Балканската рута за мигрантите неколку години е затворена, но илегалните патишта не се. Тие и натаму бегаат од тешкиот живот во нивните земји и тргнуваат на пат во неизвесност со надеж дека ќе стигнат до нивната дестинација, некоја од западноевропските земји. Мигрантите наоѓаат начини како нелегално да ги преминат границите, а за тоа говори и нивното присуство во прифатниот камп Табановце. Сликата не е иста како во 2016 година, кога мигрантската криза беше во својот ек. Сега во Табановце има 22 мигранти од кои тројца се малолетници. Еден од нив е и 25-годишниот Баши Ахмади од Авганистан. Во прифатниот камп е една недела.
Видете и ова: Се подготвува план за евентуaлeн нов голем мигрантски бран„Немаше добар живот во Авганистан. Беше опасно. Во Турција живеев 9 години. Работев таму. Турција ја напуштив бидејќи имаше потешкотии. Ми кажаа дека ќе ме депортираат за Авганистан и затоа морав да избегам“, вели тој.
Најголем дел од мигрантите во прифатниот камп се од Авганистан и Пакистан, но има и од други земји како Сирија, Египет и Либан, вели Арбнар Тефику од Центарот за управување со кризи.
„Реално, откако официјално се затвори балканската рута, ние цело време имаме илегално движење на мигранти кои поминуваат низ земјава. Што значи дека иако официјално е затворена балканската рута, таа сè уште функционира. Само што функционира на илегален начин и неконтролирано. Значи кампот цело време беше отворен и цело време тука има движење на мигранти. Иако бројката е различна, но пак можеме да кажеме дека тука цело време имаше одреден број на мигранти, кои доаѓаа и си одеа“, посочува Тефику.
Ахмади до Скопје од Едрене стигнал пешки. Патувал три недели во група со пријатели, но во меѓувреме се разделил од нив. Во Солун на криумчар му платил 2500 евра за да му обезбеди место во воз за да си го олесни движењето. Но, криумчарот не го исполнил ветувањето и Ахмади наместо со воз после 7 дена пешачење од Солун стигнал во Скопје. Патот вели не бил лесен, преку планини и непристапен терен, а во близина на Гевгелија бил и ограбен. Му бил одземен телефонот и парите кои му останале.
„Сакам да одам во Франција, бидејќи веќе имам пријатели таму, кои се снајдоа во земјата и ме викнаа“, вели Ахмади.
Полицијата во 2017 спречила 4129 илегални преминувања на границата. Наредната 2018 година 16.895 или за четири пати повеќе. До август годинава биле спречени 15.695 илегални преминувања. Бројката на мигранти во Табановце постојно е променлива, информира Тефику.
„Повеќемина ептен кратко се задржуваат што значи дека влегуваат тука, земаат храна и облека, сè што им треба и бараат чаре да продолжат нагоре. Има и такви кои се задржуваат подолго време, поради некои причини. Тоа може да бидат здравствени причини или нешто друго, или немаат средства за да можат да продолжат нагоре. Но, повеќемина се задржуваат ептен кратко, на неколку дена“, додава Тефику.
Видете и ова: Самоорганизирани групи против мигрантите во СловенијаНекои, според него, се задржуваат кратко, некои пак остануваат подолго.
„Повеќемина доаѓаат сами, знаејќи дека постои кампот. Оние кои имаат потреба. Но има и такви што ги фатила полицијата и ги донесуваат тука. Се прави нивна регистрација, сите процедури, здравствени прегледи и сè друго што им треба, храна и облека. Условите се добри“, вели Тефику.
Според Мерсиха Смаиловиќ од граѓанската организација „Легис“, која има своја канцеларија во прифатните кампови Табановце, Винојуг во Гевгелија и во селото Лојане, условите за мигрантите се различни. Најаларматна, според неа, е состојбата во Центарот за странци во Гази Баба.
„Веќе од 2015 година со Народниот правобранител постојано потенциравме дека тој центар мора да се дислоцира. На многу лоша положба е, условите внатре се многу лоши. Ние реновиравме еден дел, но колку и да се обидувате да реновирате сепак положбата е многу лоша. Бегалците и мигрантите таму немаат право да излегуваат на чист воздух, бидејќи нема ограда, нема заштита“, потенцира таа.
Воедно, додава дека најдобра е ситуацијата во Визбегово.
