Младински предлози за зелени општини

Мила Јовановска – претседателка на граѓанската организација „Го Грин.“

На младите им требаат проекти за зелени општини, а за претстојните локални избори партиите треба да се посветат на екологијата и заштитата на животната средина, но во процесот да ги вклучат и младите, вели Мила Јовановска – претседателка на граѓанската организација „Го Грин“. Младите можат да даваат предлози да побараат зелени општини.

Јовановска, во моментов работите на проект за младите да даваат предлози за зелени општини. За што станува збор?

Проектот „Младински дигитален еко активизам“ е поддржан од фондацијата Хајнрик Бол во Сараево и има за цел да ги вклучи младите во периодот пред локалните избори да поднесат предлози за зелена општина. Тие предложи ние подоцна ќе им ги претставиме на кандидатите и кандидатки за градоначалници на општините Кисела Вода, Аеродром, Чаир и Карпош во Скопје, како и општините Куманово и Прилеп. Проектот ги опфаќа младите од овие општини, а отворен е прашалникот за прибирање на предлозите, така што ја користам приликава да ги поканам младите на нашата веб-страница или на социјалните медиуми да го најдат линкот и да го дадат својот предлог за зелена општина.

Досега каков е интересот кај младите за идеи од ваков тип?

Има интерес имајќи предвид дека од самите општини ние имаме одбрано лидери на оваа акција, односно зелени активисти кои го предводат движењето и прибирањето на овие заложби. Собравме доста интересни предлози, а единствена забелешка е тоа што кога ќе кажеме зелена општина младите мислат на зеленило. Сакаме да им кажеме дека една општина не се состои само од тоа колку зеленило има во таа општина. Напротив, има повеќе компоненти кои треба да се земат предвид за да биде една општина зелена, а тоа се инфраструктурата – да не фаворизираме автомобилизам, да фаворизираме алтернативен транспорт, енергетска ефикасност – колку јавните установи и институции се енергетски ефикасни, каква струја користат, дали инвестираат во обновливи извори на енергија и т.н. Сите тие еко елементи на една општина, ја прават да биде зелена општина. Не е само зеленилото, иако е тоа клучно за многу работи.

Што најмногу предлагаат младите, што сметаат дека е потребно да се промени во нивните општини?

Најмногу предлагаат паркови. Дефинитивно најмногу им недостасуваат рекреативни делови во нивната општина каде што ќе се чувствуваат опуштено, опколени со зеленило. Исто така даваат предлози за велосипедски патеки, бидејќи во Скопје како еден од поголемите градови има велосипедски патеки, меѓутоа само на оние поголеми улици. Другите помали улици што се всушност надлежност на општината, немаат велосипедски патеки и тука младите се соочуваат со проблем на паркирани возила на тротоарите што им го оневозможува слободното и безбедно движење, или на крајот на улицата или на тротоарот. Да сумирам, најмогу се бараат паркови, зеленило и велосипедски патеки на помалите улици во општините.

Претстојат локални избори, вие во проектот велите дека кандидатите за градоначалници треба да им дадат приоритет на мерките за животна средина и квалитетот на воздухот. Какви промени треба да добијат општините во земјава?

Дефинитивно еден голем апел за сите оние што планираат да се кандидираат на локалните избори, сериозно да пристапат кон креирањето на нивната програма, за она што ќе го опфатат во делот на екологија и заштита на животната средина, бидејќи скоро во сите градови пробле е аерозагадувањето, проблем е зеленилото, голем замав има земено градежништвото и треба да ги вклучат и младите во во тој процес, бидејќи дефинитивно вистинските и изворни потреби за добробитот на жителите на една општина. Ние моментално сме во комуникација со поголем дел од партиите и ќе ги искомуницираме сите оние кои што ќе имаат кандидат или кандидатка за градоначалник во претходно споменатите општини. Целта е да им помогнеме да ги вклучат овие предлози од младите во нивната понатамошна работа, затоа што веруваме дека тие се релевантни и потребни на тие општини.

Во проектот наведувате дека целта е да биде подигната свеста кај кандидатите за градоначалници за важноста на зелените општини. Како ја оценувате моменталната свест за ова прашање и во која насока терба да се движи?

Искрено засега сметам дека свеста е подигната. Гледаме дека партиите размислуваат на тоа, зборувам партиите, бидејќи се уште немаат официјално кажано кои кандидати или кандидатки за градоначалници. Од досега направените разговори, позитивно сме охрабрени дека се движиме во позитивна насока затоа што тоа им треба на партиите – им треба вклученост на млади, им требаат зелени предлози. Тие се фокусирани на вградување и имплементирање на еколошки проекти, меѓутоа сепак забелешката е кој ги дава тие предлози и како партиите ги прават тие програми. Затао е важно да се вклучи граѓанскиот сектор – еколошките организации и граѓаните кои живеат во општините за програмата да биде поконстуктивна, подобра и реална за имплементација, да не ветуваме се и сешто, бидејќи да бидеме реални не може се да се промени преку ноќ или работите да се променат од денес за утре. За се што е добро и квалитетно потребен е добар план и добра стратегија, а пред се и добра визија за тоа што е вистински проблем и како вистински да се пристапи кон негово решавање.