Македонската бионичка рака победник на светски младински предизвик

Илустрација - Тимот eBionics, кој освои награда на локалниот младински предизвик Generation Unlimited

Втора година по ред, македонски тим е еден од победниците на глобалниот младински предизвик Џенерејшн Анлимитед.

Тимот eBionics со нивната идеја VenusArm, односно 3Д печатен бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет, е глобален победник на годинашниот младински предизвик „Џенерејшн Анлимитед“, во категоријата под 18 години.

Тимот е составен од средношколците Орхан Багашов, Борис Ноцески, Анамариа Илиева и Тео Китановски, заедно со својот ментор професор д-р Иван Чорбев.

„Во изминативе 12 месеци тие работеа на развој на модел на 3Д печатена бионичка рака која е достапна и прилагодлива и е наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет. Со новата дополнителна инвестиција од 10.000 долари тимот ќе работи на доработка на својот проект и негово скалирање“, соопштија од Смарт Ап – Соушл Иновејшн Лаб, кои заедно со УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком го организираат локалниот младински предизвик.

Тимот, во конкуренција од 180 тимови, е еден од осумте победници на младинскиот предизвик кој се одржа во повеќе од 36 земји во светот.

Видете и ова: Роботика за помош на општеството

Багашов, еден од членовите на тимот, започна сам да работи на раката, а потоа продолжи заедно со останатите членови од тимот. Тој, во рубриката „Моја Порака“, сподели дека со роботиката сака да помогне на општеството.

Ова е втора година по ред како македонски тимови се победници на глобалниот натпревар. Минатата година меѓу победниците беше тимот „Андромета“ со својата апликација „SpeakOut“, која е наменета за помош на жртви на врсничко насилство.