Македонско - албанска соработка кон ЕУ

Никола Димитров и Гент Цакај

Министерот за надворешни работи Никола Димитров и се заблагодари на Албанија за неодамнешната ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО во албанскиот Парламент. На средбата со неговиот албански колега Гент Цакај било разговарано за заедничките европски визии на двете земји.

Пораки за заеднички успеси, европски визии и продолжување на добрите билатерални односи, си упатија министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија и Албанија, Никола Димитров и Гент Цакај по завршувањето на денешната работна средба. Димитров му се заблагодари на својот албански колега за брзината со која албанскиот парламент го ратификуваше Преспанскиот договор, а било разговарано и за унапредување на економската и културната соработка меѓу двете земји.

“Разговаравме за состојбите во регионот, разменивме сигнали од земјите членки. Успехот на една држава од регионот е успех за целиот регион. Ние многу би сакале во јуни да имаме повод за заедничка радост,” изјави министерот Димитров.

Неговиот албански колега кој престојува во работна посета на Скопје, изјави дека Република Северна Македонија е пријателска земја и стратешки партнер со која односите се градат преку конструктивен дијалог и ефективна соработка.

”Како поддржувачи на овој процес ние сметаме дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и заедничкиот процес на патот за пристапување кон ЕУ е додатна вредност за развој на регионот и зајакнување на мирот и стабилноста и зајакнување на меѓуетничката соработка”, изјави Цакај истакнувајќи дека размената на искуства меѓу двете земји и меѓусебната поддршка на патот кон отворање на претпристапните преговори со ЕУ ќе бидат од особена важност во периодот пред нас.

На новинарско прашање за коментар на идејата за корекција на границите меѓу Косово и Србија, двајцата министри истакнаа дека тоа е пред се прашање за властите во Белград и Приштина.

“Ова е прашање за косовските институции. Албанија само може да го поддржи ставот на Косово. Во овој процес ние поддржуваме нормализација на односите меѓу Косово и Србија и сметаме дека секој договор треба да се заклучи со поддржување на европските перспективи,” посочи Цакај.

За Димитров пак постојат две клучни работи за ставот на Македонија во однос на ова прашање:

“Поддржуваме решение со кое ќе се согласат и Белград и Приштина. Тоа е многу елементарно бидејќи проблемот е таму. Вториот елемент е решение што ќе придонесе кон регионалната стабилност и визијата целиот регион да оди кон Европа”, рече Димитров.

Овластениот министер за Европа и надворешни работи на Албанија, вчера имал средба со лидерите на сите албански партии во земјава, на кои како што рече биле разменети мислења и идеи за повеќе прашања. Тој изјави дека Албанија внимателно ги следи политичките случувања во Македонија и спроведувањето на Законот за јазиците и Охридскиот рамковен договор.

И Албанија и Република Северна Македонија очекуваат во јуни на Самитот на ЕУ да биде потврдена одлуката за отпочнување на преговорите со Унијата.