„Мамо, те молам прочитај ми неколку страници од лектирата, сакам побрзо да ја завршам“.
Вака мајка на десетгодишен ученик од Скопје ни раскажува како со нејзиниот син постојано „води битка“ кога треба да чита лектира. Елена Г. од Скопје признава дека и покрај сите напори да го натера синот да чита, сепак на крајот таа чита, а тој слуша.
„Не знам дали му правам противуслуга, ама од друга страна, барем знам дека ќе биде подготвен за час. Кога ќе го прашам зошто не чита сам, постојано има оправдување дека чита бавно, дека не разбира што чита или дека нема да стигне навреме да ја прочита“, раскажува Елена.
И ученичката Кристина Тасева не е љубител на пишаниот збор.
„Искрено не читам , а не ги читам ни лектирите оти не ми се интересни. Мој впечаток е дека повеќето млади не читаат, туку седат на интернет“, вели Кристина.
Не читаат книги, интересно им е само на Интернет
Со неа се согласува и Александра Илиева. Таа вели дека ги чита само задолжителните лектири, а дека повеќето соученици не ја читаат дури ни кратката содржина прераскажана на интернет.
„Немаме вокабулар, не знаеме да се изразуваме. Забораваме кои зборови треба да ги употребиме кога дискутираме на некоја тема“, признава Александра.
Но, „нечитањето“ носи низа други последици. Една од нив се и најновите резултати од Меѓународната студија за читање (PIRLS 2021), според кои македонските ученици од четврто одделение покажале потпросечен резултат во читање. Според нив, македонските ученици од четврто одделение се пласираа на 34-то место во светот на табелата од 43 земји од светот.
Според табелата македонските четвртоодделенци освоиле 442 поени и се под просекот од 500 поени според кое е извршено рангирањето. Девојчињата во четврто одделение имале повисок просечен резултат од момчињата, со предност од 25 поени.
Четвртоодделенците во Северна Македонија биле поуспешни во пронаоѓањето и директното изведување на заклучоци отколку во толкување, интегрирање и вреднување.
Не читаат ниту возрасните
Дека децата читаат механички, без желба и разбирање за тоа што го читаат, забележува и одделенскиот наставник Гоце Бумбарсоки од ОУ „Кочо Рацин“ од Прилеп. Недостасува читачка атмосфера и кај возрасните, не само кај учениците, вели Бумбароски и додава дека новите учебници воопшто не помагаат да се смени таквата состојба.
„Да бидам искрен дури и новите учебници содржат текстови кои не ги мамат учениците да можат да се внесат во нив, туку се површни кои едноставно имаат само една основна задача да се сработи. И навистина е жално што единствениот допир на денешниве деца со хартијата, не изобилува со текстови кои се поучни и ќе ги привлечат децата да го читаат“, вели Бумбароски.
Во ерата на дигиталните медиуми и онлајн предизвици, на часовите по македонски јазик, Бумбароски вели дека се уште и на разни начини се труди да ги мотивира учениците да читаат и да разговараат за тоа што го прочитале.
Мојсова-Чепишевска: Потребна е целосна реобнова на ставовите и однесувањето
Резултатите на меѓународната студија за читање не се изненадување и за универзитетската професорка, Весна Мојсова-Чепишевска. Таа вели дека „грешката“ е кај родителите, кои како што додава, не наоѓаат време за своите деца, но и го одобруваат или прифаќаат трендот на нечитање.
„За да стане детето читател, прво треба да слуша. Ние треба да се вратиме назад кога децата ги седнувавме крај себе и им читавме приказни. Не може родител да каже дека нема време да му чита книга на своето дете. Книгата е исто што и играчката. И книгата е инструмент за спознавање на светот. И едното и другото се прозорци. Ако тоа не го направиме, ние ќе имаме дефектни возрасни“, предупредува професорката Мојсова-Чепишевска.
Македонските ученици и во регионот рангирани меѓу последните
Професорката вели дека недоследности и празнини забележува и кај нејзините студенти, особено кај постковид генерациите.
„Да се направи ваква студија и кај деца од 18 години, резултатите ќе бидат исти. Значи проблемот не е вчерашен. Тоа е наталожено и ние навистина треба здраво да застанеме, не само стручните лица, туку и родителите, бабите, дедовците бидејќи ни се случува еден вид на дехуманизација и допрва ќе видиме какви ќе бидат денешните деца за 10, 15 години. Потребна ни е итна реобнова во ставовите, заборавивме на убаво зборување, на бавно читање, потребно е да го што поскоро да го успориме ова забрзано живеење и потрагата по материјалното“, вели Мојсова-Чепишевска.
Видете и ова: Кога буквите играат оро, а системот не им помага доволно на лицата со дислексијаМеѓу подобро рангираните од регионот по читање се Словенија на 23 место со 520, Србија е на 26. место со 514 поени, а веднаш зад неа е Албанија со 513 поени. Од регионот иако под просек, подобри резултати од Северна Македонија има Црна Гора -487 бодови, додека полоши има само Косово кое е на 38 мото место со 421 поен.
Ова обемно меѓународно истражување, чии резултати се објавуваат на секои пет години, на прво место по читање ги рангираше децата од Сингапур со 587 поени, а потоа следат Хонг Конг (573) и Русија (567). Во топ 10те земји кои можат да се пофалат со ученици кои добро читаат се и Англија, Финска, Полска, Кинески Тајпеј, Шведска, Австралија и соседна Бугарија која има високи 540 поени.
Ова не е прв пат македонските ученици да не можат да се пофалат со добри резултати на некое меѓународно тестирање. Лошо рангирани беа и средношколците на меѓународното тестирање ПИСА, каде со години покажуваат слаби резултати во читање, математика и природни науки.
Слични резултати околу постигнувањата на учениците беа забележани и пред неколку години во истражување на УСАИД и здружението „Чекор по чекор“. Резултатите тогаш покажале дека учениците на ниту еден наставен јазик не го постигнуваат меѓународниот стандард да може да одговорат на 80 проценти од поставените прашања. Тие одговориле на 40 проценти од поставените прашања. Во областа математика, според истражувањето, најтешка задача во двете одделенија е одземање, а по него се текстуалните задачи.