Мобинг од професор, загрозена слобода на говор... Каде да пријавите?

Илустрација - Студенти на УКИМ, на првиот академски ден во 2022. година

Студентите на УКИМ можат да ѝ се обратат на правобранителката Викторија Постоловска, доколку сметааат дека е прекршено некое нивно студентско право. Иако е тазе на функција, таа веќе разгледува докази по пријавен случај за мобинг од професори врз студент

Студент од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кај новоизбраната студентска правобранителка на УКИМ, Викторија Постоловска, пријавил дека е жртва на мобинг од професори и дека доживува психолошко малтретирање поради истакнување со личен успех. Правобранителката вели дека периодов собира докази и разгледува околности за да види како да постапи.

„Засегнатата страна е приморана да посегне по психолошка и морална поддршка поради мобинг од членови на академската заедница, поради нивни лични мислења. Ѝ се случува секаков вид на дискриминација, мобинг, исмејување и прекршување на права. Заеднички работиме на случајот и правиме стратегија како да се пристапи и влијае во Ректорат и Деканат и првично да се реши тој случај, но и да се поттикне свеста за такви случаи за кои не сакам да верувам дека ги има многу, но потенцијално ги има“, изјави Постоловска за РСЕ.

Ова е првиот пријавен случај во изминатиов месец откако Постоловска е на функција, со мандат од две години. Студентката во четврта година не учи на Правен, туку на Филолошки и вели дека некои ги мешаат поимите правобранител со адвокат, па ја прашуваат: 'Чекај, тоа не е фукција за правник?'

„Ако правото не им е уважено или им е угнетено и повредено, тогаш студентите можат да ми се обратат мене. Јас ги застапувам пред членовите на академската заедница, што значи пркосам на Ректорат, Деканат и слично, но никаде надвор од тоа. Што значи дека не сум нивни адвокат, само се борам и ги заштитувам нивните права пред органите на Универзитетот. Ако некој се одлучи случајот да го однесе надвор од академската заедница, тогаш оставен е сам на себе“, додава студентката.

Правобранителката Постоловска

Ги знаат ли студентите своите права?

Правобранителката вели - не сака да помисли дека во моментов има некој кому му е прекршено некое право, а тој не е свесен за тоа.

„Тазе сум на функцијава, арно ама според она што досега го видов и слушнав, ми се чини дека студентите првично се свесни кога некое право им е угнетено затоа што тоа е непријатно чувство. Второ, свесни се дека имаат човек кој би ги водел и придружувал во процесот за да се реши ситуацијата. Важно ми е студентите добро да си ги познаваат своите права за јас да имам работа и заедно да го издигнеме општеството на повисоко ниво“, вели студентката од Филолошки.

Видете и ова: Студентите кренаа „жолт картон“ на марш од Влада до МОН

Како изгледа прекршување на студентско право?

Во разговорот со РСЕ, Постоловска потсети дека секаков вид на омаловажување и малтретирање може да биде етикетирано како дискриминација и тоа е проблем за кој студентите можат да ѝ се обратат за помош.

Правото на изјаснување за квалитетот на наставата и наставниците и заштитата на личноста на студентот од злоупотреба се дел од студентските права кои се гарантирани со закон. Целата листа студентите може да ја погледнат на сајтот на МОН или да побараат информација од Постоловска.

Правото на слобода на говор прво и доаѓа на ум на Постоловска кога се зборува за можно загрозување, но листата е долга, вели таа.

„Ако некому не му е дозволено префрлување од редовен на вонреден студент, тоа е прекршување на право. Завршување на студиите за пократок временски рок е уште нешто кое ми доаѓа на ум. Ако професорите и органите на Универзитетот и Студентските прашања на некој начин не дозволуваат порано завршување, или пак, на некој начин ги манипулираат да не се одлучат за таква опција затоа што тоа е дополнителна процедура и работа за сите засегнати, тоа значи дека правото им е прекршено“, истакна Постоловска.


Како да ја најдете?

Правобранителката вели дека прв чекор за барање помош е праќање на барање.

„Најбрзо и најефективно може да ме најдат со тоа што ќе ми пратат барање за разгледување на ситуацијата на мојата мејл адреса studentski.pravobranitel.ukim@gmail.com. Jaс го примам барањето и непристрасно го разгледувам. Мора да се наведени околности, сведоштва, докази и слично. Во моментот кога ќе увидам дека навистина дошло до неправда, заеднички и стратешки одиме кон разрешница“, апелира Постоловска.

Во текот на студиите, вели дека никогаш не се довела во ситуација да се преиспитува дали некое право и било прекршено или не, па се пријавила за функцијата бидејќи сака сечие искуство да е како нејзиното.

Истакнува дека вложува дел од себе и своето време кон каузата на УСС, под чија закрила се чувствува подготвена да се спротивстави на секаков обид за угнетување на студентските права и ги охрабрува студентите да ја контактираат за заедно да ги решат проблемите.