Опозицијата бара избори за решавање на проблемот со нефункционалниот парламент на раб на кворум, власта смета дека нема потреба зашто има стабилно мнозинство. Аналитичари се сомневаат дека избори би го решиле проблемот, зашто резултатите повторно може да бидат тесни.
Владејачкото мнозинство има 62 пратеници во 120-членото Собрание, само еден повеќе од потребниот минимум. За да се овозможи кворум за работа или за гласање треба да има 61 пратеници, а во ек на пандемија кога некој пратеник е заболен или во самоизолација поради коронавирусот се чини дека тоа е невозможна мисија. Опозицијата учествува во работата на Собранието, но не влегува во салата за седници сè додека мнозинството не го овозможи кворумот за работа.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски вели дека тие не го блокираат Собранието, но не сакаат да ѝ овозможуваат кворум на власта која со нив не сака да дебатира за ниеден закон. Предвремени парламентарни избори наесен, заедно со локалните, се излез од оваа ситуација, вели Мисајловски во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.
„Еден од главните фактори за намалување на оваа политичка криза се избори. Зошто го велам ова? Затоа што тие немаат такво мнозинство како што сакаат да прикажат, бидејќи секој ден нема кворум за работа на Собранието. Затоа, една од основните работи за да се смири оваа ситуација и власта и Собранието да почнат нормално да работат се избори“, вели тој.
Од друга страна, Костадин Костадинов од владејачката СДСМ вели дека избори имаше пред нецела година и нивната коалиција доби чист мандат од граѓаните, така што нема потреба од нови.
„Мнозинството е апсолутно стабилно. Секако, ковид-пандемијата ги фаќа и пратениците и ние не сме имуни на коронавирусот. За жал, ВМРО-ДПМНЕ опструираше и сè уште опструира промени во Деловникот за работа на Собранието од далечина, но сепак, ние ќе ги искористиме сите наши деловнички можности, и во тоа всушност и успеавме да го деблокираме Собранието. Со тоа апсолутно се отфрла каква било можност за предвремени парламентарни избори заедно со локалните“, вели Костадинов.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека избори нема да го решат проблемот. Односот на силите и сега е таков што кој и да победи повторно ќе има тенко мнозинство, вели тој.
„Системот ќе остане ваков ако не се смени политичката култура. Во кој било нов собраниски состав може целиот систем да се блокира со илјадници амандмани, така што за мене тоа не е решение. Решение е во менувањето на политичката култура. Секако, кога мнозинството е поголемо е покомотно, но нашето искуство нè учи дека кога мнозинството е двотретинско, тоа негативно влијае на општествените текови. Тоа сме го имале два пати во овие 30 години“, вели Муслиу.
Минатата недела, двајца пратеници од владејачкото мнозинство заболени од коронавирус дојдоа во Собранието облечени во скафандери и со заштитна опрема за да овозможат кворум за работа за Парламентот да може да изгласа дузина закони. Опозицијата најави кривични пријави и за пратениците и за претседателот на Собранието кој им овозможи присуство.