Мали фалинки за големи проблеми

Илустрација

Њузлетер 3 февруари 2023 - Како ќе се реши чествувањето на Гоце Делчев, кое стана безбедносен проблем? Како корупцијата, инфлацијата, аерозагадувањето... станаа македонски пандорини кутии кои прават големи проблеми?

Има ли МВР план за мирно чествување на Делчев?

И оваа недела чествувањето на Гоце Делчев остана безбедносен проблем. Колку се реални ветувањата на шефовите на бугарската и македонската полиција дека нема да дозволат да се распали оган на роденденот на револуционерот.

Бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, дури даде можност на чествувањето да дојдат и бугарски полицајци за поголема безбедност, доколку Македонија побара такво нешто. Неговиот македонски колега, Оливер Спасовски, изјави дека нема потреба од такво нешто и децидно кажа дека нема да се дозволат никакви инциденти. Ден подоцна, и македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, со убедување: Нашето МВР има план за безбедно и достоинствено чествување.
Чествувањето се подготвува, јавноста е поларизирана и „наелектризирана“, а странските дипломати го следат развојот на настаните.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кој го посетува гробот на Гоце Делчев кога не му е роденден

Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија ги блокираше македонските евроинтеграции поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Овој спор им одговара на трети страни, изјави шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, во интервјуто за РСЕ. На тоа реагираше Руската амбасада во Скопје, од каде на фејсбук напишаа дека Османи мислел на Русија. Велат, тоа не е точно бидејќи Русија има пријателски однос кон Македонија.
За пријателскиот однос на Кремљ не се сложува Џејсон Вајсмeн, специјалниот советник за борба против тероризмот во Европскиот парламент. Тој последните хибридни напади во Македонија и регионот ги порза со руско хибридно дејствување со цел „Русија да го шири своето влијание, а ЕУ и НАТО да се откажат од интеграција на земјите“.

Видете и ова: Османи - На Русија и одговара да ги држи живи конфликтите на Балканот

Мали фалинки за големи проблеми

Ветувања од власта за решенија не изостанаа и во останатото секојдневие на македонскиот граѓанин - борбата против корупцијата, економијата и социјалата. Ама не изостануваа и критиките.
Транспаренси интернејшанал (ТИ), во најновиот извештај, ја рангираше Македонија на 85-то место, со 40 индексни поени на Индексот на перцепција на корупција. Велат, власта отвора нови случаи против корупција, но „фалинките“ во правосудството ги поткопуваат тие напори. Слаѓана Тасева од ТИ-Македонија рече дека „резултатот е загрижувачки и покажува недостаток на интегритет и почитување на законите, како и пад на демократските процеси. Иако се бележи минимално подобрување од лани, сепак нашата држава во 2022 година ја обележаа големи корупциски скандали, a судството и владеењето на правото беа засенети со нови скандалозни обележја. Подобри од нас во регионот се Црна Гора и Косово. Корупцијата останува една од нашите незатворени „пандорини кутии“.

Видете и ова: Критики од странски дипломати за македонската корупција

Плата од 30.000 денеска вреди 24.000 денари

Македонија не може да се пофали ни на ранг-листите за висината на платите. Нашата држава има највисока инфлација во регионот, па затоа има и најголем пад на вредноста на просечната плата во регионот од над 5 проценти. Црна Гора има голем, а Албанија мал раст на реалните плати. Србија и Босна и Херцеговина имаат мал пад на вредноста на просечните плати.
Реалните плати во Македонија во изминатата година се намалија за скоро 5 отсто, иако луѓето просечно добиваат повеќе пари.
Главна причина за падот е зголемувањето на трошоците за живот од скоро 19 отсто. Тоа значи дека 30 илјади денари денеска вредат колку 24 илјади денари лани.

Инфографика - Колкава е просечната плата во регионот?

Кој мери што дишеме?

