Најавата на Радмила Шекеринска, која 28 години е дел од раководните тела на СДСМ, дека нема да се кандидира повторно за заменик претседател на партијата и потврдата од нејзиниот партиски шеф Зоран Заев на таквата нејзина одлука ги подгреаа гласините дека во владејачката партија актуелниот шеф расчистува со скопското крило.
Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи ако има такви поделби со скопското крило, најавата на Шекеринска дека нема да се кандидира му дала уште поголема сила на Заев да го спроведе тоа што го наумил.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„И самиот начин на кој Заев беше избран за претседател, од самото членство мислам дека ја зголемува и неговата одговорност за резултатите на партијата по конгресот“, вели Муслиу.
Видете и ова: „Султан“ партиите никако да се реформираатДополнително, гласините се зголемени и токму поради наближувањето на партискиот конгрес кој треба да се одржи на 16 мај. На него партијата треба да избере централен и надзорен одбор, заменик претседател и потпретседатели. Извори од СДСМ брифираат слично како и изјавата на партискиот шеф, дека одлуката на Шекеринска да не се кандидира е нејзина лична. За нејзиното место, заменик претседател, велат дека е отворена можноста на конгресот и да се укине, исто како и можноста да се намали бројот на потпретседатели од досегашните четири. Сега потпретседатели на СДСМ се Мила Царовска, Коста Петров, Оливер Спасовски и Мухамед Зекири.
Но, промените во СДСМ не беа неочекувани. Нив ги најави лично Заев минатиот месец откако беше реизбран во партијата на непосредни избори меѓу членството. Следува нова политика и следува сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, рече Заев нагласувајќи дека ќе внесат нова енергија во нивните редови и дека ќе ги отворат вратите за сите оние кои се блиски до социјалдемократските идеи.
Несогласувања во кумановски огранок
Во меѓувреме општинските организации даваат предлози за членови на централниот одбор, а од таму во јавноста веќе излегоа информации за превирања во кумановскиот огранок односно дека актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски и претседателката на Советот Атина Мургашанска се елиминирани од кандидатурата за нови членови на Централниот одбор.
Видете и ова: Димитриевски ќе треба да плати 300 – 600 евра казнаДимитриевски за Радио Слободна Европа вели дека нормално е да има несогласувања и спротивставени ставови во едно демократско општество.
„За жал, она што го покажа раководството на општинската организација на СДСМ Куманово при изборот на кандидати за членови во Централниот одбор на партијата е еден недемократски процес, без капацитет да се сослушаат размислувањата и ставовите на членовите. Не само што имаше несогласувања, туку првенствено се оневозможи правото на дискусија на голем дел од делегатите. Искрено жалам и сум разочаран што мојата општинска организација длабоко потфрли во тоа“, вели Димитриевски.
Тој додава дека неговата и кандидатурата на претседателката на Советот на Општина Куманово Мургашанска биле по автоматизам елиминирани од страна на раководството.
„Ова за мене претставува процес на внатрепартиски игри со што би ја оспориле конференцијата. Јас лично сметав и стојам на тој став дека треба да се остави простор и за нови луѓе да бидат кандидати за членови на ЦО и да бидат дел од централното партиско раководство. Во таа насока сметам дека треба јас, министерот Оливер Спасовски и двајцата пратеници кои по функција присуствуваме на централниот одбор да се изземеме од таа листа и да не бидеме кандидати со што ќе дадеме предност нови авторитети да се афирмираат во политичкиот живот во СДСМ“, велу Димитриевски.
Малку останати од кадрите на Црвенковски
Во дел од јавноста и спротиставувањето на владината одлука и разрешувањето на доскорашниот директор на Државниот пазарен испекторат Стојко Пауновски се поврзува со внатрешните несогласувања во СДСМ, но извори за РСЕ од партијата демантираат дека се работи за борба меѓу одредени крила, иако велат дека некој се обидува тоа да го прикаже на тој начин.
Инаку, ако се погледнат изборните листи за изборите во 2011 година, последни кои ги кроеше Бранко Црвенковски како претседател на СДСМ, од првите пет позиции во шесте изборни единици на актуелни високи државни позиции Зоран Заев како премиер ги стави- Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Горан Сугаревски и Јани Макрадули. Другите 26 од првите позиции на листите на Црвенковски или не се актуелни државни функционери, или пак се критичари на владеењето на Заев.
Шекеринска и Спасовски, пак и сега имаат високи и партиски и државни позиции. Министерката за одбрана Шекеринска досега е и заменик претседател на СДСМ, а Спасовски е потпретседател на партијата. Додека Шекеринска најави дека нема да се кандидира повторно за партиската функција, Спасовски засега нема соопштено какви се неговите партиски амбиции. Заев, пак е на чело на партијата од 2013 година и во март доби мандат за уште четири години да го води СДСМ.