Граѓаните плаќаат, а сопствениците профитираат од хидроенергијата добиена од малите хидроцентрали кои произведуваат скромно количество електрична енергија, а истовремено прават значителни штети за животната средина во еколошки сензитивни подрачја. Овие проекти се финансираат од сметките за струја во форма на повластени тарифи. Големи заработки, според документите со кои располага РСЕ, прават околу 30 фирми кои го држат пазарот со малите хидроелектрани. Компаниите на досегашниот вицепремиер Кочо Анѓушев кои имаат удел во една третина од пазарот, прават милионски профити на годишно ниво од субвенционираните повластени тарифи од десетиците изградени мали хидроелектрани во сопственост на неговите фирми, како и од производство на турбини, нивно дизајнирање и одржување.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Најголем дел од субвенциите преку повластените тарифи ги добива групацијата „Фероинвест“ која поседува вкупно 22 електрани, што е речиси една третина од вкупната бројка на мали хидроелектрани во земјава. Компанијата, во која еден од сопствениците е довчерашиот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев заедно со неговиот брат Тодор Анѓушев, само во 2018 година преку јавна финансиска помош во форма на повластени тарифи инкасираше 3,5 милиони евра, покажуваат податоците од МЕПСО кои ги доби РСЕ.
Над 4,3 милиони евра годишно ќе достигне сумата која ќе ја добива „Фероинвест“ од повластените тарифи од обновливи извори, доколку се пресмета и количината на енергија која допрва ќе ја генерираат од новите три мали хидроелектрани „Тополки“, пари кои доаѓаат од секоја сметка за струја што ја праќаат граѓаните.
Така е според Законот за енергетика, односно 6 проценти од парите кои ги плаќаат граѓаните се наменети за субвенционирање на обновливи извори за енергија, познатата повластена тарифа, а еколошкиот невладин сектор обвинува дека кабинетот на Анѓушев, додека тој беше вицепремиер е тесно вклучен во подготовката на законодавството за енергетскиот сектор поради лични интереси.
За ваквите обвинувања од невладиниот сектор, побаравме одговори од кабинетот на Анѓушев. Оттаму се децидни дека тоа се тенденциозни и несериозни тврдења.
Малку струја за многу пари
Низ годините наназад значително растат субвенциите за обновливи извори, па така за девет години државата за нив издвои над 155 милиони евра, а според официјалните податоци, само во 2018 година македонските граѓани преку нивните сметки за струја платиле вкупно 39 милиони евра за сите обновливи енергетски извори, за малите ХЕЦ, за фотоволтаични системи, ветерни централи и биогас.
Видете и ова: Анѓушеви лидери во бизнисот со мали хидроелектрани
Само за мали хидроелектрани во период од десет години дадени се 72 милионa евра, од кои најмногу во минатата 2018 година кога на нивното салдо се легнати над 15 милиони евра. Податоците до октомври 2019 година покажуваат дека 11 милиони евра биле потрошени за хидроенергијата од малите хидроцентрали.
Од друга страна, за добиените 15 милиони евра во 2018 година, малите хидроелектрани обезбедиле количество електрична енергија, бидејќи произвеле само 2,6 проценти од вкупната потрошената електрична енергија, според податоците на МЕПСО, додека останатите обновливи извори од биогас, фотоволтаици и ветерници, во истата година учествувале со 3,8 проценти од вкупната потрошена енергија.
Јавното финансирање на обновливите извори на енергија започнува во 2010 година со донесувањето на тогашната државна енергетска стратегија која вклучуваше изградба на нови хидроелектрани. Тогаш започна и борбата на повеќе еколошки граѓански организации во целиот балкански регион кои укажуваат на штетите по животната средина од изградбата на овие проекти, но и отпорот на локалното население кое стравува за своите реки и за изворите на водата за пиење.
Еко-активистите во битка со сопствениците на малите хидроелектрани
Оттогаш се реализирани стотици вакви проекти на Балканот. Најголемата мрежа на еколошки организации „Бенквоч“ во бројните истражувања посочува дека голема улога во финансирањето на ова „хидроенергетско цунами“ имаат европските јавни банки, за проектите кои потоа ги спроведуваат домашни компании, а дополнително наведуваат дека со јавна финансиска помош се фаворизира изградбата на малите хидроелектрани.
Еколошките граѓански организации во земјава кои со години теренски ја следат изградбата на малите хидроелектрани, обвинуваат дека системот со повластена тарифа само за малите хидроелектрани во Законот за енергетика служи за бенефиции на фирмите од овој бизнис, а притоа не придонесуваат доволно во производството на енергија.
Давор Пехчевски од Центарот за истражување и информирање „Еко-свест“ вели дека групацијата „Фероинвест“ не добива средства само од производството на струја, туку остварува профит со вклученост во повеќе аспекти во бизнисот со малите хидроцентрали.
„Тоа значи дека дури и ако во моментов не добиваат концесии за изградба на мали хидроцентрали, тие се уште може да имаат придобивки од изградбата на нови хидроцентрали преку учеството од другите фирми од дизајн, одржување и изведба“, вели Пехчевски.
Хидроенергијата поскапа и помала од сончевата
Кога станува збор за субвенционирано финансирање на електрична енергија невладините организации обвинуваат дека новиот закон за енергетика ги става малите хидроелектрани во многу подобра позиција од другите како на пример фотоволтаици, кои од државата ќе добиваат пари според пазарни услови.
Од кабинетот на ексвицепремиерот Анѓушев во писмен одговор наведуваат дека тврдењата за законот, но и за фаворизирањето на хидроенергијата се несериозни и тенденциозни.