„Потоа транзитно-прифатните центри во Гевгелија, Винојуг и Табановце исто така од затворен тип, мигрантите не можат да излегуваат надвор, освен со придружба од невладина организација. Со самото тоа што тие не може да излегуваат, веќе е доволно траума и тие се затворени, какви услови вие да им пружите. Во Визбегово пак, можам да забележам многу подобрени услови, тој центар е од отворен тип, мигрантите зборуваат македонски, значи се интегрираат постепено, храната е подобрена, барем тој центар е добар“, вели Смаиловиќ.
Пред неколку дена во близина на Струмица во патничко возило беа откриени 27 мигранти, при што 11 од Авганистан, а 16 од Пакистан. Бројките покажуваат дека се зголемуваат случаите на криумчарење мигранти. Во периодот од јануари 2017 до август годинава откриени се вкупно 126 случаи на криумчарење мигранти.
Според податоците на МВР, во 2017 година имало 19 случаи на криумчарење на мигранти, наредната години бројката се зголемува за речиси три пати, односно се забележани 58 случаи. За оваа година од МВР имаат информации само до август, но може да се претпостави дека билансот за 2019 ќе биде поголем бидејќи во рок од седум месеци веќе има 49 случаи.
За време на истиот период спречени се вкупно 2.069 мигранти кои со помош на криумчари се обиделе да ја напуштат државата и да заминат во некоја од земјите од Западна Европа. Во 2017 се откриени најмалку мигранти или 212. Наредната година четири пати повеќе, односно 891 мигрант. Додека годинава до август веќе има зголемување во споредба со лани, при што откриени биле 966 мигранти.
Цените се различни, вели Тефику, според приказните кои ги слушнал од самите мигранти.
„Значи некои викаат дека од Грција до тука платиле по 700 евра. Некои 500 евра. Зависи како ќе се снајдат и со што ќе дојдат. Оние што доаѓаат пешки често велат дека доаѓаат сами. Нашите информации покажуваат дека има многу движење и надвор од кампот. Илегално што се надвор од кампот. Надвор од институционалната контрола“, вели тој.
Видете и ова: Возови со скриени мигранти кон МакедонијаВо 2018 година до Секторот за азил поднесени се барања за признавање право на азил од 208 лица. Од нив најмногу се од Пакистан, односно 89, потоа 73 од Ирак и 46 лица од Авганистан. Додека до Секторот за азил до јули годинава поднесени се нови барања од 165 лица. Повторно најголема е бројката на Пакистанци или 46 лица, за пет помалку барања има од државјани на Авганистан, а од Ирак азил побарале 18 лица.
„По однос на поднесените барања за признавање на право на азил за најголем број од нив беа донесени решенија за запирање на постапката бидејќи барателите самоволно и пред конечно донесување на одлука го напуштаат Прифатниот центар за баратели на азил и истите не се достапни на Секторт за азил за спроведување на понатамошната постапка“, велат од МВР
За жал земјата каска во однос на тие процедури, порачува Самаиловиќ.
„Не само што траат долго, туку честопати се и негативни. Нивното барање за азил е негативно или статусот што би требало да го добијат, тие добиваат пониска заштита од таа што би требало. Знаете како е за еден бегалец од Сирија којшто решил да остане во Македонија, секоја година мора да ги продолжува документите да му се одобрува статусот. Значи тие два три месеца живеат во страв дали ќе бидат вратени назад или ќе добијат статус“, смета таа.
Можноста од нов мигрантски бран кон Европа се отвори по последното предупредување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој се закани дека ќе бидат принудени да ги отворат портите и да дозволат сириските бегалци, кои во Турција ги има околу 3,5 милиони да ја напуштат земјата. Причината, според него, е тоа што ЕУ не ја доставила потребната помош за Турција.
Директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку неодамна за РСЕ изјави дека работат заедно со ОБСЕ на „голем резервен план“ во случај на поголем прилив на мигранти и бегалци кон Европа, кој е во финална фаза.
„Ние добро сме ја менаџирале ситуацијата кога имаше 10 до 15 илјади бегалци на ден. Сега имаме научено една голема лекција. Вестите се дека се повеќе бегалци повторно ќе стигнат преку Турција и Грција, но ние овој пат сме повеќе спремни во соработка со меѓународните институции и невладините организации кои даваа голем придонес и се надевам дека ќе даваат и во иднина“, вели Буџаку.
Смаиловиќ смета дека нема опасност од некој поголем бран на бегалци.