Ниските плати се клучен проблем, дури и во однос на мерните станици за аерозагадување кои „ги изневеруваат граѓаните“. Да, звучи чудно, но вистинито.
Ниските плати кои се нудат за позициите за мониторинг на воздухот резултираат со незаинтересираност од страна на потенцијалните вработени, според податоците кои ги добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање. Така доаѓа до ситуација официјалниот систем за мерење на загаденоста на воздухот „да ги изневерува граѓаните на Македонија“, во време кога земјата долго се соочува со смртоносните последици од аерозагадувањето.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Воздухот има мирис и вкус, мерните станици потфрлаат

Во услови кога долг период не се спроведуваат потребните мерки за намалување на аерозагадувањето, проблем е и државниот мониторинг систем задолжен да ја мери концентрацијата на штетните честички во воздухот, кој работи со само тројца луѓе, што е половина од потребниот кадар.

Црни хроники

Едни се затвораа, други пандорини кутии се полнеа. Овој пат и тие од црната хроника. Особено по случајот со сексуалната злоупотреба на дете во Велес, во кој четворица велешани и еден тетовец беа ставени во притвор откако полицијата открила дека со месеци сексуално злоупотребувале 14-годишно девојче, го снимале и го уценувале.
Тоа наведе само на еден заклучок и на многу прашања. Децата се лесни жртви на социјалните мрежи и институциите и граѓанските организации се загрижени што за случаите доцна се дознава. Што се случува со децата жртви откако ќе се откријат злоупотребите и сторителите?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Се чувствувате ли безбедно на интернет?

„Жртвата не е свесна дека е жртва, смета дека е виновна за тоа што и се случува и се срами од стигматизација од средината во која живее, а тука е и стравот од казна од страна на сторителите бидејќи најчесто сторителите на жртвата и се закануваат, ја уценуваат, ја заплашуваат и на тој начин ја држат под контрола и во кафезот на трговија со луѓе“, вели Јасмина Димишковска Рајковска од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Ла Страда“.
Најефикасен механизам за борба со ова, вели Рита Бехадини од невладината организација „Молокуќа“, за сега останува контролата на родителите во однос на комуникацијата што ја прават малолетниците на социјалните мрежи.

Кога траумата добива форма на војна

И руската неиспровоцирана инвазија врз Украина останува е дел од македонското секојдневие. Украинските сили јавуваат дека се разгоруваат борбите во источниот регион, додека западните сили се оддалечуваат од украинското барање, после тенковите, да добијат и западни воени авиони. Македонија, како членка на НАТО, помага, рече заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Еден од најпознатите светски ромасиери, рускиот писател Владимир Сорокин, вели дека војната е резултат на вековниот апсолутизам во Русија.

Видете и ова: Сорокин: нерешените историски трауми на Русија „добија форма на војна“

„Вековниот апсолутизам во Русија, а особено нејзиното искуство од советскиот тоталитаризам, го оставија општеството длабоко трауматизирано. И сега оваа траума доби форма на војна“, рече Сорокин во интервју за РСЕ.

Гласно до даска

Додека експертите предупредуваат дека над 1 милијарда млади на возраст од 12 до 35 години ризикуваат да го загубат слухот поради продолжена и прекумерна изложеност на гласна музика, младите најчесто притискаат „ок“ ако уредот на кој слушаат на слушалки ги извести дека музиката е прегласна. Кога слушам музика најчесто тоа е на слушалки, сакам да е пуштено гласно „до даска“, велат средношколци за РСЕ.

Видете и ова: Музика „до даска“ - младите меѓу слушалките и ризикот од губење на слухот

Во ординациите за уво, нос и грло во последниве години често доаѓаат млади пациенти, а едно од првите прашања на докторите е - дали користиш слушалки?
„95 % од младите велат дека употребуваат и дека тоа трае по неколку часа дневно додека играат компјутерски игри на пример“, вели Aлександра Шотаровска Тасевска, специјалист оториноларинголог.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Марта Наумовска Грнарова: Први во светот со смарт радијатор

Но, тоа е времето на технологијата, велат познавачите, но не е се во негативна конотација, туку и позитивни предизвици. Како оној на скопски Завар и нивниот смарт радијатор. Прв таков во светот.
„Ги решававме дизајнот, греењето, управувањето со тоа греење и програмирањето. Проблемот што го решававме беше мерењето на температурата и како ќе се примаат и обработуваат податоците. Затоа направивме лабораторија кај што се следат во различни режими мерења од 3 различни места на радијаторот и просторијата и на база на тоа се изработува алгоритам“, вели вели Марта Наумовска Грнарова од Завар дизајн.