Оттаму велат дека законот е креиран заедно со сите засегнати страни, вклучително невладините организации и дека земјава е посочена како „шампион во спроведување на реформи во енергетскиот сектор“, нешто што било наведено во Годишниот извештај за 2019 година на Секретаријатот на енергетската заедница.
„Законот за енергетика е целосно усогласен со Третиот енергетски пакет на Европската унија, а требаше да биде донесен уште во 2015 година. Тој целосно е изработен од експертски, консултантски тим, преку обезбедена финансиска и техничка помош од страна на УСАИД, но и целосно усогласен преку консултации со Секратаријатот на енергетската заедница со седиште во Виена“, рекоа од кабинетот на Анѓушев, додека тој беше вицепремиер.
Пехчевски вели дека во моментов легислативата е поставена на начин што ги фаворизира малите хидроцентрали, посочувајќи оти тоа е така бидејќи со новите измени на уредбата за повластени производители на електрична енергија од обновливи извори од Законот за енергетика, хидроцентралите останаа во категорија на повластени тарифи кои се исплаќаат директно од граѓаните од нивните сметки за струја.
„Ветерот и соларната енергија се префрлија на повластени премии со тоа што производителите треба да аплицираат на тендер и да конкурираат со цена за произведената енергија, што ја зголемува конкуренцијата во тој сектор, а конкуренцијата во мали хидроелектрани останува иста, непромената“, вели Пехчевски.
Од кабинетот на Анѓушев, додека тој беше вицепремиер уверуваат дека законските измени служат за да ги заштитат граѓаните од поскапа струја. Оттаму велат дека мерките за обновливи извори, посебно за фотоволтаичните централи се изменети поради ниското ниво на инвестиции во минатото.
„Пред сè во насока на максимално искористување на сончевата енергија и драстично зголемување на производството, а притоа истото да не влијае врз покачување на цената на електричната енергија за крајните корисници: граѓаните и компаниите“, се наведува во одговорот.
Оттаму демантираат дека малите хидроелектрани се фаворизираат, затоа што имаат ограничени природни можности, наспроти фотоволтаичните електрани, коишто имаат голем потенцијал за развивање.
И министерот за економија Крешник Бектеши не се согласува со тврдењата на граѓанскиот сектор за фаворизирање на малите хидроелектрани.
„Не би го кажал тоа, ние имаме направено големи реформи во енергетскиот сектор, како никогаш досега“, вели Бектеши.
Според Бектеши, новиот модел на премиум тарифа за фотоволтаици се покажал како еден од најуспешните проекти во енергетиката, наведувајќи оти според тој нов модел државата нема да им плаќа на инвеститорите, а граѓаните средствата од повластените тарифи за обновливи извори нема да ги „почувствуваат“ во цената за електрична енергија.
„Секој инвеститор ќе плати по три милиони евра на државата за да има можност да гради такви (фотоволтаични) централи, а во сметките на граѓаните нема да се зголеми цената што ја плаќаат за генерирање на електрична енергија од обновливи извори, тоа е вин вин ситуација“, вели Бектеши.
Субвенциите за хидроенергија причина за „деструктивен бум“
Но, за субвенционирањето на малите хидроелектрани, најголемата мрежа од еколошки организации и групи за човекови права „Бенквоч“ наведува дека еден од главните двигатели на „деструктивниот бум“ на мали хидроелектрани во Западен Балкан е токму достапноста на јавна финансиска поддршка во форма на повластена тарифа.
„Во 2018 година малите хидроелектрани имаа корист од 70 отсто од поддршката за обновлива енергија во Западен Балкан. Сепак, придонесот од малите електрани во производство на електрична енергија е исклучително скромен: во 2018 година само 3,6 проценти од електричната енергија на Западен Балкан беше произведена од хидроценталите под 10 мегават часови“, велат од Бенквоч.
Пипа Галоп од „Бенквоч“ која е главен автор на извештајот вели оти е „крајно време“ е да се престане со давање субвенции за хидроенергија на Балканот.
„Впечатокот е дека од нив имаат корист само богатите, предизвикуваат големи штети по животната средина и го загрозуваат целиот процес на транзиција кон одржлив и енергетски ефикасен систем“, вели Галоп.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во последната декада, овој бран од проекти за изградба на мали хидроелектрани предизвика јавно негодување со протести и блокади на локалното население скоро во сите земји од Западен Балкан, вклучително Северна Македонија, поради оштетените реки и потоци ставени во деривациони цевки и пресушените корита.
Во некои случаи поради овие проекти локалното население беше оставено без вода за наводнување, a животните без вода за пиење. Уништувањето на шумите за изградбата на пристапните патишта и цевководите доведе до ерозија и уништување на живеалишта на многу видови, се вели во истражувањето на „Бенквоч“ насловено „Хидроенергијата на Западен Балкан – Кој плаќа, кој профитира?“
„Еден од главните двигатели на деструктивниот бум на мали хидроелектрани е достапноста на јавната финансиска поддршка во форма на повластени тарифи. Првично предвидено како како средство за зајакнување на сите форми на обновлива енергија, вклучително соларната и ветерната, во Западен Балкан повластените тарифи се непропорционално насочени кон малите хидроелектрани“, се вели во студијата.
Според податоците од истражувањето, во периодот меѓу 2009 и крајот на 2018 година, најмалку 380 мали хидроелектрани се изградени во регионот, од кои практично сите добиваат повластени тарифи. Со тоа вкупниот број е за четири пати зголемен, од 108 на најмалку 488 мали хидроелектрани.