„Во септември се зголемени бројките и ние тоа го забележуваме. Сме асистирале на повеќе бегалци отколку во август. Бројката е поголема, но не толку значително поголема да кажеме дека ова се знаци на нов бран за кој ние треба да се подготвиме. Македонија секогаш треба да биде подготвена согласно меѓународните и нашите закони. Но, нов бегалски бран или ново мигрантско движење како што беше во 2015 или 2016 година, мислам дека воопшто не сме блиску до тоа“, вели таа.
Во текот на минатата година во активноста „Заедника операција за засилен надзор на јужната граница“, како што наведуваат од МВР, учествувале вкупно 1401 полициски службеник од осум земји (Хрватска, Србија, Словенија, Австрија, Чешка, Полска, Унгарија и Словачка).
„МВР постојано презема соодветни мерки и активности за обезбедување на целокупната граница на РСМ. Долж јужната граница патролирааат наши и странски полициски службеници. Воедно МВР постојано ги следи состојбите со мигрантите и во соседните земји, но во овој момент најави за наплив на мигранти кон Р.С.Македонија нема“, соопштуваат од министерството.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Албанија стана клучна транзитна рута
Заедничката операција на Фронтекс со Албанија во изминативе недели е многу активна во граничниот „лов“ на илегални мигранти од Грција. Мигрантите пак се уверени дека и покрај тоа некако ќе успеат да стигнат до крајната дестинација, западна Европа.
Гоце Атанасов
Откако во темната ноќ ја минале албанско-грчката граница низ сувите планини во југоисточна Албанија, Хидаџа Салах и неговите сопатници се заслепени од фаровите на полицискиот автомобил. Мигрантите се надеваа дека ќе продолжат на запад кон ЕУ, но нивното патување е стопирано во оваа балканска држава - засега.
„Повторно ќе се обидеме“, вели Салах.
„Секој човек од нас е посебен случај, еден од нас сака да оди таму за подобар живот, другиот сака да оди таму за да обезбеди подобра иднина за своите деца, некои од нас одат таму за безбедност“, вели тој,
Салах и другите - осум мажи од Египет - се дел од зголемениот број мигранти кои патуваат преку јужниот дел на Балканот од Грција кон Албанија и Црна Гора во обид да стигнат до Европската унија. Од мај, нивните патувања станаа потешки, откако ЕУ испрати гранична патрола на Фронтекс за да помогне во контролата на албанската порозна граница од 350 километри со Грција.
Чешкиот полицаец Павел Долежал вели:
„Ако ги фатат мигрантите, тие чекаат со нив и тогаш албанските власти пристигнуваат на лице место да ги одведат во полициската станица Капштица за понатамошна истрага“, вели тој.
Сиромашната и планинска земја стана клучна транзитна точка за мигрантите уште откако северната рута низ Балканот беше затворена во почетокот на 2016 година. Оттогаш, „трендот е видливо нагорен“, вели Аида Хајнај, заменик-генерален директор на албанската полиција.
„Балканските рути се повторно активни и бележат нагорен тренд од 2017, 2018 и 2019 година. Трендот е видливо нагорен во однос на претходните години, поради затворањето на северната балканска рута, која минуваше низ Северна Македонија, Србија и Унгарија“, вели тој.
Новата рута се протега низ Албанија и Црна Гора, а понекогаш и Босна, во обид да стигнат до Европската унија, преку Хрватска. Во изминатите три месеци во Албанија беа пресретнати 2.310 мигранти - повеќе од двојно од 880 мигранти, фатени во целата мината година. Во 2017 година, бројката беше 206.
Салах се поврзал со своите сопатници во Турција и Грција, каде што престојувале во преполнетиот камп Морија на островот Лезбос. Тоа беше „полошо од пеколот што го живеевме во нашите земји“, вели 18-годишниот Египќанец кој вели дека се вика Ахмед.
Откако се обидоа да заработат пари на островот Крит како земјоделски работници, тие го започнаа своето патување пеш. Но, тоа беше запрено по 15 километри, во близина на Понарк, каде што полицијата ги однесе до локалната полициска станица. Таму, тие веројатно ќе покренат барање за азил – не за да останат трајно во Албанија, туку да купат некое време пред да продолжат понатаму.
Салах вели дека тие сè уште не знаат во кој европски град би оделе, туку дека се надева оти ќе најдат „подобар живот, поголема безбедност - и живот со достоинство“.