не со рационалното. Секој оној процес којшто е поврзан со емоцијата не може да биде процес којшто ќе се темели на напредок, на квалитет и на испорака на резултати. Затоа, замолив емотивните билатерални прашања да ги оставиме на страна и да ги читаме правилно договорите. И двата договора велат дека земјите-членки коишто се втора страна, во едниот Грција, во другиот Бугарија, треба безусловно да нè поддржуваат. Никаде во Договорот за добрососедство не стои делот којшто нас нè обврзува на уставни измени. Потребно е правилно да ги гледаме работите, на вистината да ѝ погледнеме во очи, а не онака нас како што ни одговара, изјави премиерот Мицкоски.
Запрашан на кој јазик разговарале со Мицкоски, Главчев одговори дека тој зборувал на бугарски, додека ќе треба да го прашаат македонскиот премиер „на кој јазик говори“.
Премиерот Мицкоски вчера во Брисел учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан заедно со лидерите на земјите членки на Унијата и на државите од регионот.
Вели дека билатерална соработка треба да има онаму каде што има рацио, додека билатерална соработка каде што има идентитетски прашања не доаѓа в предвид.
Студентите во неизвесност за бесплатно возење со ЈСП, бараат и меѓуградски бесплатен превоз
Билетарниците на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ не им ги продолжуваат годишните карти за наредната година на студентите за бесплатен јавен превоз во главниот град. Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Александар Николоски, изјави дека веќе пратиле апел до Владата, Министерството за образование и наука, Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска и до ЈСП „Скопје“, како што рече, „да се произнесат јавно дали се предвидени средства за бесплатен превоз на студентите во градот Скопје“.
„Затоа што билетите за 2025 не се продолжуваат на билетарниците на ЈСП. Од друга страна, од МОН се произнесоа дека се предвидени средства. Во текот на септември градоначалничката имаше дадено изјава дека има заостанат долг во неколку милиони денари којшто треба да се плати, покрај од страна на Министерството и Владата. Останува да почекаме одговор од страна на институциите“, изјави Николоски.
На прашањето какво образложение добиле од институциите, рече дека „дел кажуваат дека нема да има бесплатен градски превоз“, а од ЈСП во телефонска комуникација им било кажано дека „се уште се чека одлука од Град Скопје“.
Доколку останат без бесплатен превоз, една од опциите, рече Николоски, е да протестираат пред институциите.
„Другата опција е активно да комуницираме и да притискаме мерката да продолжи затоа што ако МОН предвидело средства, треба МОН и Град Скопје како одговорни институции да се договорат што ќе прават со заостанатиот долг, а тековно да си продолжи бесплатниот градски превоз како мерка за студентите, додаде Николоски.
На промоцијата присуствуваше и заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу кој на прашањето за проблемот со бесплатниот превоз на студентите во Скопје, колку пари должи МОН и дали се обезбедени средства во буџетот, кој Собранието го усвои минатата недела, не одговори конкретно.
-Можам да кажам дека во буџетот за 2025 се предвидени средства за транспорт на студентите, но за тоа ќе треба да се донесе дополнителна одлука од страна на Владата. Буџетот треба да помине на Собрание, да не кажуваме бројки кои може да бидат изменети и додека се носи буџетот, рече Алиу.
Форумот за образовни промени (ФОП) денеска промовираше иницијатива за субвенциониран студентски превоз за редовни студенти кои студираат надвор од местото на живеење.
Предлогот има две опции – првата е месечна карта за десет патувања што би чинела околу 1.100 денари и втора опција е месечен билет за неограничен број на патувања што би чинел околу 2.150 денари. Нагласи дека со ваква субвенција ќе се намали финансискиот товар на студентите и нивните семејства.
Градежниот факултет во Белград тврди дека објавените документи за Железничката станица не се комплетни
Градежниот факултет на Белградскиот универзитет соопшти дека во објавената документација за реконструкција на железничката станица во Нови Сад, недостига, како што се наведува, клучна документација.
Владата на Србија, под притисок на јавноста, на својата веб-страница ја објави документацијата за реконструкцијата на станицата, која официјално беше отворена во јули, а каде по падот на бетонската настрешница во ноември загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени. 1.
Надлежните тврдат дека објавената документација е комплетна.
