Младата Марија Савеска која е борец со церебрална парализа, доби потврда за видливоста на нејзината мисија, со признанието „Успешни млади“ кое го доделува Претседателот Стево Пендаровски. Таа е добитничка на признание за афирмација на инклузијата на млади со попреченост.
„Сметам дека го заслужив со сето она што го имам направено во областа на инклузијата. Чест ми е што го препознале мојот труд, моето залагање и ова признание како што веќе кажав јавно, го прифаќам како потврда и како мотив да си продолжам по оној пат којшто го имам замислено“, изјави Савеска за РСЕ.
Марија оди на часови по танцување и по пеење и добива главни улоги во инклузивни претстави. Активно се посветува на своите пасии, но и на целта - нејзината порака да биде вистински слушната и добро разбрана.
„Кога некој ќе ми каже - браво, те знаеме од „Пепелашка“ или од „Ѕвонарот“ или од некое мое појавување во медиумите, сфаќам дека јас едноставно сум навикната да творам, а не сум свесна дека всушност сум успеала во тоа што го правам и кога некој ќе ми каже дека ме слушнал и дека сфатил всушност што ми е мислата и пораката, си велам: „Toa e тоа!“ И навистина ми е многу драго што е тоа така“ додава 19-годишната Марија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Освен неа, признанието за афирмација на инклузијата на млади со попреченост, го доби и Андон Дамовски.
Средношколецот Матеј Милосиевски, пак, е добитник на признанието „Млад талент“ кое се доделува на ученици и ученички од средните училишта. Го интересира астронаутика, а откако станал волонтер во УНИЦЕФ, негово хоби е графичкиот дизајн, којшто како што вели, му е начин да се ослободи од стресот што го носи секојдневнието. Има седумнаесет години и полна биографија со награди и учества на државни и меѓународни натпревари по математика, физика и астрономија, како и проектни олимпијади.
„Имав голема чест минатата година да бидам еден од добитниците на наградата „13-ти Ноември“, што претставуваше особено задоволство за мене. Еден натппревар којшто би сакал да го издвојам како едно од моите најубави искуства е „Nasa Space App Challenge“. Тоа е хакатон на којшто тиммови од целиот свет аплицираат со своите идеи за подобрување на светот на астронаутиката“, вели Милосиевски за РСЕ.
Целта на средношколецот е да стигне до некој од најдобрите светски универзитети.
„Се обидувам да изградам една биографија со којашто би можел да аплицирам на еден од врвните факултети во светот, но општо и за вакви прилики. Јас себеси не би се издвоил како талентиран, едноставно би сакал да кажам дека посветувам навистина многу време и труд во она што го правам и мислам дека тоа беше одлучувачката разлика и фактот поради којшто го добив ова значително признание“, вели добитникот на признанието.
Милосиевски цврсто верува дека токму младите се оние кои можат да направат разлика и да си бидат мотивирачки пример едни на други.
„Искрено се надевам дека сум инспирација барем за некои луѓе. Како што споменав и во самиот говор за време на доделувањето на признанието, сметам дека од нас младите зависи иднината на човештвото и ние ќе сме тој клучен фактор за развивање на светот понатаму“, додаде добитникот на признанието „Млад талент“.
Видете и ова: Mакедонците растурија на олимпијадата за природни науки во ДубаиОд кабинетот на Претседателот истакнуваат дека признанието „Успешни млади“ е дел од проектот инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од земјава. Целта е креирање на политики кои ќе придонесат да се намали одливот на млади луѓе од нашата земја, како и создавање на перспективи за младите и успешни кадри.
„Често истакнувам дека како мала земја со лимитирани ресурси, со не многу поволна географија, со економија во развој, со политички предизвици, наше најголемо богатство е човечкиот потенцијал и затоа не смееме така лесно да ги губиме нашите таленти. За успешните млади, секогаш мора да бидат отворени образовните, научните и културно-уметничките институции, стопанските субјекти, креативните индустрии“, порача Претседателот Пендаровски во неговото обраќање.
Оваа година избрани беа шестмина добитници. Во категоријата најдобар млад научник во природно-математички и технички науки, добитник е Петре Ламески, а најдобри млади уметници се Сашо Димоски и Билјана Камчева. Признанието „Успешни млади“ се доделува по втор пат, а се однесува на резултати постигнати во изминатата календарска година.