Македонија е меѓу земјите во Европа со најголеми семејни трошоци за храна, а најмали за култура, покажа неодамнешната студија објавена на руската новинска агенција, РИА Новости. Анкетата се однесува на учеството на трошоците од семејниот буџет за храна, култура и лоши навики, а во неа биле опфатени 40 земји.
Од семејниот буџет, македонските граѓани трошат дури 37 проценти на храна, што е најмногу од балканските земји вкучени во анализата, а четврто место од сите 40 земји.
Економскиот аналитичар Арбер Халили вели дека анкетата ја одразува реалната слика на македонскиот стандард. Според него, месечните примања на едно македонско семејство со еден или двајца вработени не можат да ги покрие сите трошоци, па затоа приоритет е храната.
„Повеќе од нормално е дека приоритет во секое такво семејство со минимални финансиски месечни приходи е да се фокусира кон најважното, а тоа е да има што да јаде семејството. За пушачите прво се цигарите, а потоа храната, па оттука не ме чуди што парите ги трошат на цигари. Мора да бидеме свесни дека со тие примања кои се на располагање, ќе може да се обезбеди тоа што е ефтино, но за жал не и тоа што е квалитетно“, вели Халили.
Социологот Ѓорги Тоновски вели дека нашиот стандард е многу низок и не се споредува со платите на европските земји, па оттука не треба да е чудно што на македонското семејство не му останува многу за други активности како што се културни, спортски, забавни активности.
„Нашата плата нема ставки за патувања, за комоција, за егзибиции, за угодно возење на добар автомобил, има ставка да се преживее до следната плата. Ние сме преокупирани со проблемот да не ни студи, да не одиме облечени со искинати алишта и да можеме барем за слава или за викенд да се напиеме по една чаша пиво или вино, за да ја разбиеме монотонијата на нашата маса“, вели професорот Тоновски.
Видете и ова: Ако може да ја донесеме Европа дома, зошто не сме ја донеле досега?Во делот за култура и рекреација, Македонците трошат само 1,8 проценти од буџетот, со што Македонија е втора земја со најмали трошоци во ова поле, зад Казахстан. Лидери тука се економски просперитетните западноевропски земји – Шведска (18,7%), Велика Британија (13,1%) и Австрија (11,5%). Покрај тоа, во првите две земји, учеството на трошоците за рекреација и култура дури и го надминува учеството на храна.
Во делот на лошите навики во Македонија дури 4,0 проценти се трошат на алкохол и цигари, што е еден од највисоките удели во Европа. Според професорот Тоновски, тоа што се троши на алкохол и цигари не е поврзано со лошите навики на Македонците.
„Не се работи за лоши работи. Се работи за принуда, за притисок, за преживување. Алкохолот е присутен да, но овде не се пијат вина од 200 евра по чаша, туку од домашно производство. Храната и алкохолот се присутни на македонската трпеза, но толку колку што им дозволуваат условите“, вели професор Тоновски.
Интересно е што процентот за трошоци за храна е помал во поразвиените земји. Во Луксембург жителите трошат само 8,4 проценти од својот буџет за набавка на храна. Холандија и Велика Британија се следни со 10,6 отсто од трошоците. Исто така, помалку од 12 проценти за храна трошат жителите на Ирска, Германија, Финска, Австрија и Норвешка.
Во анкетата се анализираат и трошоците за угостителите и хотелиерството. Тука најмногу трошоци се бележат во Грција – 11,1%. На второ место е Швајцарија со 11,0%, нешто помалку од 10% од трошоците пријавени на оваа позиција кај жителите на Шпанија.
Во однос на учеството на трошоците за ресторани и хотели, Русија е на дното на рангирањето со учество од 3,5%. Северна Македонија – 3,6 отсто. Најнизок индикатор во Европа според учеството на трошоците за кафулиња и хотели има кај жителите на Романија и Молдавија: 2,1% и 2,6%, соодветно. Помалку од 3% од трошоците на семејниот буџет се трошат и за овие цели од страна на граѓаните на Казахстан, Белорусија и Хрватска.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Инаку и според последните податоци на Сојузот на Синдикати на Македонија, вредноста на синдикалната минимална кошница за месец ноември изнесува 33 742 денари. Од нив најголем процент или 41, 93 отсто се трошат за храна, 32 проценти за комуналните трошоци и одржување на домот, околу 6, 4 проценти се трошоците за облека, а најмалку пари Македонците трошат за култура 3,16 и здравје 2,12 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика пак индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, изнесува 108, 4. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Дејности на здравствената и социјалната заштита (12.0 %), Уметност, забава и рекреација (11.6 %) и Преработувачка индустрија (11.0 %).
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2020 година, изнесува 27 899 денари.