Прекинат протестот на матичните лекари-министерството ќе бара решенија

Пациенти и медицински персонал пред болница

Матичните лекари попладнево го прекинаа протестот преку кој сакаа да укажат на состојбите во примарното здравство. По средбата со здравствените власти било договорено да се формираат работни групи преку кои ќе се бара решенија на нивните проблеми

Финансиските шокови, повисоките сметки за струја, но и покачувањето на минималната плата особено ги погоди матичните лекари од малите населени места кои имаат амбуланти со мал број на пациенти. Со постојниот надоместок кој го добиваат од Фондот, а кој изнесува 63 денари од пациент, лекарите не можат да ги платат медицинските сестри со минимална плата од 18.000 денари, да ги платат зголемените сметки за струја и да ги покријат сите давачки, поради што се соочуваат со ризик од затворање на ординациите, вели претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова- Дервишова.

„Со овие средства треба да платите медицинска сестра со минимална плата од 18.000 денари, како и да ја платите повисоката сметка за струја. Има колеги во помали места каде што бројот на пациенти се намалува и се соочуваат со можност да ги затворат амбулантите“, вели доктор Лилија Чолакова-Дервишова.

Голем број на амбуланти во помалите места се пред затворање

Видете и ова: Тежок период за здравството, уште потежок за пациентите


Според податоците на Здружението на матични лекари, само во последниве неколку години, 400 амбуланти низ земјава се затворени, а доколку не се решат проблемите ќе следува затворање и на други ординации, што значи дека пациентите ќе останат без здравствена заштита, предупредува Чолакова. И сега состојбата е загрижувачка. Голем дел од матичните лекари се повозрасни и пред пензионрање, а голем дел од руралните средини се веќе без лекар. Доктор Чолакова набројува неколку такви примери.

„Тоа не смееме да го дозволиме. Ние имаме цели региони кои се соочуваат со вакви проблеми. Богомила е со еден доктор, Маврово исто така, а има народ на кој му е потребна здравствена заштита“, вели доктор Чолакова.

Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружение на матични лекари


Според Чолакова, актуелниот модел на функционирање на примарното здравство треба да се преиспита и да се види што треба да се менува.

„Ние сериозно треба да го разгледаме овој модел на работа од 2001-ва година па до сега. Tреба ли да се менува, што е потребно да се покријат трошоците, како ќе одиме ние напред со плати ако Владата од 2018-та не покачува, ние не наплаќаме на пациентите, а во секој друг сегмент од здравството има партиципација, како да ги задржиме медицинските сестри и докторите бидејќи се потребни тие здравствени работници и во тие делови на земјата“, вели доктор Чолакова-Дервишова.

Потребни се неколку реформи за задоволни доктори и медицински персонал

Според Здружението на приватни матични лекари, решението е да се покачи надоместокот што го добиваат од здравствениот фонд и да се укинат казните кои сега ги добиваат за административни пропусти. Репресивните здравствени политики нема да ги задржат лекарите, порачуваат од фелата.

„Само ние во цел свет бевме казнети во време на пандемија. Докторите се физички и психички исцрпени, две години сме постојано на телефон, анкетираме, контактираме пациенти надвор од работно време, телефоните ѕвонат од наутро до навечер, понесовме голем товар, а награди и почит нема од ниту една страна “, вели доктор Чолакова.

Друго долгогодишно барање е пациентите да се водат на име на ординацијата, а не кај матичниот лекар, бидејќи во случај кога лекарот се пензионира, со тоа автоматски се губат и пациентите, а со самото тоа се става во ризик и финансирањето на ординацијата.

Овие промени кои што ги бараат матичните лекари се уверени дека ќе придонесат и за подобрување на функционирањето на амбулантите како и за подобрување на здравствените услуги за пациентите.

Видете и ова: Кој ќе ги лекува пациентите ако младите лекари заминуваат од земјава?


Владата неколку пати во изминативе години ги покачуваше платите на здравствените работници, но на матичните лекари капитацијата им беше покачена само во 2019-та година на 63 денари, иако предизборните ветувања беа дека капитацијата ќе изнесува 90 денари.

Во меѓувреме од здруженијата велат дека голем дел од матичните веќе се повозрасни и пред пензионирање, а токму поради ваквите состојби младите лекари не се заинтересирани за работа во примарното здравство.

„Резервни матични лекари немаме, примарното здравство не е привлечно за младите лекари, затоа мора да се подобрат состојбите за да има подмладок во овој сектор“, порачува доктор Чолакова.

Одлуката за протест доаѓа откако здравствените власти како што велат матичните лекари останале „глуви“ на нивните барања. Од здружението велат дека се разочарани од игнорантскиот однос кон нив и дека ова е предупредувачки протест. На протестот им се придружија и од Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и Приватни доктори по дентална медицина од каде што исто така предупредуваат за катастрофални состојби како што велат и во стоматологијата.

Министерството за здравство ветува решение на проблемите

Министерството за здравство заедно со Здружението на приватни лекари ќе формираат работни групи на кои ќе се дефинираат конкретните чекори за подобрување на состојбите со кои се соочуваат со лекарите од примарното здравство. Ова било договорено на денешниот состанок помеѓу заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски и претседателката на Здружението, Лилија Чолакова Дервишова.

„Во овој краток период откако ја преземав функцијата имав повеќе средби и со министерот за здраство и со Фондот за здравствено осигурување, она што го увидувавме во примарната здравствена заштита е дека навистина од 1463 медициски тимови во примарната здравствена заштита, околу 500, односно една третина се на работ на егзистенција. Практично добиваат едвај загарантирана минимална плата за тимот доктор/сестра“, рече Рендевски и најви дека што е можно поскоро ќе изнајдат решение за да бидат докторите и мотивирани и да останат да работат во интерес на пациентите.

Рендевски најави дека ќе се обезбеди минимална загарантирана плата и за докторите и сестрите кои едвај преживуваат со мал број пациенти, за да нема одлевање на медицинскиот кадар, ниту затворање на ординациите што ќе биде на штета на пациентите. Рамномерно ќе се обезбеди загарантирана минимална плата и за ние ПЗУ каде има и поголем број на пациенти, поради што вработени биле и повеќе тимови.

“Заеднички ги разгледавме и одредени казнени мерки на кои се жалеа матичните лекари, а се изрекувани од ФЗО, имавме состанок во текот на денешниот ден со менаџментот на Фондот и договоривме во иднина да се гледа за некои помали, навистина административни грешки, казните да не бидат парични, туку да бидат во форма на опомена“, додаде заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски.

Од Здружението на приватни лекари се задоволни од средбата. Велат протестот ќе биде прекинат, но очекуваат ветеното да се оствари.

Подготви: Ивана Стојкова