Рекордно ниските каматни стапки за депозити и повисоката инфлација се главните причини за растот на берзанскиот индекс, велат брокерите. Изминативе десетина дена македонската берза бележи раст на пазарот на хартии од вредност. Вкупниот берзански промет од почетокот на годинава до почетокот на октомври достигна вкупно 159 милиони евра, што претставува зголемување од 42 проценти во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 113 милиони евра.
„Овој одличен деветмесечен статистички пресек речиси со сигурност навестува дека перформансата на Берзата оваа година ќе биде најдобра во последната деценија. Најдобар вкупен промет во последните десет години е постигнат во 2018 во износ од 169 милиони евра – сегашниот „кусок“ од 10 милиони многу веројатно ќе биде престигнат до крајот на годинава, пишува главниот извршен директор на Македонска берза Иван Штериев во кварталниот билтен на Македонската банкарска асоцијација.
Видете и ова: Буџетот не може да биде развоен ако се зголемуваат расходите за плати и пензииТој посочува дека овогодишното зголемување на вкупниот берзански промет примарно се должи на зголемениот промет со блок-трансакции со пораст од 172 % и тргувањето со обврзници со пораст од 269 %.
Извршниот директор на брокерката куќа Инвест брокер Филип Петрушевски вели дека изминатиот месец беше особено добар за берзанскиот пазар.
„Тоа се должи генерално на добрите перформанси на фирмите пред се на банките и Алкалоид, како и на многу ниските каматни стапки во банките за орочените средства“ вели Петрушевски.
Според берзанските податоци забележително е дека прометот од куповната страна речиси целосно го генерираат домашните инвеститори, односно дека до август од куповна страна во вкупниот промет странците учествувале со незначителни 2,7 %.
Поранешниот претседател на Одборот на директори на Македонската Берза Ѕвонко Станковски вели дека кварталните извештаи на компаниите покажуваат дека во изминатиов пост ковид период веќе има одредено стабилизирање и подобрување на финансиските резултати. Тој вели дека тоа довело и одредени компании да исплатат дивиденда, а други да најават дека ќе го сторат тоа.
„Тоа секако беше поттик инвеститорите да инвестираат преку берзата во хартии од вредност со тоа што очекуваат да добијат нормално поголеми финансии од стандардните каматни стапки кои сега се на рекордно ниско ниво и нормално, секако дека влијание има и зголемената стапка на инфлација. Инвеститорите бараат посигурни и поголеми приноси“ вели Станковски директор на дирекцијата трежри во Уни банка.
Страв од инфлација
Видете и ова: На кого ќе му се стемни од струјата?Стравот од поголема инфлација носи префрлање на капиталoт на берза, вели Петрушевски.
„Па еден од начините инвеститорите да се обезбедат од стравот од инфлација е да инвестираат во хартии од вредност. Така, што, тој страв од инфлација генерално постои, а што се однесува до енергетската криза нема индикации дека нешто посебно ќе влијае на тргувањето и на инвестирањето во хартиите од вредност“ вели Петрушевски.
Станковски вели дека последните извештаи од Народна Банка и Министерството за финансии за инфлација од 2 проценти е на некој начин контролирана инфлација.
„Инвеститорите гледаат да си ги заштитат своите инвестици и затоа се склони и инвестираат во инвестиции кои ќе им донесат поголем принос од предвидената инфлација, за да си ја заштита куповната моќ“ објаснува тој.
Во однос на енергетската криза која претстои, а е светски проблем, Станковски вели дека се очекува да таа да им им ги зголеми трошоците на компаниите и намали нивните текови, а тоа секако ќе има негативен ефект врз инвестициите.
Акциите на фармацевтите со најголем пораст
Најтргувани хартии од вредност во овој период беа акциите на Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 48 милиони евра, потоа следат акциите на Алкалоид со вкупен промет од околу 10,4 милиони евра и акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу 10,3 милиони евра.
Акциите на фармацевтската компанија Алкалоид во првите девет месеци од годинава пораснале во просек за 26 проценти во однос на лани, тој период. Растот на вредноста на акциите на фармацевтските компании е и глобален тренд засега.
Дополнително светските берзи бележат нови рекорди на берзанскиот индекс. Петрушевски вели дека инвеститорите ги следат светските трендови, но генерално тоа нема големо влијание во одлуката за тргување на берза.
Пазарната капитализација залучно со 30.септемвр годинава на 96-те котирани компании бележи зголемување од 17,92% во однос истиот период минатата година.