Македонските граѓани со поделени очекувања за европската перспектива

ЕУ комесарот за проширување Јоханес Хан ја лансираше во 2017 кампањата „ЕУ за тебе“

Македонските граѓани имаат поделени мислења за тоа дали Македонија и Бугарија ќе ги надминат отворените прашања во следните шест месеци. Некои од нив се оптимисти, а други пак не веруваат дека воопшто некогаш ќе станеме членка на Европската Унија.

Македонските граѓани не се изненадени, но се разочарани откако и по трет пат Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за членство на земјава во Унијата. Новата бугарска Влада дава шест месеци временски рок за да се реши проблемот, но граѓаните кои ги анкетиравме се поделени во проценките за тоа дали ќе има напредок и дали во тој период ќе се надминат отворените прашања меѓу Скопје и Софија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зголемен евроскептицизам по бугарското вето за Македонија

„Мислам дека ќе се сменат работите, мислам дека толку големи барања на Бугарија ќе се повлечат, делумно барем и мислам дека ќе се сменат работите и се надевам дека за брзо време ќе се реши спорот со Бугарија и ќе го добиеме тој толку посакуван ден за почеток на преговорите“, вели пензионерот Димче Петрески.

„Нема шанси за решение, Грците што направија, можеби некогаш ќе влеземе во ЕУ, но вака како што е сега ситуацијата, не верувам“, ни изјави Горка Трајковска.

„Многу сме разочарани. Додека нашите ВМРО-СДСМ не влезат во коалиција, нема ништо да биде. Само ако се соединат, ќе се оправи државата, ако не ништо, еве гледате дека сме распарчени“, вели Мирјанка Петрушевска од Куманово.

Македонските власти постојано го подгреваат оптимизмот дека е можен почеток на преговорите со ЕУ и надминување на проблемот со Бугарија, од Софија постојано повторуваат дека нивната позиција е непроменета.

„Јас верувам дека ќе успееме. Мислам дека бугарската страна ќе попушти“, вели младиот Борче Хаџиев.

„Јасно ни е на сите дека сме далеку од Европската Унија. Не верувам дека ќе се смени нешто за следните шест месеци. Кај нас 30 години ништо не се сменило, па сега за шест месеци“, вели Душко Марковиќ.

„Ни за шест месеци, ниту за сто години нема да биде оваа работа. Со Бугарија нема никогаш да се реши проблемот. Исто како Србите со Хрватите, тоа е врзан чвор, што не се разрешува. Никогаш нема да влеземе во Европската Унија“, вели пензионерот Љубомир Стојменовиќ.

Видете и ова: Македонија повторно не го доби датумот што го прослави

Милан Предан, амбасадорот на Словенија, земјата која го завршува своето шестмесечно претседавање со Унијата вели дека Словенија работела напорно на придвижување на македонските евроинтеграции и дека теренот е подготвен за следното француско претседателство.

„Ако сакате да направите компромис на така тешки прашања ви требаат силни влади на двете страни и ова едноставно не беше случај. Но верувам дека ние за време на нашето претседателство го подготвивме теренот за претстојното француско претседателство да оствари напредок. Како што знаете претседателот Макрон објави дека е подготвен да свика конференција на крајот на нивното претседателство на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и имаме најава од Французите дека и тие ќе се занимаваат со ова прашање“, рече словенечкиот амбасадор Предан во интервју за нашето радио.

Некои меѓународни истражувања пак покажуваат дека пораснал евроскептицизмот и дека голем процент од македонските граѓани не веруваат во европската перспектива.

Политичката советодавна група Балканот во Европа (БИЕПАГ) од Грац објави големо истражување за регионот од кое се гледа дека огромен процент од граѓаните во Македонија имаат лажна престава за тоа кој најмногу и помага на Македонија околу пандемијата, ја напуштаат демократијата и се вртат кон цврста рака, место кон Европа се повеќе гледаат кон Србија, Турција ја сметаат за најпријателска, а економскиот развој на земјата го ставаат пред евроинтеграцијата, владеењето на правото и демократијата.

Само 44 отсто од граѓаните во ова истражување се изјасниле за целосно членство во ЕУ, додека 18 отсто би се задоволиле со некоја економска интеграција и 13 отсто се за прекин на преговорите.

Анкетното истражување Еврометар 2021 кое пак го презентираше Центарот за европски стратегии Евротинк покажало дека и покрај бугарското вето, поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија останува стабилна и бележи благ раст од два отсто, во споредба со минатата година.Рекорден број од 75 отсто од граѓаните се изјасниле дека би гласале за влез во Европската унија доколку има референдум за ова прашање, а една третина сметаат дека интеграцијата на земјава во Унијата ќе се случи во наредните пет години. Сепак треба да се напомене дека истражувањето е правено од 23 до 30 ноември годинава, на репрезентативен примерок од 1001 испитаник.

Инаку, Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција лани, главно поради историски нерешени прашања, а со инсистирање Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, дека двете земји имаат заедничка историја, а таа е бугарска. Првата блокада се случи за време на владата предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов.

Претседателот Румен Радев пак бара од Македонија да го промени својот Устав и Бугарите да бидат вметнати во него. Според него, најголемата грижа на Бугарија е што Македонија не ги применува основните принципи и вредности на ЕУ, како што се човековите права и недискриминацијата.