Господине Маричиќ, дали новата методологија ќе го отежни или олесни процесот на преговори со ЕУ?
Тешко е однапред да се каже каква ќе биде нејзината крајна улога или крајна цел. Она што на почетокот или иницијалната цел на оваа методологија е таа да го олесни, забрза процесот на проширување и да го направи посуштински и пополитички. Тоа значи дека бирократијата ќе има улога, меѓутоа политичките фактори во европските институции, особено државите членки би требало да имаат поголема улога од онаа што ја имаа до сега. Исто така групирањето на политиките, односно на поглавјата во неколку кластери, значи групирање на темите по коишто ќе се разговара, но и нивно меѓусебно поврзување. Очекувам овој процес да ја одблокира сегашната ситуација, којашто е неиздржлива за сите и за државите кандидатки и за државите членки и за европските институции, а како ќе тече во пракса и каков живот ќе и се даде на оваа методологија зависи од актерите, како и за сите досегашни циклуси на преговори за членство.
Колку е значаен Законот за јавно обвинителство за евроинтеграцијата на државата?
Законот за јавно обвинителство, како таков, никогаш не бил поставен како услов за почеток на преговорите со ЕУ, во ниту еден реформи план, а секој чекор што го правиме во насока на зајакнување на правната држава и владеење на правото ни помага и во таа смисла неколку пати беше споменат од неколку пријателски држави, земји членки на Унијата во смисла на продолжување на борбата против корупцијата и организираниот криминал и продолжување на случаите на СЈО пред Суд. Во таа смисла беше значаен и во таа смисла беа очекувањата. Не верувам дека зависи одлуката од овој закон, но ќе биде одлична вест и одличен сигнал дека Република Северна Македонија може и во ваков предизборен период да носи тешки одлуки доколку се работи за иднината на државата во ЕУ.
Се изневерија ли очекувањата на граѓаните во борбата со криминалот и корупцијата?
Сите ние очекувавме повеќе од правосудството во овој тригодишен период. Сите очекувавме поефикасна правда, особено во делот на случаите на СЈО. Знаеме дека тука имаше и објективни, но и субјективни пречки. За жал, се служи тоа што се случи и внатре во СЈО, за жал имаше и влијание и во самото правосудство, тоа сè излегува горе-долу на површина и во други актуелни случаи. Мислам дека ќе изнајде нашиот систем сила. Има силна политичка волја кај сегашната влада, има силна политичка волја кај владејачките, мнозинските партии коишто излегуваат на избори, меѓудругото, и со таа програма, со тој дел од програмата. Мислам дека неизбежно ќе биде да се продолжи поистрајно и похрабро на тој пат, затоа што после донесување на овој закон за јавно обвинителство ќе треба да следуваат уште многу други чекори, коишто ќе му дадат интегритет на судството и коишто навистина кај граѓаните ќе ја вратат довербата дека може да се истера правдата и дека никој не е недопирлив и никој не е над законот. Тоа е суштинската борба во овој момент.
Очекувате ли во март позитивна одлука за почеток на преговори?
Пред неколку дена министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека кога ќе се изгорите на млеко дувате и на јогурт. Мислам дека треба да сме претпазливи и внимателни и не треба да даваме никакви конкретни прогнозирања поврзани со датуми, бидејќи во минатото тоа не функционираше. Ние сме подготвени за преговори, ние ги исполнивме сите услови и сметаме дека сме заслужиле уште во октомври да добиеме одлука за почеток на преговори. Затоа ни е важно таа одлука за почеток на преговори граѓаните да ја добијат што поскоро, за тие да добијат вистински сигнал од ЕУ дека сите тешки одлуки во изминатиот период и дека сите тешки реформи навистина вредеа. Тоа би била вистинска порака кон граѓаните, не кон која било политичка опција, затоа сметаме дека за граѓаните е важно час поскоро тоа да се донесе, а дали ќе биде во март тоа во ниту еден случај, за жал, не зависи од нас како држава. Инаку што се однесува до нас, реков веќе, дека уште во октомври ќе го добиевме тоа. Секој ден што порано ќе добиеме, тоа ќе биде позитивно за нас. Она што, ако ја држиме Европската унија за збор, во заклучоците од октомврискиот совет пишува дека до Самиот во мај ќе се навратат на ова прашање. Единствена шанса од Самитот во мај е Советот во март, така што останува на нив и на нивната одговорност да донесат одлука.
Дали со новата методологија на пример се дава сигурност дека Бугарија нема да ја блокира Македонија ако не прифати дека Гоце Делчев е Бугарин?
Мислам дека на таков начин резолутно не можеме да ги поставиме работите. Она што е важно со Бугарија е да го имплементираме договорот за добрососедство и пријателство. Во духот на тој договор е заедно да прославуваме некои личности и постојат и комисии кои работат на тоа, политичките водства работат на тоа и не верувам дека се работи за тоа да се утврди или признае дали Гоце Делчев е Бугарин, туку многу повеќе од тоа како може да го направиме уште повеќе Гоце Делчев да биде симбол на спојување, бидејќи за нас е секако многу важен македонски јунак, за Бугарија е исто така важен бугарски јунак. Мислам дека тоа е личност која може да нè спојува, би било навистина гревота да не раздвојува. Целта на Договорот за пријателство и добрососедство е да изгради доверба, пријателство и од една страна да се признае заедничкиот дел од историјата, од друга страна да се препознае можноста за заедничка иднина, секако ние не можеме да имаме дилеми меѓу нас на кој јазик зборуваме, како се чувствуваме итн. Во 21 век тие прашања се навистина надвор од дискусија.
Целото интервју со националниот координатор за европски прашања во Владата, Бојан Маричиќ, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.