Македонски парадокс: Невработени има, работници нема

Илустрација

Над 100 илјади луѓе во земјава активно бараат работа, а 60 отсто од компаниите се пожалиле дека не можат да најдат квалификуван кадар и се соочуваат со недостиг на работна сила. Работниците се жалат дека им се нудат лоши улови за работа за мали пари, работодавачи, пак, на необучени работници.

Бараме шанкер, бараме продавач, бараме возач на такси, бараме електроинженер, бараме комерцијалист... На сајтот на Агенцијата за вработување во моментов се објавени огласи за 8.000 слободни работни места во земјава. Дали се бара хигиеничар, инженер или доктор, на поголемиот дел од огласите се нуди минимална плата од 14.500 денари.

Видете и ова: Нема вработување за старци

Стопанската комора на Македонија пред неколку дена објави дека според нивната анкета, 60 отсто од компаниите не можат да најдат квалификуван кадар и се соочуваат со недостиг од работна сила. Во исто време, во има скоро 190 илјади невработени, од кои над 100 илјади луѓе активно бараат работа.

Работниците велат условите за работа што се нудат се лоши, а платите се мали. Работодавачите, пак, велат дека ретко наоѓаат некој што знае да го работи тоа што го бараат.

33-годишниот економист Живко В. од Скопје, во изминатите 10 години сменил 6 работни места и од секое место добил препорака дека е добар работник. Работел речиси сè – од магационер, преку комерцијалист до сметководител. Можеш да напредуваш во работата, ама тоа ретко се одразува на платата, вели тој. Најчесто заминувал од фирмите поради тоа што условите за работа не биле според договореното.

Слободни работни места

„Друг е разговорот на интервјуто, а друго е откако ќе стапиш во работен однос. На пример, ти ветуваат дека како комерцијалист ќе ти дадат службена кола, а ја возиш својата. Не си пријавен на цело работно време, туку на пола и ти даваат некој минималец од 12 илјади. Наместо по 8 часа, како што сте се договориле, се работи по 10 часа, а никој не ти го плаќа прекувременото“, вели тој.

Од друга страна, бизнисменот Мирче Чекреџи вели дека платите во Македонија не може да бидат како во Германија, но проблемот е посложен од тоа. Прво треба да се интервенира во образованието за да почне да создава кадри кои му се потребни на бизнисот и второ Законот за работни односи треба да се направи пофлексибилен, вели тој.„Кај нас може една или две форми на вработување на направиш. Има уште десетина форми на вработување. Кај нас не е дозволено студентите да подработат по некој саат, да заработат џепарлак, на пензионерите им е забрането да работат. Ако сакаат да подработат нешто треба да се откажат од пензијата, што е најбесмислено, тоа се нивни пари, тие си ја заработиле пензијата. Работа на парче од дома нема форма како да се направи. Има уште десетина форми, а кај нас или си вработен или си невработен“, вели тој.

Според анкетата на Стопанската комора на Македонија, пак, најголем проблем е неквалитетното и несоодветно образование, неактивноста и иселувањето. Околу 13 отсто од фирмите, пак, се пожалиле дека немаат кадар зашто други фирми им го преземаат.

Видете и ова: За програми и мерки за вработување издвоени 1,4 милијарди денари

„Од оние што бараат работа претежно се лица со професии од општествените науки кои не можат да најдат работа на пазарот на труд. Затоа се тежнее кон тоа да се направи нивна преквалификација и доквалификација за да може да се вклучат во работниот процес. Исто така тоа се лица со високообразовни квалификации кои не сакаат да работат со пониско ниво на квалификации, иако платите што се нудат во компаниите се повисоки. Имате компании кои нудат плата до 30 илјади денари, но не можат да најдат кадар бидејќи работниците сметаат дека многу им е подобро да седат дома, отколку да бараат работа“, рече пред неколку дена Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

Според последната анализа за потреба од вештини на пазарот на трудот на Агенцијата за вработување од 2016/2017 година, меѓи професиите што најмногу се бараат се информатичари, инженери, економисти, лекари, електротехничари, комерцијалисти, медицински сестри, оптичари, шивачи, продавачи, градежни работници, возачи, заварувачи и готвачи.