Милошоски vs Димитров: За името и за блискоста со Груевски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Опструкции и процедурални надмудрувања

Опозицијата го обвини министерот за надворешни работи Никола Димитров дека во Преспанскиот договор нема заштитни клаузули за да не се случи Македонија да го смени името, а да извиси за евроинтеграциите како сега.

Со дофрлања од место, процедурални барања за пауза, обвинувања за опструкција, се одвива седницата на Собраниската комисија за надворешна политика, на која министерот за надворешни работи Никола Димитров поднесе извештај за спроведувањето на надворешната политика и недобивањето датум за преговори за членство во ЕУ.

Видете и ова: Туск: Грешка е, не се откажувајте

Седницата почна со задоцнување од еден час, зашто салата во која беше закажана во меѓувреме беше зафатена од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Веднаш по завршувањето на повеќе од едночасовното обраќање на министерот Димитров, пратеникот Артан Груби од ДУИ влезе во салата и побара пауза за да се изготви стенограм за да може да продолжи да ја следи седницата. Претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски го одби ова негово барање, по што настанаа тензии меѓу него и Груби. Пратениците од опозицијата сметаат дека станува збор за стратегија на владејачкото мнозинство, со цел одолговлекување, за да се заштити министерот Димитров од „непријатните“ прашања на опозицијата.

Димитров во своето излагање го бранеше Преспанскиот договор, со кој се гарантира македонскиот јазик и идентитет, и се овозможува членство во НАТО и откочување на евроинтеграциите.

„НАТО носи стабилност и предвидливост во време кога на Балканот повторно се зборува за граници“, рече тој.

Димитров повтори дека Преспанскиот договор не може целосно да се имплементира ако земјава не ги започне преговорите за членство со ЕУ.

Тој отворено ѝ забележа на опозицијата поради недонесувањето на законот за јавно обвинителство, што била и една од забелешките и препораките на европските лидери.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека власта го сменила името, а не обезбедила заштитни клаузули, во случај евроинтеграциите да се закочени како сега. Обвини дека и покрај тоа што министерот вели дека Преспанскиот договор не може целосно да се спроведе без отворање на преговорите, власта веќе почнала да издава свидетелства и изводи од матичната книга на родените со новото име.

Видете и ова: Заев и Димитров како Владимир и Естрагон

„Го знаевте ставот на Франција и пред постигнувањето на Преспанскиот договор, а сепак не ставивте заштитни клаузули“, рече тој.

Димовски обвини дека промената на името била договорена уште пред доаѓањето на СДСМ на власт.

„Пазарот за името оваа власт го направи уште пред да дојде на власт, а за да дојде на власт“, рече тој.

Димитров рече дека е лага дека не се обиделе да го поврзат прифаќањето на новото име со членството во ЕУ, но оти така немало да има договор.

„Тезата дека овој договор го продава најсветото е дрска, погрешна и штетна“, рече Димитров.

Дискусијата меѓу Димитров и Милошоски потоа премина на лично ниво, меѓусебно обвинувајќи се кој бил поблизок соработник на поранешниот премиер Никола Груевски.