Но, од белградскиот Градежен факултет велат дека врз основа на нивната прелиминарна анализа, во објавените документи, меѓу другото, недостига дел од проектната документација - идејниот проект, проектот за одобрението за градба, проектот за градбата и проектот за готовиот објект.
Тие наведуваат и дека недостигаат изјави од инвеститори, изведувачи и стручен надзор дека работите се вршеле од сите аспекти според проектот за изведба.
Понатаму велат дека недостигаат и сите договори и анекси на договори со подизведувачи.
Посочуваат и дека недостигаат најмалку осум предмети поврзани со документацијата на градилиштето, како и дел од документацијата што е во надлежност на инвеститорот и надлежност на Републичката градежна инспекција.
Реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад траеше три години.
Од објавената документација што ја анализира Радио Слободна Европа, произлегува дека работите на железничката станица во Нови Сад не биле завршени во моментот на несреќата, иако во јули официјално била отворена во присуство на официјални лица.
По падот на настрешницата, првите изјави на изведувачот и претставници на министерството беа дека таа „не е предмет на реконструкција“.
Сепак, дел од вештаците кои се занимаваа со реконструкцијата, како и фотографиите и видеата кои беа анализирани деновите по несреќата, ги демантираат тие наводи.
Обвинителството осомничи 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво, Горан Весиќ, за пропусти во врска со реконструкцијата на станицата.
По несреќата следеа масовни протести, а едно од барањата на опозицијата, дел од граѓаните, но и студентите кои изминативе неколку недели ја блокираа работата на факултетот беше да се објави целата документација.
Под притисок на јавноста, српскиот претседател Александар Вучиќ на 11 декември најави дека на веб-страницата на Владата ќе бидат објавени 195 документи, тврдејќи дека тоа се целосни документи.
Некои експерти, предводени од инженерот Зоран Ѓајиќ, како и неколку невладини организации, изразија сомнеж дека е објавена целосната документација.
Сомнеж изразија и студентите кои ја блокираат работата на десетици факултети, тврдејќи дека нивното барање за објавување документи не е целосно исполнето.
ДСЗИ бара постапка за стручен надзор за лекувањето на починатото бебе
По вонредниот инспекциски надзор на Детската клиника откако почина седуммесечно бебе, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) предлага Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на бебето.
Од извршениот вонреден инспекциски надзор констатирано е дека на Детската клиника се уште не е решен проблемот со задолжителното присуство на специјалист во дежурната амбуланта, за што се води прекршочна постапка, како и дека медицинската документација се креира од страна на доктори кои не се присутни на работа за што од страна на ДСЗИ е издадено решение чии рокови течат.
„ДСЗИ констира дека седуммесечното бебе првпат во ЈЗУ УК за детски болести - Скопје било донесено на ден 9 декември 2024 година заради висока температура и осип по целото тело од пред една недела. Првично, детето е прегледано од страна на специјализанти, во консултација со доктор специјалист и упатено е на дополнителни испитувања на Инфективна клиника, Клиника за дерматовенерологија и во Биохемиска лабораторија при Детска клиника. По добиените резултати и препишаната терапија, испратено е на домашно лекување со насока за контрола кај матичен лекар и по потреба на Детска клиника“, појаснуваат од ДСЗИ.
На 11 декември, во вечерните часови, детето повторно било донесено на Клиниката и заради влошената клиничка слика, тоа било хоспитализирано на Одделот за неврологија. Креирани му биле упати за повеќе испитувања, а на 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба, бебето било префрлено на Одделот за интензивна нега и терапија.
„По стабилизирање на состојбата, повторно е вратено на Одделот за неврологија, каде престојувало неколку часа, по што повторно е вратено на ОИНТ, каде се направени дополнителни радиолошки, ехогравски и други лабораториски испитувања, што укажуваат на тешка општа состојба на детето, што во вечерните часови на ден 15 декември 2024 година, завршува со смрт“, додаваат од Инспекторатот.
Од ДСЗИ информираат дека ќе биде издадено решение со наредба за почитување на одредбите од член 226 од Законот за здравствената заштита за прием на пациенти прегледани како итни случаи. Како што додаваат, доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување.
Откако во јавноста излезе веста за смртта на бебето, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди рече дека биле запазени сите процедури и третмани и дека нема лекарска грешка.
Тој тврдеше дека се работи за неоснован притисок врз Клиниката и здравствениот персонал во оваа институција.
За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петтгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете